Општество

КОЛУМНА | ГОРДАН ГЕОРГИЕВ: Почва, храна, туристи и вештачка интелигенција

Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Неверојатно звучи, шокантно изгледа, а вистина е дека новата американска администрација под водство на Доналд Трамп им објави војна не на Иран, не на Русија, не на Северна Кореја, туку ни помалку ни повеќе на најдобриот универзитет во светот, американскиот Харвард. Војната е идеолошка, во нејзината најсоголена форма. Таа се темели на неколку точни и полуточни премиси за функционирањето на високото образование во САД. Во многу груби рамки, Трамп и МАГА-движењето сметаат дека најелитните американски универзитети се големи инкубатори на левичарската идеологија (делумно точно), дека премногу фокус ставаат на идентитетските политики и на социјалната инклузија (точно), дека создаваат затворен елитистички клуб на студенти и идни професионалци кои потоа како циркулирачки елити ги водат државата и светот (точно во голема мерка) и дека има преголем број на странски студенти кои ја нарушуваат кохезијата на американското високо образование и на американското општество и де факто се дискриминираат американските студенти (целосно неточно). За оние кои не знаат што точно претставува Харвард (и останатите педесетина елитни образовни институции во САД), еве мало појаснување. Тоа е интелектуално собиралиште на најголемите умови на планетава од чии лаборатории се создаваат најголемите достигнувања на човековата раса во сите можни области кои можете да ги замислите, од медицина до земјоделие. Тие 25 отсто странски студенти (околу шест илјади годишно) се буквално најдобрите и најбрилијантните умови кои потекнуваат од други држави, а сонот им е да се запишат на Харвард. Тие 25 отсто „странци“ се директна додадена вредност на САД, таму создаваат, таму ги смислуваат патентите и пронајдоците, таму го добиваат најдоброто можно образование и потоа евентуално од таму го пренесуваат низ светот. Забраната за запишување на странски студенти на Харвард и опасноста од прекинување на образованието на веќе запишаните илјадници странски студенти е директна закана за еден од најдобрите извозно-увозни производи на САД: високото образование. Оваа антиелитистичка битка долго се подготвуваше во Америка, а последиците од неа допрва ќе ги сумираме.
Македонија е далеку од Америка, тоа знаеме. Знаеме и дека македонското високо образование е еден од најлошите сегменти во македонското општество, во голема мерка нереформирано, крајно морално и фактички корумпирано, образование кое „произведува сериски“ дипломи и продуцира во основа антиелити кои потоа ги преплавуваат политичкиот спектар и јавната администрацијата, создавајќи невиден „расипан“ систем кој, де факто, ги демотивира добрите, учените, некорумпираните.
Овој подолг вовед не навестува колумна на тема високо образование, туку е само контекст во кој би можела да се преобмисли Македонија бидејќи ако не успееме да ја преобмислиме Македонија, не ни е добра работата.
Многу години поминаа, многу влади продефилираа, многу трагедии и неправди преживеа народот што живее на ова поднебје. Денес, во 2025 година, речиси вообичаен муабет меѓу пријатели и роднини е изгубената надеж дека државава може да пркне и да оди напред, дека ништо и никој не може да помогне оваа држава да се оправи. Тоа е резултат на тешка форма на колективна општествена депресија. Да, политичките партии ќе победуваат на избори и ќе губат, граѓаните ќе гласаат или нема да гласаат, карванот ќе врви некако, но доколку една нација нема долгорочна самодоверба и план за иднината, таа нација е осудена на пропаст.
Кога една држава ќе се погледне себеси преку огледалото на своите најмлади граѓани таа не гледа само сегашност, туку го гледа и огледалото на својата иднина. Извештајот на УНИЦЕФ за состојбата со децата и со адолесцентите во Северна Македонија во 2024 година (https://www.unicef.org/northmacedonia) не е само статистичка слика – тој е аларм кој укажува дека иднината не е загрозена поради недостаток на ресурси, туку поради недостаток на политичка волја, на координација и на долгорочно визионерство.
Извештајот злокобно имплицира дека за 20 години Македонија би можела да стане земја со хронично ослабена човечка инфраструктура – држава без критична маса на здраво, образовано и социјално инклузивно младо население.
Сиромаштијата кај децата во земјава не е само социјален предизвик – таа е системска аномалија. Над 32 % од децата живеат под националниот праг на сиромаштија. Зад оваа бројка се кријат реални приказни на деца кои растат без основни предуслови за достоинствен живот – без адекватна исхрана, без пристап до здравствена грижа или без стимулирачко образовно опкружување. Ако една третина од идната работна сила расте во сиромашни услови, тогаш каков ќе биде економскиот и социјалниот капацитет на државава во 2045 година? Ако ова не се промени, државава ќе создаде армија на хронично исклучени граѓани кои не учествуваат ниту во пазарот на трудот ниту во граѓанскиот живот.
Образованието, клучниот мотор на човечкиот капитал, денес тапка во место, а на моменти и назадува. Според извештајот, две третини од учениците не поседуваат основни вештини за читање, за математика или за наука. Со вакви резултати, Македонија ризикува да влезе во круг на продукција на генерации со ниска конкурентност, без капацитет да одговорат на барањата на современата економија, дури и на најосновно ниво.
Покрај тоа, загадувањето на воздухот е меѓу највисоките во Европа, со директни последици врз здравјето. Без итна и енергична зелена транзиција, климатските промени ќе го влошуваат секој облик на детска ранливост: од респираторни болести, преку топлотни удари, до емоционална нестабилност пред несигурна иднина.
Најмалку една третина од адолесцентите покажуваат знаци на умерена до тешка депресија. А пристапот до услуги за ментално здравје е минимален. Во општество каде што депресијата, анксиозноста и осаменоста се маргинализирани, ризикуваме да загубиме цела генерација која тивко страда – без дијагноза, без терапија, без перспектива.
Ако ништо не се смени, Македонија во 2045 година би можела да биде демографски испразнета држава, со висок процент на стари и на болни граѓани, осиромашена средна класа, неконкурентна економија и длабоко фрагментирано општество. Но, ова сценарио не е неминовно.
Знам дека вакви извештаи сме читале и порано и знам дека вакви или слични извештаи може да се најдат за речиси секој сегмент од македонското општество: здравство, социјала, екологија, инфраструктура, пазар на труд, безбедност, корупција итн. И исто така знаеме дека корените на оваа национална трагедија (да, токму тоа е вистинскиот збор!) можеме да ги бараме во општата корумпираност на речиси сите делови на системот, корумпираната и клиентелистичката природа на политичките партии, како и општото разочарување на граѓаните од функционирањето на политичкиот систем (демократија, судство, дисторзиран пазар итн.).
Македонија денес не е уште една обична приказна за држава во криза. Македонија не боледува од болест која може да се лекува со стандардни лекарства. На Македонија ѝ треба шок-терапија која ќе ја измести од тежиштето и ќе ја постави на нови основи.
Не треба да сме економисти за да разбереме дека стандардните приказни за економски раст од 3, од 4, од 5 отсто се недоволни. Ете, ги одживеавме и тие приказни, но државава не оди напред. Краткотрајната радост на политичките елити дека овој или оној странец одлучил да инвестира баш во Македонија и да прави кабли, автомобилски делови, автобуси или челични профили е купување социјален мир и сируп на лажичка за македонската економија. Тие карвани се тука и ни помагаат да преживееме, но тие карвани нè ставаат во позиција да бидеме една мала алка во системот на производство чиј кајмак другите го јадат.
Македонската економија е реактивна, а политичките елити се тркаат да донесат странски инвеститор за што било за да можат да пресечат црвена лента и да вработат 10, 100, 1 000 луѓе за да го купат социјалниот мир до следните избори. Тоа ја прави Македонија уште едно место на географската карта во која живее евтина работна сила, корумпирани политички елити со кои може да се работи и да се заврши работата и место каде што (привремено) странскиот капитал може да си најде прибежиште... до следната дестинација на карванот или на патувачкиот циркус.
Но, нашиот кајмак, македонскиот, верувам дека е на друго место. Тука е, пред нас, иако одбиваме да го погледнеме. Навраќајќи се на кризата на Харвард, а мислејќи постојано на Македонија, следејќи ги глобалните текови и премрежја со кои се соочува светот, на ум ми паѓа идејата за Македонија како добро место за живеење, за работа и за престојување, не само за нас туку и за другите.
Еден просветлен политички ум, водство на една држава, политичката, интелектуалната и економската елита можеби можат да смислат што ѝ треба на Македонија и која е нашата компаративна предност.
Ете, нека ангажира Владата десетина врвни професори од Харвард (сега можеме и за поевтини пари да ги најдеме!) за да подготват извештај и акциски план за дејствување, имајќи ги предвид постоечките капацитети на државава и контекстуализирајќи го сето ова во глобалните текови. Знаете отприлика каков ќе биде тој извештај?
Дека на Македонија ѝ треба чиста почва, квалитетна храна за дома и за извоз, добри туристи и голема инвестиција во вештачка интелигенција (ВИ), дата центри и развој на ВИ-платформи и апликации.
Се разбира, фокусот на овие неколку аспекти подразбира и „странични“, но клучни инвестиции во инфраструктура, во патишта и во други типови на логистичка поддршка, но кога визијата е јасна и трансгенерацискиот договор е цврст, овие работи се логична придружна рамка за остварување на крајната цел. Како што светот оди напред (злобниците и претпазливите би рекле дека светот оди назад!) во технолошка смисла, другите традиционални ресурси одат драматично назад. Колку што вештачката интелигенција напредува, толку правопропорционално квалитетната храна и вода стануваат редок ресурс, почвата драматично се загадува и светските потреби за овие ресурси ќе стануваат драматични. Од друга страна, технологијата станува достапна за многумина и можноста да се биде добар на технолошко ниво дури и во сиромашни држави (Индија..., Македонија) станува реална. Македонија има луѓе за оваа работа. Македонија може да има добра почва доколку се направи радикален рез против загадувањето на почвата. Македонија (сè уште) има добра храна (зеленчук, овошје, житарки) која може да биде уште подобра. И конечно, Македонија со ваков пристап може да привлече одлични и просветлени туристи кои бараат многу повеќе од излежување на лежалки на Халкидики на 45 Целзиусови степени. Ви звучи логично? Ви звучи остварливо? Имаме ли друг план?

ПРЕПОРАЧАНО