Општество

ФИЛОЗОФИЈА | СВЕТЛАНА ПОП-ДУЧЕВА: Жан Пол Сартр и Симон де Бовоар

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Главниот претставник на егзистенцијализмот Жан Пол Сартр (1905 – 1980) и мајката на модерниот феминизам Симон де Бовоар (1908 − 1986) биле прав „француски пар“, тој бил понизок од неа за една глава. Љубовната врска која траела цели 50 години е фасцинантна приказна за слободата, за нескротливата страст, за неконвенционалната посветеност и соработка, за една оригинална љубовна приказна како доказ за неповторливата уникатност на секоја љубов поединечно.

Францускиот философ, писател, драматург, политички активист и истакнат француски интелектуалец, нобеловец, Жан Пол Сартр, е роден во Париз. По мајчина страна потекнува од интелектуално семејство − мајка му Ан Мари Швајцер била во роднински врски со хуманистот Алберт Швајцер, додека пак татко му Жан Батист Сартр бил воен офицер во француската морнарица. Уште во раното детство го изгубил татка си така што мајка му и дедо му по мајка ја презеле грижата за целосното воспитание на малиот Жан. Дедо му бил филолог и професор кој му создадал услови за богат интелектуален развој. Во 1924 год. студира философија на Високата школа (École Normale Supérieure) каде што ќе ја сретне својата идна животна сопатничка, философката Симон де Бовоар. Родена е во Париз, во семејство на адвокатот Жорж де Бовоар и ќерка на претседател на банка Франсоа Брасур, која ја воспитувала во католички дух. Своето основно образование го стекнала во католичко училиште за девојчиња каде што ги подготвувале за идни сопруги и мајки. Таткото на Симон извршил силно влијание врз својата ќерка − од најмала возраст ја потенцирал „машката интелигенција“ на ќерка си така што вдахновената верба и сигурност во себе од татка си ја однеле на патот на богато и широко образование. Студирала философија на Високата школа каде што се сретнала со Сартр, но истовремено и на Сорбона така што на 21 година е најмладиот студент кој се здобил со диплома и била деветта жена по ред која дипломирала на Сорбона.

Љубовната врска меѓу Сартр и Бовоар била многуслојна и комплексна на повеќе нивоа. Долго време во интелектуалните кругови на Париз била симбол на слобода, револуционерен исчекор надвор од нормите и од стандардите на граѓанската конвенција − бракот. Никогаш не стапиле во брак, иако Сартр ѝ понудил, но таа го одбила. За философката и за философот моногамијата бил „празен поим“ и оттука отфрлен, а полигамијата прифатлив − имале и по седум паралелни врски надвор од „матичната врска“. Иако никогаш не живееле во заеднички дом, туку на различни адреси, сепак секојдневно се состанувале и разговарале, пишувале и ревидирале текстови по кафулињата низ Париз. Интелектуалната љубов била проткаена со обострана безрезервна поддршка во философските истражувања, во творештво и во литературата, по што Сартр ја добива и Нобеловата награда за литература. Љубовта како движечка сила му одредила значајно место во историјата на егзистенцијализмот, кој започнува со појавата на данскиот философ Сорен Кјеркегорд. Сартр прави радикален пресврт во исчитување на поимот егзистенција во однос на есенцијата. Во традиционалната философија есенцијата (суштината) дотогаш се смета за претходник на егзистенцијата (постоењето), но со новото исчитување на Сартр егзистенцијата има примарно место. „Човек најпрвин постои, и тоа е напред, тоа претходи, а потоа како што живее се развива и умира − се определува неговата суштина“. Човекот има избор, а изборот е слобода. Слободата, пак, одговорност. Зад секој избор се крие неизвесност, а тоа предизвикува тегобност, јанѕа, страв, неспокој, безброј опасности поради што човечкото постоење напати може да се претвори во бесмисленост. Човек низ изборот се дефинира како битие, а по смртта станува битие по себе. Љубовта меѓу философот и философката е двигател и продуктивна сила и за француската писателка, автор на неколку романи, бројни есеи, мемоари, писма проткаени со духот на егзистенцијализмот и на феминизмот. Автор е на капиталното дело за современиот феминизам „Втор пол“ во кое главната теза за Феминистичката теорија е аргументот дека во патријахалната култура култот на мажественоста е поставен за позитивна и афирмативна норма во општеството, додека женственоста, женскоста е негативна норма која се именува со „другото“. Во делото „Вториот пол“ пишува дека под притисок на културните норми и стандарди се формира родот, па саркастично ќе забележи: „Севкупната цивилизација го создава тој ’преоден производ меѓу мажјак и кастрат‘ што се квалификува како женски род“ (Бовоар, 1989: 11). И продолжува, во главата „Жена: Мит и Реалност“ открива и еден занемарен аспект во дотогашната историја на западната рационалистичка философија според кој, под велот на „мистеријата“, жената се подведува под „друго“ со цел да се дискриминира и да се стави под контрола како нешто „непознато, страно, поразлично“ и оттука да се постави во пониска хиерархија од мажот по истиот принцип како и другите категории на идентитети како што се раса, класа и религија.

Симон де Бовоар и Сартр низ 50 г. од својот неконвенционален заеднички живот пропатувале низ многу држави, меѓу нив забележан е престојот во Скопје, на 25 јули 1956 г. Настанот бил проследен со голема возбуда од страна на новинарите за што известувала и „Нова Македонија“. Реконструкцијата на приказната подоцна ја дознаваме од хроничарот Данило Коцевски кој има напишано прекрасна сторија за инкогнито посетата на необичните гости кои биле сместени во Хотел „Македонија“. Жан Пол Сартр и Симон де Бовоар се закопани заедно на гробиштата Монпарнас во Париз, Франција. Нивното заедничко почивалиште е симбол на нивната долгогодишна љубовна врска и филозофска соработка која оставила длабок белег во егзистенцијализмот и во феминизмот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано