Општество
Рокас: Искористете го моментумот на наклонетост во ЕК за почеток на преговори за членство
17.01.2025
Сите политички партии треба постојано да придонесуваат за јакнење на улогата на Собранието како форум за конструктивен и инклузивен политички дијалог во насока на забрзување на реформите за членство во Европската Унија, повика амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас денеска во Парламентот, на заедничка седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред беше Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.
Рокас во обраќањето кажа дека треба да се искористи, како што рече, моментумот на наклонетост во Европската комисија кон нашата земја за почеток на преговори за членство во Унијата.
- Би сакал да ве поттикнам да го искористите тековниот момент на наклонетост кон проширувањето. Има вистински моментум, има вистинска посветеност. Од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон Европската Унија. Како што сите сведочевте во последните неколку извештаи од Брисел, има голем интерес и благонаклонетост кон Република Северна Македонија да се отвори првото поглавје во преговорите. Новиот претседател на Советот, новиот комесар за проширување и новиот потпретседател на Комисијата Калас, сите ја изразија поддршката за вашиот пат кон ЕУ, рече евроамбасадорот.
Евроамбасадорот укажа дека изборите и именувањата „на одредени позиции во државни институции и агенции треба да бидат навремени и да се темелат на заслуга“ и европско знаменце при донесување закони да се употребува само кога се работи за закони за усогласување со законодавството на Европската Унија.
Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков во своето излагање на седницата посветена на Извештајот на ЕК за напредокот на државава, истакна дека од Европската комисија „добивме објективна слика за подготвеноста на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година“.
Претседавачот на собранискиот Национален совет за евроинтеграции Венко Филипче на седницата рече дека забрзувањето на реформите во клучните области е неопходно за напредокот на државата и дека „сите треба да дадат придонес за отворање на првиот кластер“. Филипче најави дека во следниот период ќе има почести седници на ова собраниско тело.
Извор/фото МИА