Општество
Граѓанската вклученост всушност и ги зајакнува односите меѓу заедниците и нивните локални власти
Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
Н.Е. Вероник Улман, амбасадор на Швајцарија во РСМ
Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП
Мојата земја, Швајцарија, е широко признаена како една од најдецентрализираните држави во светот, а нашето искуство покажува дека демократијата напредува кога граѓаните не само што се добро информирани туку и активно вклучени во одлуките кои влијаат на нивните животи. Во сржта на швајцарската демократија е вербата дека вклученоста на граѓаните води до посилни, поотпорни заедници, каде што поединците чувствуваат дека ја имаат моќта да влијаат врз јавните политики и иницијативи. Преку охрабрување на граѓаните да учествуваат во клучните области како што се распределбата на буџетот, урбаното планирање и развојот на локални проекти, власта со сигурност ќе ги слушне интересите на различните заедници, што доведува до поодржливи и инклузивни решенија.
Граѓанската вклученост всушност и ги зајакнува односите меѓу заедниците и нивните локални власти. Кога луѓето имаат можност директно да кажат како треба да се распределуваат ресурсите или како треба да се одлучува за проектите, тие ги чувствуваат овие одлуки како свои и го поддржуваат квалитетното спроведување на овие исти одлуки. Токму ова чувство на сопственост поттикнува доверба и соработка, а дијалогот воспоставен меѓу граѓаните и владата придонесува за поголема транспарентност, меѓусебно разбирање, одговорност и стабилност.
Швајцарија преку две децении ги поддржува реформите за добро управување во Северна Македонија, фокусирајќи се на транспарентноста, учеството, одговорноста и ефикасноста. Преку проекти како Форуми во заедницата, Зајакнување на општинските совети и Поддршка на изборните реформи, Швајцарија ги поддржува граѓаните и општините да се вклучат во политички, во финансиски и во оперативни одлуки со цел да се промовира инклузивен локален развој, ефикасно користење на јавните ресурси и успешна имплементација на проекти.
Швајцарија е посветена да продолжи да ги поддржува демократските институции на локално и на национално ниво, овозможувајќи да се слушне гласот на граѓаните и придонесувајќи во обликување на иднината на земјата.