Општество

Општинско-корисна работа за 300 невработени со месечен надомест од 28.000 денари

Преку програмата Општинско-корисна работа, од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, 300 невработени лица добиваат можност за работен ангажман од 18 месеци со месечен бруто надомест од 28.000 денари, вклучувајќи осигурување и данок. Ќе обезбедуваат социјални и здравствени услуги на локално ниво. Министерството за економија и труд за таа намена објави повик на кој до 8 август годинава ќе може да аплицираат единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје.

Министерот за економија и труд Бесар Дуриши истакна дека целта е да се развиваат и надградуваат социјално-здравствените услуги согласно локалните потреби и приоритети.

Како што појасни, мерката не е за поддршка на комунални јавни работи, туку за подобрување на квалитетот на услуги за ранливите категории граѓани, како што се: стари лица, лица со оштетен вид, слух, телесна, интелектуална и/или комбинирана попреченост, материјално необезбедени деца и лица други ранливи групи.

- Услугите што ќе се обезбедуваат вклучуваат дневно згрижување во дневни центри, помош во домашни услови, како и поддршка преку испорака на инструментални услуги за независно живеење на овие категории граѓани. Исто така, мерката опфаќа воспитно-образовна дејност за деца на претшколска возраст, деца со попреченост вклучени во редовен образовен процес, како и поддршка за деца од социјално загрозени семејства, преку обезбедување образовни и лични асистенти, рече Дурмиши. 

Финансиската поддршка за лицата кои ќе бидат опфатени со мерката во првите шест месеци ќе ја обезбеди Агенцијата за вработување, а останатите 12 месеци ќе бидат во надлежност на општините и Градот Скопје.

Во останатите мерки од Оперативниот план, се предвидува мерката за  Практиканство, со која младите добиваат можност да стекнат практично искуство преку работа во компании и институции, со финансиска поддршка од државата. За време на практичната обука, која трае до 3 месеци, учесниците добиваат месечен надомест од 12.000 денари, со вклучено осигурување и данок.

Со мерката Обука кај познат работодавач, пак,  невработените добиваат стручно образование и практична обука кај докажани работодавачи. За време на обуката, до три месеци, се исплаќа месечен паричен надомест од 12.000 денари со вклучено осигурување и данок. Работодавачот е обврзан да вработи најмалку 50 проценти од учесниците во програмата на полно работно време најмалку три  месеци.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано