Општество

УБАВИОТ ЗБОР | ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ: Јас немам со кого да сум млад... во јули

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Станувам рано, со сонцето, а сега е лето, и тоа уште во пет наутро се појавува над планината од исток. Сега низ гранките ми пробива во дворот. Го осветлува зеленилото на лисјата од тие гранки, свежо е сѐ, особено боите, и птиците уште потпевнуваат но не толку гласно, веќе е јули, седмиот месец, музиката сега ја преземаат жегалци и штурци. Додека го пишувам ова, повеќето луѓе што ги знам спијат, а луѓето се најубави токму кога мирно спијат. Не се смеат, не се чудат, не се лутат, лицата не им се искривени туку мазни, спијачите се смирени и опуштени додека со умовите се нурнати во океанот на сонот. Дали кога спиеме сме подобро поврзани отколку кога сме будни, дали во несвесното ја чувствуваме присутноста на човештвото повеќе одошто кога сме свесни? И тоа не само на сите луѓе кои што се живи овде и сега, туку и на сите оние што некогаш биле, па дури... и на оние што ќе дојдат. Никој од нас не е сам, и затоа толку ја сакам осамата. Некогаш, така сам, ми се чини дека сум едно со сета вселена, со сиот универзум, со сиот видлив и невидлив свет. На терасата, токму во oвој час ми шета мачката. Ашер-Смит Хантер. И таа ми е некаква роднина, ама тешко е да се утврди стеблото, на кој степен ми е братучетка. Втори или трети братучеди не сме сигурно, за да е тоа би требало да е жена, човечица. Ама и мачките се цицачи. Рода сме. Човек, било да верува во еволуцијата или во тоа дека светот е создаден од Бога, било да сме со потекло од амебите или од Адам и Ева, сепак, секој мора да признае и да се согласи дека потекнуваме од едно, и тоа нѐ прави поврзани. Ние, сите луѓе, со животните, растенијата, рибите, птиците, тревите, инсектите, со сите облици на живот, а и сите тие облици на материја што движи, со сѐ што дише, со неживиот материјален свет; камењата, карпите, водата, воздухот, огнот, земјата... ретки се миговите кога човек чувствува дека е едно со сѐ, ова ми е можеби еден од таквите мигови, и се надевам дека ќе потрае. Мислам дека и реките и планините се живи, сигурен сум во тоа.

Ова се мисли што кај луѓето од мојата генерација веќе речиси и ги нема, нивните умови се полни со грижи, желби, амбиции, стравови, планови, преиспитувања, очекувања, стремежи и навики да се живее во минатото, стремежи да живеат утре... ова се мисли за умови на деца од две до пет години, за некои монаси, самувачи од различни вери, за луѓе што ја љубат мудроста, и за некои уметници. Децата на мала возраст се моите најдобри соговорници и најголеми другари. Само со нив можам да поставувам вакви прашања и да добивам нови одговори, оти разумот им е мал а умот им е голем, реков што реков, кој сфати – сфати!
Што да се каже? Смртни сме, а бесмртноста не е во бројот и текстурата на делата што човек ги остава во некоја материја, било тие да се груби згради и имоти или... запишани зборови, изведби во глина или мермер, слики на платно или на филмска лента... бесмртноста е во силата на несебичните дела на љубовта што човек во свое време ги направил и тие засекогаш се вградиле во големата тврдина на доброто, во видливиот и невидливиот свет. А за таквите дела не мора никој да знае... и подобро да не знае.

Имаше едни стихови во „Не давај се Инес“ од Арсен Дедиќ. „Јас нема да имам со кого да сум млад ако сите остарите, и таквата младост ќе ми биде мачна“. Не ми е мачна. А, Ашер-Смит е добра мачка. Независна.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано