Бизнис
Секој граѓанин ќе добие готовина од 100 евра, владата во Јужна Кореја донесе програма насочена кон стимулирање на домашната потрошувачка
05.07.2025
Владата на Јужна Кореја од 21 јули ќе почне да им исплаќа парична помош на сите граѓани, како дел од владината програма насочена кон стимулирање на домашната потрошувачка. Овој потег дојде откако кабинетот одобри дополнителен буџет од 23,3 милијарди долари, кој беше усвоен од Националното собрание минатиот петок.
Програмата за исплаќање готовина е клучен дел од првиот дополнителен буџет на администрацијата на претседателот на државата, а исплатата ќе ги опфати сите граѓани што живеат во земјата од 18 јуни, денот пред објавувањето на планот. Секој граѓанин ќе добие еднократна исплата во просек од околу 100 евра.
Tочниот износ на дополнителна помош ќе се додели врз основа на приходот. Граѓаните со пониски приходи, како и семејствата со еден родител, ќе добијат 186 евра, додека домаќинствата со најниски приходи ќе бидат покриени со 250 евра.
Дополнително, за поддршка на балансираниот регионален развој, жителите надвор од главната област на Сеул, вклучувајќи ги покраината Ѓеонгџи и Инчон, ќе добијат дополнителни 20 евра, додека жителите на 84 специфични рурални и рибарски заедници кои се соочуваат со намалување на населението ќе добијат уште 30 евра.
Програмата ќе трае осум недели, а исплатата ќе биде завршена до 12 септември.
Вториот круг исплати, кој ќе се одржи помеѓу 22 септември и 31 октомври, ќе обезбеди дополнителни 60 евра за најсиромашните. Заменик-министерот за внатрешни работи Ким Мин-џе, кој ја предводи работната група за спроведување на програмата, рече дека целта е да се помогне во економското закрепнување на земјата преку зголемени трошоци и поддршка за оние на кои им е најпотребна, објави Политика.
фото freepic