Економија
ПО ЦАРИНСКИОТ СПОР СО САД - ЕУ СЕ ВРТИ КОН НОВИ ТРГОВСКИ ПАРТНЕРИ ОД ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ
19.07.2025
Земјите-членки на Европската Унија го одобрија започнувањето преговори со шест земји од Заливот, бидејќи блокот се стреми да ги прошири своите меѓународни партнерства поради заканите за нови тарифи од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Министрите за европски прашања дадоа зелено светло за отворање преговори насочени кон склучување билатерални договори за стратешко партнерство со земјите од Советот за соработка во Заливот, во кој се вклучени Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Се очекува преговорите да започнат што е можно поскоро и да опфатат широк спектар на прашања, вклучувајќи ја безбедноста и енергијата, бидејќи ЕУ ги засилува напорите за диверзификација на односите и намалување на зависноста од САД како одговор на непредвидливите трговски политики на Трамп.
Договорите за стратешко партнерство на ЕУ се рамковни договори меѓу ЕУ и трети земји, дизајнирани да ја подобрат соработката во низа области. Претходните обиди за нивно усогласување со земјите од Заливот не дадоа резултати.
Овој најнов потег кон зајакнување на односите меѓу двата економски региони следи по неодамнешниот договор меѓу ЕУ и ОАЕ за започнување преговори за слободна трговија, насочени кон отстранување на трговските бариери и поттикнување на економската интеграција, пренесува Бизнис.рс.
фото freepic