Општество
ЕУ | ДРАГАН ТИЛЕВ: Вештачката интелигенција во служба на пристапните преговори
Драган Тилев Авторот е поранешен државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2025г.
Иднината е менлива и непредвидлива. Но, секој што следи што се случува на глобален план може лесно да заклучи дека единствената предвидлива константа во нагорна линија со експоненцијален тренд е развојот на вештачката интелигенција, најголемата техничка револуција споредена со која било друга револуција досега. Примената на вештачката интелигенција ќе биде масовна и масивна. Секој што ќе ја игнорира, или нема да успее да фати приклучок, ги става под знак прашање својата иднина и својот економски развој.
Јас, уште од сега, го ставам користењето на вештачката интелигенција и како предуслов за успешна интеграција на земјава во Европската Унија и, со помош на нејзиниот потенцијал, за успешни и забрзани пристапни преговори. Да нема забуна, човекот сè уште не може да биде заменет со машини (засега), но машините и денес масовно може да се користат за олеснување на многу комплексни процеси, токму каков што е и процесот на пристапни преговори. Тоа би можело да доведе до забрзување на интеграцијата на нашево општество во структурите и во правниот систем на Европската Унија. Патем, Европската комисија масовно и сè подлабоко ја вклучува вештачката интелигенција во својата работа, вклучително и за обезбедување поквалитетни прописи, брз превод на сите официјални јазици на сите продуцирани документи, продлабочени и компаративни анализи, пресметка на трошоците итн. За илустрацијата да биде и повпечатлива, нашите соседи Албанија и Србија, но и Молдавија и Украина веќе користат одредени елементи од вештачката интелигенција во својот пристапен процес и во преговорите со ЕУ. Вештачката интелигенција веќе радикално го трансформира начинот на кој земјите кандидатки се приближуваат кон Брисел. Ова не е технологија на иднината, туку орудие за конкурентност што ние не може да си дозволиме да го игнорираме. Во сложената партија „шах“ која ја играме со ЕУ мора да користиме и „дигитален советник“.
Несомнено е дека вештачката интелигенција може да се искористи како двигател на пристапните преговори со ЕУ, користејќи го потенцијалот на дигиталните технологии во процесот на европска интеграција. Процесот на пристапување кон Европската Унија е сè поинтензивен, комплексен и бара висок степен на координација, на техничка експертиза и на правна усогласеност. Македонија, како земја кандидатка со веќе завршен процес на скрининг и подготовка за отворање на преговарачките поглавја, се соочува со бројни предизвици: обемна регулаторна хармонизација, ограничени административни капацитети, комплексна правна терминологија и потреба за временски ефикасно дејствување.
Во овој контекст, вештачката интелигенција претставува можен клучен ресурс за забрзување на процесот на интеграција со нејзино користење како алатка за зголемување на аналитичките капацитети на нашава администрација и на академската заедница. Имено, еден од најголемите предизвици за секоја земја кандидатка е обработката и разбирањето на огромниот обем документи кои произлегуваат од т.н. скрининг извештаи, односно темелните анализи за степенот на усогласеност на националното законодавство со правото на ЕУ (acquis). Ние сме веќе во процес на анализа на овие извештаи за сите шест кластери, почнувајќи од темелните вредности и владеењето на правото, па сè до економските и административните критериуми. Примената на вештачката интелигенција, особено напредни алгоритми за обработка на текстовите од скрининг извештаите, може значително да го забрза процесот на анализа. Таквите системи можат автоматски да издвојат приоритетни препораки, да ги категоризираат според нивната итност, институционалната надлежност и тематската припадност (на пример: јавни набавки, животна средина, дигитална трансформација, но и хоризонтални теми како што е корупцијата) и да предложат матрица на ризици и мерки за подобрување на состојбите.
Правото на ЕУ (acquis) се состои од повеќе од 160 000 страници регулативи, директиви, одлуки и судски пресуди и дополнителни 25 000+ технички стандарди. Секој кој некогаш се обидел да го прочита правото на ЕУ знае дека тоа е како да се обидете да го испиете Охридското Езеро со сламка. Затоа транспонирањето на европското законодавство во националниот правен систем бара систематичен пристап, а вештачката интелигенција може да биде нашиот „турбомотор“ преку автоматизирана идентификација на правните акти што се релевантни за секој кластер и нивно категоризирање според тип (директива, регулатива), сектор (енергија, конкуренција, земјоделство) и степен на правна обврзност. Понатаму, алгоритмите може да споредуваат европски норми со постоечкото домашно законодавство и да покажат каде постојат преклопувања, несоодветности или празнини. На тој начин, институциите би можеле побрзо да изработат приоритетен законодавен календар со јасна временска рамка за усвојување на потребните измени како основа за Националниот план за усвојување на правото на ЕУ 2025 − 2030 година.
