Општество

Во Кавадарци отворена административна канцеларија за повеќе од 120 е - услуги

Во Кавадарци денеска беше отворена административна канцеларија за повеќе од 120 е - услуги. На отворањето присуствуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот Митко Јанчев. 

Се работи за канцеларија за услуги за граѓаните во општина Кавадарци. 

Во оваа канцеларија, како што беше кажано, граѓаните ќе можат да аплицираат за повеќе од 120 е - услуги што се достапни преку Националниот портал на Министерството. Вработените од канцеларијата на Министерството за дигитална трансформација ќе им овозможат посредување и помош при аплицирањето. Со оваа канцеларија се овозможува добивање на јавни услуги на едно место - брзо, ефикасно и достапно.

Преку истиот портал ќе се врши и аплицирањето за студентските ваучери за електронски уреди, согласно новоусвоениот закон во Собранието. Со тоа, секој студент ќе има можност да аплицира на едноставен и дигитален начин.

- Оваа канцеларија претставува значаен чекор кон модерна, дигитализирана и поефикасна јавна администрација - во служба на граѓаните, беше кажано на настанот. 

Се работи за Центар за услуги, наменет за граѓаните на Кавадарци и околните населени места.

- Овој центар е еден од петте нови што ги ветивме на почетокот на оваа година и сега тие ветувања стануваат реалност. Со неговото отворање, граѓаните на Кавадарци и околината ќе можат да ги користат сите административни услуги достапни преку националниот портал uslugi.gov.mk, со посредништво од вработените во Министерството за дигитална трансформација, изјави Андоновски.

Министерот додаде дека само во месец јули, бројот на користени услуги преку посредници е значително зголемен во споредба со истиот период минатата година, што, како што истакна, е јасен показател за растечкиот интерес и потребата од овие центри.

- Граѓаните во јули покажаа колку се важни новите Центри за услуги - бројот на услуги преку посредници е за 70% повисок од просекот во 2024 година, додаде Андоновски.

Тој изрази и задоволство од напредокот во дигитализацијата на јавните услуги и зголемената употреба на националниот портал uslugi.gov.mk.

- Вкупниот број на месечни трансакции на порталот надмина 7.000, што е зголемување од 53% во однос на просекот за 2024 година, нагласи министерот.

Градоначалникот се заблагодари на Министерството за дигитална трансформација за отварањето на новиот Центар за услуги, што, според него, ќе им овозможи на граѓаните полесен и побрз пристап до административните услуги, без потреба од патување до главниот град. 


Фото: Министерство за дигитална трансформација 

 

ПРЕПОРАЧАНО