Општество
Не постои уметничко лето како охридското! – изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова на отворањето на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“
13.07.2025
Со гала-концерт на светски познатата пијанистка Клер Хуангчи и извонредните уметници од Националната Филхармонија на Република Северна Македонија, а под диригентката палка на маестро Едвин Оутвотер, во магичниот амбиент на Античкиот театар вчеравечер беше отворено 65. издание на фестивалот „Охридско лето“. Во духот на годинешното мото „Трансформација на сетилата“, виртуозноста на уметниците беше оплеменета со 3Д мапинг на португалскиот сценарист Рафаел Карико. Охрид имаше вечер кога класиката ја запозна традицијата. На сцената на Охридско лето, светски познатата пијанистка Клер Хуангчи го изведе Пајдушко оро заедно со Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Едвин Аутвотер од САД. Пајдушкото.
Повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста, а Охрид од вечерва па се до 20 август ќе биде центарот на светските уметнички дострели, обединувајќи ги музиката и театарот во трајни аудио-визуелни импресии.
Охрид од вечерва се до 20 август ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи фестивалот „Охридско лето“. Со гала концерт на американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, во придружба на орекестарот на Македонската филхармонија под диригентска палка на маестро Едвин Оутвотер вечерва на Античкиот театар беше отворено годинешното 65-то издание на најголемата и најпознатата музичко сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, која истакна дека вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку безвременска...
Во фестивалските ноќи, како што истакна Сиљановска – Давкова, кога уморното сонце ќе зажари и исчезне, а уметноста пее и игра со универзумот, кога охриѓани ќе ги прифатат славните, но и обичните новодојденци како блиски пријатели, кога градот ќе стане светска уметничка република, чии сезонски жители се жедни и желни за уметност, секој знае и чувствува дека се случува „Охридско лето" во кое учествуваат врвни културни творци и дејци.
- Охрид се отвора како волшебна школка и од него излегува највредниот бисер – уметноста. Шеесет и пет години „Охридско лето" е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар. Шеесет и пет години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот. Секоја нота, секој стих и мисла, секој глас и чекор се слеваат во охридската летна симфонија. Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни, духовни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето" прераснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Охрид е еден, Охрид е Охрид! Не постои уметничко лето како охридското! Не постои фестивал како охридскиот!, рече претседателката Сиљановска – Давкова и повика да ги отвориме срцата, да и дозволиме на уметноста да не зароби и да не преобрази, да и се препуштиме на новата фестивалска идила.
Пред аудиториумот на Античкиот театар се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку духовен завет, жива врска меѓу минатото и иднината, меѓу сјајот на Охрид како вечна духовна престолнина и неговата модерна, европска културна виталност.
- „Охридско лето“ не е само фестивалска програма – тоа е хроника на незаборавни уметнички средби, духовен календар на едно народно живеење што секое лето блеска во својата најчиста форма...Овде музиката не одекнува само во просторот, туку и во времето. Овде уметноста не се изведува – таа се случува, се памети и се вградува во нашата колективна културна меморија, рече тој.
Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе актерот Ѓорѓи Јолевски, кој долго време и самиот беше селектор на драмската програма на „Охридско лето“.
- Да се отвори фестивал како што е „Охридско лето“ дефинитивно е чин на пркос. Во свет каде што сè се мери – едноставно, уметноста не може. Вечерва сме овде, во прекрасниот антички театар во Охрид, поради нешто што не може да се купи, ниту пак да се измери. А тоа е Присуството. Доживувањето. Смислата – макар и за миг. Дојдовме овде, покрај ова древно езеро, во градот на Свети Климент – не само да отвориме уште едно „Охридско лето“ туку да му дадеме Смисла. Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор. Не агресивен, не бучен — туку контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што мислиме дека е најважна, туку затоа што е неопходна, рече тој.
Извор/фото МИА