Преводот на европското законодавство на македонски јазик, како и на националните прописи на англиски за потребите за проверка од страна на ЕК, е не само јазичен туку и правен и политички процес. Дигиталните алатки за машински превод денес нудат извонреден квалитет во преводот на административната и на правната терминологија. Овие системи можат да се интегрираат во работата на Министерството за европски прашања, на Секретаријатот за законодавство, на Генералниот секретаријат на Владата и на собраниските служби каде што се подготвуваат и се ревидираат законски предлози и подзаконски акти. Со комбинација на превод преку вештачка интелигенција и човечка лекторска интервенција се овозможува побрзо и поточно доближување до европските правни стандарди, како и подготвување на квалитетна документација за презентација пред европските тела.
Проценката на влијанието на новите ЕУ-правила врз домашниот систем е од круцијално значење. Секоја промена во законодавството како резултат на усогласување со правото и со нормите на ЕУ може да има значајно влијание врз институциите, бизнис-заедницата и граѓаните. Модели на вештачка интелигенција може да се користат за предвидување на последиците од транспозицијата на конкретен пропис, односно дали ќе биде потребна нова институционална структура, какви ќе бидат ефектите врз постојните закони и какви промени ќе претрпат процедурите на национално ниво. Преку симулација, вештачката интелигенција може однапред да го оцени степенот на потребна правна и на административна интервенција, што ќе им овозможи на институциите подобро планирање и рационализација на трошоците.
Во тој контекст, транспонирањето на ЕУ-законодавството бара не само законска туку и финансиска подготовка. Вештачката интелигенција, преку анализа на податоци од други земји членки, може да помогне да се направат пресметки за буџетски импликации и проценка на капацитети потребни за имплементација на новите прописи. Овие алатки може исто така да ги проценат потребите за човечки капацитети: колку нови административци треба да се обучат, кои институции ќе имаат најголем товар и каде е потребна техничка поддршка од ЕУ или од други донатори.
Еден од најделикатните аспекти на преговорите е утврдување на временската динамика и следење на напредокот, односно кога, колку брзо и со каков редослед да се движи земјава низ пристапните преговори во шесте кластери, трите области и 33-те преговарачки поглавја. Вештачката интелигенција може да креира модели кои ќе предложат најефикасна патека на усогласување. Алгоритмите може да земат предвид повеќе фактори – капацитети, итност на реформите, достапност на средства, политичка волја и административни ризици – и да создадат реални временски рамки за исполнување на обврските. Истовремено вештачката интелигенција може да се користи за мониторинг на напредокот. Секоја институција би можела да води свој преглед за статусот на транспозиција, за степенот на имплементација и за идентификувани пречки, а соодветните координативни тела, пред сè Министерството за европски прашања, ќе можат да имаат консолидиран преглед и навремено да интервенираат во случај на доцнење или на отстапување од планот.
Важно е од самиот почеток да се потенцира дека успешната примена на вештачката интелигенција во пристапните преговори бара не само технолошка инфраструктура туку и силна институционална поддршка, меѓусекторска соработка и етичка регулација. Секако дека ќе биде потребна и континуирана обука на јавната администрација, развој на домашни дигитални решенија, од една страна заради заштита на чувствителните податоци, но од друга страна и заради транспарентност во користењето на алгоритмите. Дополнително, партнерствата со академската заедница и ИТ-индустријата се клучни за да се создаде одржлива архитектура за користење на вештачката интелигенција, втемелена на научна основа и на практични резултати.
Сите предности на вклучувањето на вештачката интелигенција во процесот на пристапни преговори водат кон единствен заклучок, дигитализирана европска интеграција. Технологијата е тука, останува отворено прашањето за волјата за нејзиното правилно и навремено користење. Вештачката интелигенција има потенцијал да стане нашиот најсилен „таен сојузник“ во преговорите со ЕУ.
Нашиот пристапен процес кон ЕУ е најзначајниот државен проект во последниве децении. Тој бара максимална мобилизација на ресурси, на стручност и на визија. Вештачката интелигенција не е замена за политичката волја или човечка експертиза, туку нејзин важен сојузник. Доколку се применува стратешки, вештачката интелигенција може да стане двигател на поефикасни преговори, на поквалитетни анализи, на подобри проценки и на побрза хармонизација со европските стандарди. Најголемата грешка би била да се третира вештачката интелигенција како екстравагантен експеримент наместо како основна инфраструктура за преговорите.
Како да го изградиме нашиот дигитален мост кон Брисел? Едноставно, за да изградиме нешто мора да почнеме, прво, со креирање на центар за дигитални преговори во рамките на постојната структура за преговори, второ, воспоставување на партнерство со некој од технолошките гиганти и трето, со прв „лабораториски проект“ во пракса (пример, може да започенеме со поглавјето: Животна средина и климатски промени или поглавјето: Енергетика).
За една мала земја како Македонија, со ограничени ресурси, но со здрави и реални амбиции, дигиталната трансформација на европскиот пат не е опција, таа е нужност. Или ќе бидеме дигитални играчи или ќе бидеме дигитални жртви. Но, истовремено мора да биде јасно дека вештачката интелигенција не е волшебно стапче што ќе ги реши сите наши проблеми, но секако е најдобриот лост што може да го употреби мала земја како нашава за да се избори за фер шанса. Изборот е наш.