Општество

ФИЛОЗОФИЈА: За среќата

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Што е среќа? И дали филозофите низ историјата на филозофијата размислувале за среќата? Дали поимот ја променил суштината, смислата, значењето на зборот од антиката па се до современието, се прашања кои го обременуваат современото општество. Поимот среќа е длабоко вкоренет во историјата на идеите како и културата на живеење, оттука различни филозофи во различно време размислувале и пишувале за среќата.

Во антиката, за среќата како животен идеал за првпат се сретнува кај Демокрит, а потоа и неговиот ученик, Епикур. Демокрит (460 – 370 п.н. е.), со прекар „Насмеаниот“ кој постојано бил во добро расположение, насмеан, доживеал длабока старост, помеѓу 90 и 100 г., а се верува поради стилот на живеење кој подоцна го преточил во филозофски идеал наречен евтимија (стр. грчки: духовна ведрина, животна радост, благост во душата). Евтимија како состојба на духот се постигнува со исправно одбирање на задоволствата, што истовремено не значи и стремеж кон наслада, состојба која се опишува како разумност, јасна непоматеност на духот, внатрешна рамнотежа при што душата станува господар над своите страсти и е обестрастена, ослободена од ниските нивоа на постоење. Нешто подоцна и следбеникот на Демокрит, Епикур (341 – 270 г. п.н.е) зборува за среќата. Првиот чекор според Епикур е ослободување од двата најголеми човечки страва: страв од боговите и страв од смртта. За него човекот не треба да се плаши бидејќи стравовите се нереални. Со ослободување од стравовите, ќе се постигне пријатно и радосно живеење, а вистинскиот живот е во согласност со „природните начела“ . Природно е секоја индивидуа да е во потрга по единствена цел, среќата. Патот до среќата оди преку препознавање на тоа што е добро и вистина, а што е лага и според тоа зло кое создава состојба на страдање. Се што е вистинито и вистина причинува задоволство, а се што ни нанесува болка, тага, страдање е зло, односно невистина и лага. При тоа Епикур нагласува дека духовните задоволства се поважни од телесните, бидејќи со телесните сетила само се чувствува моментот, сега и тука, додека со духот може да ги почувствуваме и минатото и иднината. Цел на среќното живеење е постигнување на атараксија, или во превод од стр. грчки духовно спокојство и смиреност. Аристотел (384-321 п.н.е) во делото „Никомахова етика“ пишува за среќата и ја објаснува преку идејата на еудаимонија, според која живот во хармонија со духот, се мисли на разум, карактер вклучително и доблестите е среќен односно добар живот. Се прашува кој е најдобриот начин да се води животот и да му се даде смисла на истиот? За Стагирецот, нашето најголемо добро, или среќа, се состои во тоа да се водиме и раководиме според разумот, кој секогаш не води по исправниот пат, по патот на средната вредност, што значи ниту премногу ниту премалку , „мерата е најдобра“.(пример: отповеќе храброст би билa бестрашност, а недостиг од храброст е страшливост, плашливост, оттука храброст е мера и средна вредност). Кој живее во склад со разумот, значи мерата, е среќен. Среќата, вели, не е состојба туку активност и како доблест или добрина, таа е длабока и трајна. Живеејќи ги нашите животи целосно во согласност со нашата суштинска природа која е рационална, значи разумна ние сме осудени да бидеме среќни. Џереми Бентам (1748-1832) англиски филозоф, еден од основачите на утилитаризмот ( lat. utilis, utilitas, корист, полза) како етички правец во филозофијата, се залага за „најголемо количество среќа за најголем број на луѓе“.Појдовна точка во утилитаризмот е стремежот на секој човек кон личната среќа. А таа се постигнува со самоспознание, со чинење она што е корисно за нас, што ни е од полза, а ослободување од болка. Општата среќа во едно општество е резултат на збирот од индивидуални среќи - единство на индивидуалното и колективното, единечното со општото.

Бертнард Расел, филозоф, логичар, математичар, нобеловец и еден од највлијателните филозофи на 20 век. напишал дело со наслов „Освојување на среќата“ во кое, во првиот дел ги објаснува причините за тоа во кој случај човек се чувствува несреќно, а во вториот дава конкретни насоки за тоа како да се живее среќно. Дефинира еден тип на луѓе кои ги нарекува „мудри“ кои се „иззживеани“, оние што ги доживеале сите задоволства од претходните времиња па дошле до некаков заклучок дека животот нема смисла да се живее. Тоа се луѓе горди на својата несреќа, која ја припишуваат на “природата на вселената“ и сметаат дека нивната позиција на „просветлен човек“ е единствено возможна. Веројатно, продолжува Расел, тие луѓе имаат чувствувааат некаква компезација од чувството на поголема вредност затоа што ги виделе работите, но тоа сепак не е оправдание за пропуштените мали радости. За Расел, среќниот човек живее во рамките на своите можности и ограничувања, и генерално наведува 4 елементи кои се неопходни за човек да ја почувствува среќата и радоста во животот: 1.здравје, 2.имање доволно средства за живот, 3. среќни лични односи (доволен број на пријатели) и 4. успешна работа. Денес, среќата во пихологијата како филозофска дисциплина, и психијатријата, е во фокусот на интерес. Еден од водечките современи психотерапевти, научник, лекар, автор на повеќе од 30 дела, е рускиот психијатар Михаил Ефимович Литвак, познат по теоријата наречена „психолошко аикидо’, смета дека доколку се живее тежок живот, тоа не исправен пат и треба соочување со внатрешниот непријател – психолошко аикидо.. Среќата е резулатат на разумноста, истото што го зборува и Аристотел - колку поразумен човек, толку посмирен и посреќен.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано