Општество
НЕДОСТИГОТ НА ЛЕКОВИ НА ОНКОЛОГИЈА Е ПОРАДИ НЕСООДВЕТНО ПЛАНИРАЊЕ ВО 2024 ГОДИНА, изјави Сашо Клековски, директорот на ФЗО
21.01.2025
Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија. Дел од нив, во моментов нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
- Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.
Марјановиќ нагласи дека како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на Позитивната листа.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски во изјава за МИА вели дека од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) се информирани за недостигот на одреден број лекови, откако пациенти на Клиниката претходно денеска алармираа дека се соочуваат со недостиг од биолошка терапија.
- Според информациите од Клиниката, тоа е поради несоодветното планирање во 2024 година, премин од 2024 во 2025 годинa и зголемен број на пациенти во декември. Фондот во 2024 година за УКРО одобри дополнителни пет милиони евра. Фондот работи на договор на зголемен буџет за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, УКРО треба да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите на посебните терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење, подвлекува Клековски за МИА.
фото freepic