Општество

Седумнаесет години од хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце

12.01.2025

Во Катлановско Блаце денеска ќе се одбележи седумнаесетгодишнината од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот ВИНГ, кои се враќаа од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

По тој повод делегација од Министерство за одбрана и Генералштабот на Армијата, составена од министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, ќе положат венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце.

Припадници на воздухопловниот ВИНГ ќе положат свежо цвеќе и на спомен-обележјето пред командата во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Во хеликоптерската несреќа, пред седумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски. 

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Сашко Лафчиски положија венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце, каде пред 17 години во хеликоптерска несреќа трагично ги загубија своите животи единаесет припадници на македонската Армија враќајќи се од мировната мисија „АЛТЕА” во Босна и Херцеговина.

- Оддаваме почит на нашите загинати припадници на Армијата и на нивните семејства. Да го зачуваме споменот и да не го заборавиме нивното херојско дело, за мирот и безбедноста.
Во спомен на Тони Спасовски, Горан Ристовски, Бране Спасовски, Игор Ѓорески, Славчо Василев, Тони Давитковски, Јанко Шириќ, Александар Тасковски, Мики Ивановски, Александар Васиќ, Златко Вељаноски. Нека им е вечна слава!, објави министерот Мисајловски на неговиот фејсбук профил


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО