Бизнис
КОЛУМНА | ВИОЛЕТА ЦВЕТКОСКА: Дијагнозата е новата интелигенција: Дијагностичка аналитика во служба на економијата и на бизнисот
Виолета Цветкоска, професор на Економски факултет – Скопје при УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2025г.
Дијагностичка аналитика: од „што се случи?“ до „зошто се случи?“
Во светот на современиот бизнис и на економија, податоците станаа новата валута, но не секоја валута има и вредност ако не се вложи мудро. Податоците денес се основа за секоја анализа, прогноза и одлука, од корпоративни стратегии до јавни економски политики. Во отсуство на аналитичка интерпретација на податоците, организациите и институциите се изложени на висок ризик од донесување неинформирани одлуки во сè покомплексно и динамично окружување. Информацијата не е моќ сама по себе, моќ станува кога ќе се претвори во разбирање, а тоа почнува со дијагностика: не само да се види што се случува, туку да се разбере зошто тоа се случува. Таа ги поврзува точките меѓу метриките и настаните, разоткривајќи ги причинско-последичните врски што се креираат под површината на податоците. Во ерата на дигитална комплексност и на конкуренција, способноста да се разберат причините зад резултатите е она што ги одвојува успешните организации од останатите.
Дијагностичката аналитика не функционира изолирано, таа ја продолжува логиката на дескриптивната анализа и ја надградува со длабинско размислување. Кога организациите се соочуваат со податоци кои изгледаат нелогично или контрадикторно, токму дијагностичката аналитика овозможува да се види невидливото. Таа вградува разбирање во бројките и создава јасност каде што има само податоци. Со неа менаџерите не само што ги разбираат минатите трендови туку и ги добиваат потребните одговори што ќе им помогнат да преземат информирани, навремени и ефикасни мерки. Наместо да се базираат на интуиција, тие се потпираат на анализа што им овозможува да изградат стратегија врз основа на факти.
Што претставува дијагностичката аналитика?
Дијагностичката аналитика користи техники како детална анализа (drill-down), корелација, регресија и податочно рударење за да ја открие вистинската природа на проблемите или на успесите во работењето. Таа не е само техничка алатка, таа е интелектуален процес на истражување, кој има цел да разбере зошто нешто се случило, не само што се случило.
Со неа бизнисите можат да идентификуваат кои фактори довеле до пад на продажбата, да разберат зошто одреден производен процес не дава очекувани резултати, да детектираат зошто маркетинг-кампањите се неуспешни или да откријат зошто клучни вработени ја напуштаат организацијата. Ваквите сознанија овозможуваат попрецизно управување, подобро искористување на ресурсите и навремено спречување на потенцијални ризици.
Овој тип на анализа бара отвореност за контекстуално размислување. Не станува збор за директни одговори, туку за откривање на меѓузависности кои често се скриени под површината. Во таа смисла, дијагностичката аналитика е анатомија на бизнисот, таа ги истражува неговите внатрешни механизми. Покрај тоа, таа му помага на менаџментот да го постави вистинското прашање во вистинскиот момент. На пример, наместо да се запраша: „Која продажна линија најмногу се продава?“, лидерот почнува да прашува: „Што предизвикува одреден сегмент да стагнира и како можеме да го активираме повторно?“ Тоа е суштинската разлика меѓу извештај и сознание, едното прикажува, другото разбира.
Успешните организации не се оние што најмногу знаат, туку оние што најдобро разбираат. Дијагностичката аналитика го менува начинот на кој размислуваат компаниите за податоците, од пасивно читање извештаи кон активно истражување на причините. Тоа значи носење решенија што не само што се иновативни туку и структурно точни зашто доаѓаат од длабинско разбирање на реалноста.
Дијагностичката аналитика го гради мостот меѓу податоците и одлуките. Таа не само што нуди сознанија за минатото туку и овозможува поставување на интелигентни стратегии за иднината. Во време кога секоја организација бара одржлива конкурентска предност, токму способноста да се разбере „зошто“ ќе ги одреди нејзината долгорочна сила и флексибилноста.
Примена на дијагностичка аналитика Продажба и маркетинг: разоткривање на потфрлањето
Компанија бележи намалување на продажбата во еден регион. Дескриптивната аналитика покажува пад, но не објаснува зошто. Дијагностичката анализа открива дека новата амбалажа ги збунува постарите потрошувачи кои мислат дека станува збор за друг производ. Компанијата реагира со кампања за едукација и постепено враќање на препознатливи елементи, враќајќи ја довербата на клиентите.
Човечки ресурси: зошто вработените си заминуваат?
Фирма со добра репутација бележи флуктуација на кадар во првата година. Дијагностиката покажува дека тоа се случува во оддели без менторство и без јасна кариерна патека. Вработените се чувствуваат изгубено и без поддршка. Со воведување на менторски програми и со повратни информации, организацијата создава чувство на припадност и на развој.
Снабдување и операции: зошто има доцнења во испораките?
Иако возниот парк е зголемен, испораките доцнат. Дијагностиката открива дека алгоритамот не ја разликува сезонската побарувачка што доведува до преоптоварување на магацините и на рутите. Со корекција на системот и со адаптација на логиката, испораките се стабилизираат без дополнителни вложувања.
Финансии: зошто добивката е пониска и покрај растот на приходите?
Иако приходите растат, добивката стагнира. Дијагностиката открива дека новиот производ има високи трошоци за производство и се потпира на попусти. Компанијата ги ревидира портфолиото и кампањите, фокусирајќи се на производи со подобра маржа и со стабилен приход.
Е-трговија: зошто корисниците ја напуштаат кошничката?
Онлајн продавница забележува чести напуштања на кошничката. Дијагностиката открива дека автоматското активирање на програмата наменета за разликување на човечки од машински внес (captcha) во вечерните часови создава пречки за мобилните корисници. Со оптималност на процесот за проверени корисници, искуството се подобрува и се поттикнува завршување на нарачките.
Производство: зошто има повеќе дефекти во третата смена?
Дијагностиката утврдува дека отсуството на инженер и зголемената влажност ја нарушуваат стабилноста на материјалите. Со воведување аларми и со автоматизирана вентилација, квалитетот на производите се стабилизира.
Хотелски менаџмент: зошто се намалуваат викенд резервациите?
Хотел со високи оценки бележи пад на викенд резервации. Дијагностиката открива дека бучни настани во близина го нарушуваат мирот на гостите. Хотелот нуди тивки соби и попусти за настаните, што ја зголемува привлечноста на викенд понудата.
Корисничка поддршка: зошто клиентите не го користат новиот центар?
По унапредување на контакт-центарот, клиентите и понатаму се жалат. Дијагностиката покажува дека постарите корисници не се снаоѓаат со гласовни менија. Со воведување на опција за оператор, комуникацијата се олеснува и се зголемува задоволството.
Претплати: зошто лојалните корисници се откажуваат?
Компанија бележи одлив на долгорочни клиенти. Дијагностиката открива дека тие не се запознаени со новите функции и се чувствуваат запоставено. Со обновени обуки и со персонализирана грижа се зајакнува лојалноста и се стабилизира приходот.
Сајбер-безбедност: зошто е пропуштена интерна закана?
Иако системите функционираат, вработен изнесува доверливи податоци. Дијагностиката открива промена во образецот на користење, која не е препознаена од класичната безбедност. Со воведување на анализа базирана на однесување се подобрува детекцијата на вакви ситуации.
Макроекономија: зошто растот на БДП не ја следи вработеноста?
Иако се зголемува вработеноста, БДП не расте со истиот интензитет. Дијагностиката покажува дека новите работни места се во нископроизводни сектори, без долгорочен ефект. Владата ги пренасочува субвенциите кон иновативни мали претпријатија.
Микроекономија: зошто субвенционираните пекари губат пазарен удел?
Иако една држава поддржува големи пекарници со субвенции за брашно и за енергија, нивниот пазарен удел опаѓа. Дијагностичката анализа покажува дека тие не вложуваат во нови производи и во дигитални канали. Малите пекари, пак, преку онлајн нарачки и здрави рецепти привлекуваат нови сегменти. Политиката се менува, поддршката оди кон иновативни и прилагодливи модели.

Методи и алатки што ја поттикнуваат дијагностиката
Дијагностичката аналитика е начин на размислување. Зад неа стојат низа аналитички техники кои не само што го објаснуваат она што се случило туку откриваат и зошто. Во срцето на ова истражување се неколку методи што ја претвораат статистиката во стратегија.
Корелациска анализа: открива поврзаности меѓу различни променливи. Дали зголемувањето на времето за испорака има врска со временските услови? Или дали задоволството на клиентите се движи во синхронизација со времето на одговор од поддршката? Корелациската анализа не докажува причинско-последична врска, но открива насоки што вреди да се истражат подлабоко. Таа е како радар што сигнализира каде треба да копаме.
Регресиска анализа: кога сакаме да разбереме точно колку една променлива влијае врз друга, ја користиме регресијата. Таа создава модел што опишува како, на пример, промените во цената, во маркетингот и во сезоната влијаат врз обемот на продажба. Повеќекратната регресија овозможува симултано тестирање на повеќе фактори, давајќи конкретни проценки. Тоа ја претвора интуицијата во формула.
Детална анализа (Drill-down): понекогаш податоците изгледаат добро на површината, но суштината се крие под нив. Деталната анализа е техника со која „копаме“ низ различни нивоа на податоци, од целокупниот профит до конкретен производ, па до одредена продавница и на крај до еден час во денот. Таа е како дигитален микроскоп што ни дозволува да откриеме каде точно нешто почнало да оди спротивно на планираното (или неочекувано добро).
Рударење на податоци (Data mining): Оваа техника е како трагач по злато, го пребарува целото „речно корито“ од податоци во потрага по обрасци, однесувања и скриени структури. Без притоа однапред да знаеме што бараме, со машинско учење и со кластер анализа, рударењето идентификува аномалии, сегменти и поврзаности што инаку би останале невидени. Тоа ни овозможува не само дијагностика туку и нови сознанија што не биле очекувани.
Во практика, овие методи се применуваат преку моќни алатки како што се Power BI, Tableau, Python, SQL и платформи на облак како BigQuery и AWS Redshift. Но, ниедна алатка не вреди ако прашањата не се вистинските. Дијагностиката почнува со љубопитност: „Зошто токму ова се случи?“ и завршува со сознание што води кон подобра одлука.
Дијагностичката аналитика како стратешка предност
Компаниите што ја применуваат дијагностичката аналитика добиваат подлабоки сознанија за коренските причини на проблемите. Наместо да реагираат на симптоми, тие го адресираат изворот на проблемите. Превенцијата станува главна стратегија, а не само кризен менаџмент. Тоа им овозможува да дејствуваат однапред, не чекајќи негативните ефекти да се манифестираат низ бројки или поплаки.
Со дијагностиката, организациите добиваат прецизни препораки за оптималност на процесите, за подобрување на услугите и за управување со ризиците. Овие препораки не се базираат на интуиција или на историски шаблони, туку на конкретни причини кои се потврдени преку податоци. Тоа е основата на модерен, докажлив и одржлив менаџмент, менаџмент кој донесува одлуки врз основа на разбирање, а не на претпоставки.
Дополнително се гради поврзаност меѓу различни клучни индикатори за перформанси (KPI) и процесните индикатори, што овозможува системско подобрување. Дијагностиката не го подобрува само резултатот, таа го подобрува целиот систем на одлучување. Таа создава мрежа на разбирање што ги обединува одделите, стратегиите и целите, овозможувајќи интегрирани решенија што ги надминуваат границите на индивидуалните функции.
Во стратегиски контекст, ова значи дека организацијата станува побрза, поагилна и поинтелигентна. Наместо да чека инструкции од врвот, секој дел од системот почнува да учи од податоците и да дејствува проактивно. Тоа претставува културна промена, од организација што анализира по потреба кон организација што размислува аналитички по природа.
Дијагностичката аналитика ја претвора комплексноста во конкурентна предност. Таа не бара од компаниите да предвидат сè, туку да научат од сè. Во свет во кој неизвесноста станува норма, токму способноста за длабинско разбирање ќе биде највредниот капитал.
Дијагнозата е новата интелигенција
Во светот на големите податоци, информацијата без контекст нема вистинска вредност. Дијагностичката аналитика ја дава токму таа димензија, разјаснува зошто нешто се случува и помага да се преземат паметни, навремени и ефикасни одлуки. Компаниите што ја прифаќаат дијагностиката се подготвени не само за иднината туку и за непредвидливото.
Како што укажува филозофијата на В. Едвардс Деминг: „Доколку не знаеш зошто нешто се случува, не можеш ниту да го подобриш ниту да го повториш.“ Во дијагностичката аналитика лежи токму таа можност, можноста за подобрување, за повторување и за водство во време на несигурност и на промени.