Општество

За Илинденски коњички марш пријавени педесетина коњаници

На конкурсот за учество на традиционалниот коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“ по 47. пат по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден, годинава се пријавија околу педесетина коњаници.

Коњичкиот марш, како што соопштија од здружението, традиционално стартува од паркот „Јане Сандански“ во Општина Аеродром кога на коњаниците им се предава општинското знаме, а крајната дестинација е Крушево, каде што треба да стигнат на 2 август. Коњаниците придружувани од фаланга и игроорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатуваат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.

Пред испраќањето на илинденците, секоја година се одржува свечена литургија, по што традиционално се организира и богата музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници.

Покровител на коњичкиот марш е претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а Општина Аеродром финансиски ќе го поддржи настанот како една од најголемите и најзначајните манифестации во Аеродром, со цел да продолжи негата традицијата и македонската култура, се вели во соопштението од „Илинденски марш 1978“, објави МИА.


Фото: „Илинденски марш 1978“

ПРЕПОРАЧАНО