Општество
Вевчани подготвено за фестивалот на сатирата
12.01.2025
Речиси 15 вековната традиција повторно го разбранува духот на Вевчани. Хуморот и сатирата и годинава ќе преовладува на 13 и 14 јануари, на празникот посветен на Свети Василиј Велики. Според традицијата, на автентичен начин жителите на ова под Јабланичко село ќе се пошегуваат со негативните состојби во земјава и светот и ќе испратат силна порака за позитивни промени.
Преку необично преплетување на пагански и христијански обичаи, на само за Вечани препознатлив начин организирани во две групи, Долна и Горна маала василичарите и годинава ќе се обидат да го избркаат злото со благослов за среќно и бериќетно ново лето.
Дефилето на креативните василичари, често пати нарекувано театар на отворено, без сценарио и режија, традиционално почнува утре, околу 14 часот од влезот на селото, движејќи се кон центарот на Вевчани каде го играат традиционалното василичарско оро. Поворката ја предводат зетот, невестата, глупавите Августи и ѓаволите, сите со своите симобилики. Зетот и невестата се симбол за плодност, продолжување на семејството, додека ѓаволите се обидуваат да го победат човекот.
На сатиричен и за нив препознатлив начин, вевчанци утре, точно на полноќ ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат Новата година по Јулијанскиот календар. Преку маските испраќаат силни пораки годината да биде бериќетна и среќна, исполнета со здравје и позитивни општествени промени. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година.
Традиционално, на 14 јануари, доцна попладнето завршуваат карневалските случувања со палење на маските и василичарското оро во центарот на Вевчани. Со тоа се смета дека е избркано злото, а жителите на ова мало населено место уште од следниот ден почнуваат да размислуваат како ќе се маскираат идната година.
Преку спој на традицијата и модерното Вевчанскиот карневал е туристичка атракција, каде покрај посетители од државата, доаѓаат гости и од странство.За поголема афирмација и поголема посетеност се организира дводневна музичка програма. Вевчанци и гостите вечер ќе ги забавуваат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрането пушење“, а за утрешната забава ќе бидат задолжени „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“ , Перо Бели и Коки Биоритам.
Извор/фото МИА