Бизнис
БОГАТСТВОТО НА ХРВАТСКИТЕ ДОМАЌИНСТВА РАСТЕ ПОБРЗО ОД ПРОСЕКОТ ВО ЕУ
20.07.2025
Финансиските средства на хрватските домаќинства трета година по ред растат со повисоки стапки од просекот на Европската Унија, покажуваат најновите податоци од Хрватската народна банка (ХНБ).
На крајот од првиот квартал од оваа година, вкупните финансиски средства на домаќинствата изнесуваа 107 милијарди евра, што е за 1,1 процент повеќе во однос на крајот од минатата година.
Во споредба со истиот период минатата година, граѓаните акумулирале 9,2 проценти повеќе финансиски средства на своите сметки (банкарски и инвестициски), што значи дека го зголемиле своето богатство за девет милијарди евра за една година, покажуваат најновите податоци на ХНБ.
Инвестициите во акции најмногу придонесоа за акумулацијата на богатство во првиот квартал од 2025 година.
Од друга страна, финансиските обврски на домаќинствата се зголемија на 29 милијарди евра, што е за 2,8 проценти повеќе во споредба со крајот на 2024 година, додека за една година тие обврски се зголемија за 2,8 милијарди евра, или 10,8 проценти.
Овие случувања доведоа до зголемување на финансиската нето вредност на домаќинствата на 78,7 милијарди евра, што е за 0,5 проценти повеќе отколку на крајот на претходниот квартал, додека нето-средствата на граѓаните во последната година се зголемија за 6,2 милијарди евра, или 8,6 проценти.
„Нето-вредноста на секторот на домаќинствата го забави забрзаниот раст што започна во првиот квартал од 2023 година“, информираат од централната банка на Хрватска.
Овој индикатор ја илустрира целокупната финансиска сила на домаќинствата во споредба со големината на националната економија, која во Хрватска е сè уште пониска од просекот на Европската Унија, пренесува Бизлаив.
фото freepic