Општество

Со дигитализација до промена на културата на работење на јавниот сектор

Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација



Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП



Формирањето на Министерството за дигитална трансформација не беше само обична административна или политичка одлука, туку стратешки чекор. Тоа јасно ја отсликува определбата на оваа влада да ја постави дигитализацијата како еден од своите највисоки приоритети. Причината за формирање на ново, посебно Министерство за оваа област лежи во нашата убеденост дека дигитализацијата е клучот за создавање на ефикасна, транспарентна и граѓански ориентирана администрација која активно се спротивставува на корупцијата.
Нашата визија за ефикасна администрација е нераскинливо поврзана со процесот на дигитализација. Веруваме дека само преку целосна дигитална трансформација можеме да создадеме јавен сектор кој навистина ќе им служи на потребите на граѓаните во 21 век. Затоа работата на Министерството не се ограничува исклучиво на имплементација на технички решенија, туку и на законска редефиниција на процесите, реобмислување на бирократскиот апарат и обука на кадрите, што се надеваме ќе води кон промена на организациската култура во јавниот сектор.
На локално ниво, проширувањето на „Една точка за услуги“ низ општините е наш приоритет и во првата година од мандатот ќе го дуплираме бројот на центри за услуги во државава. Со локалната самоуправа работиме на дигитализација на општинските услуги и нивна интеграција на Националниот портал за услуги (uslugi.gov.mk). Нашата цел е до крајот на следната година барем 50 % од општините да имаат дигитализирано најмалку 30 % од своите услуги. На овој начин, ние не само што ја зголемуваме ефикасноста туку и ја зајакнуваме транспарентноста − суштински елемент на демократијата. Нашата визија е секој граѓанин да има пристап до административните услуги преку еден клик, без оглед на локацијата каде се наоѓа.
Сајбер безбедноста е клучен столб на нашата стратегија за дигитална трансформација, што ќе придонесе кон заштита на нашите дигитални ресурси и инфраструктурни системи. Крајната цел на сите овие напори е јасна − да ја изградиме Македонија во држава во која дигиталните иновации водат кон економски раст, задржување на талентите и, најважно, да имаме задоволни граѓани.

ПРЕПОРАЧАНО