Финансии / Банкарство

ДАЛИ ИМА СМИСЛА ЕКОНОМСКО ПОВРЗУВАЊЕ НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

Тања Јакоби

Што ќе биде со Грција? На крајот на јуни, во Рига, лидерите на Западниот Балкан направија чекор повеќе за приклучување на регионот кон главните европски коридори, а од новиот самит во Виена, на 23 август, се очекува продолжение на берлинската иницијатива и нов потстрек за побрза интеграција на земјите од регионот во ЕУ. За лидерите на Западниот Балкан расплетот на грчкото прашање, што е само привремено решено, има блиски и опипливи последици затоа што бројни тукушто договорени инцијативи, и финансиски и географски, продолжуваат на овој климав крак на Европа.

Не е ли тоа ново лошо свртување на судбината, толку карактеристично за ова подрачје? „И хабсбуршките и отоманските власти имаа одлучни намери да ги модернизираат своите балкански поседи, но политичките, стратешките и топографските фактори како да беа во таен сојуз за попречување на изградбата на железница. А и тие пруги што се изградени, колку и да придонесоа за стоките од крајбрежните подрачја да продрат подлабоко на копното, не придонесоа за некое обединување или средување на регионалната економија“, напиша историчарот Марк Мазовер во кусата, но инспиративна книга „Балкан“ објавена во 2000 година. Не беше подобро ниту со планините што им го попречуваа излезот на море на реките, ни на патиштата што пропаѓаа ако до нив се изградеше железница бидејќи за едните и за другите истовремено немаше доволно стоки, пишува овој историчар, експерт за Балканот и за Грција.

Овој цитат, всушност, не служи за да се сее песимизам, туку само да укаже, како впрочем и поновата историја, дека изградбата на „европски Западен Балкан“ е напор што наидува на својот пат на нагорнини и препреки од кои оние од економски карактер се можеби и далеку потешки за надминување, баш како што сугерира и Мазоверовиот цитат.

Интересот на земјите на Западниот Балкан да прифатат меѓусебно економско поврзување, иако не секогаш тоа е прифаќање со задоволство, лежи пред сѐ во неговото политичко значење бидејќи ЦЕФТА е пред сѐ чедо на ЕУ. Едноставно кажано, како што го забележува тоа Владимир Глигоров, земјите на Западниот Балкан се економски подобро интегрирани со Европската унија одошто меѓу себе. Оваа оценка, искажана во 2003 година, нема изгубено на тежина ни во 2015 година, речиси една деценија откако земјите на Западен Балкан влегоа во ЦЕФТА, механизам што, заедно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, требаше значително да ја унапреди меѓусебната размена.
Како што во 2002 година напишаа Отон Анастакис и Весна Бојичиќ-Џелиловиќ, ако можностите за меѓусебна соработка ги мериме преку нивото на економска кохезија, трговската меѓузависност и структурната комплементарност, таа никаде не е помалку видлива одошто кај земјите на Западниот Балкан. Ако се изземат врските меѓу некогашните членки на Југославија, во меѓувреме значително ослабени во текот на транзицијата, на приватизацијата и на исчезнувањето на некогашните производни синџири и деловни врски (со заминувањето на старите менаџменти на компаниите и подемот на тајкуните во секоја од земјите) – пред 1989 година меѓу земјите на Западниот Балкан речиси и немаше меѓусебна размена. Според податоците на Светската банка од 1999 година само меѓу 12% и 14% од вкупната балканска соработка беше од интеррегионален вид, додека уделот на надворешно-трговската размена на секоја од земјите со ЕУ беше околу 50%.

Иако постепеното прераснување на билатералните во мултилатерални трговски аранжмани имаше свое позитивно дејство, резултатите не се импресивни, а причините за тоа не треба да се бараат во постојните политички тензии. Клучниот проблем е неможноста на локалните компании да одговорат на можностите што им се отворени со поволните трговски спогодби.
Речиси деценија од стапувањето во сила на Спогодбата за ЦЕФТА (потпишана во 2006 година, а ефективно користена од 2007 година) комплицираните процедури на граничните премини: големо администрирање и неускладеност на работата на царините и на инспекциските служби (санитарни, ветеринарни, радиолошки), неускладеност на домашните и на меѓународните стандарди и техничката регулатива, недостатокот на акредитирани тела и на лаборатории, непризнавањето на сертификатите за квалитет, недостатокот на соодветна сообраќајна и на друга инфраструктура, како и корупцијата и криумчарењето, меѓу другото, влијаат во насока на недоволно користење на можностите што ги дава оваа Спогодба.

Иако некои од овие препреки се отстрануваат, опстојуваат неповолната структура на трговијата и недостатокот од комплементарност. Според веќе спомнатите податоци на Светската банка структурата на економиите на балканските земји е мошне слична, а производите што ги произведуваат овие земји се, исто така, блиски (земјоделски производи и индустриски производи со понизок степен на обработка и на технолошко ниво).
Сумирајќи ги резултатите за ЦЕФТА од 2007 до 2010 година, авторите на белградскиот Центар за нова политика изведуваат заклучок дека во структурата на размената на земјите на Западен Балкан доминираат прехранбени производи (зеленчук, овошје, кондиторски производи, производи од жита), земјоделски суровини, струја, гас, нафтени деривати, хартија, картон и производи од целулоза, основни метали (челични лимови, алуминиумски профили, бакарни катоди), хемиски и текстилни производи, и сугерираат дека „не е реално во поскоро време квалитетот на меѓусебната трговија позначително да се унапреди“. Уште повеќе, според авторите на Центарот, „на тоа укажува последната деценија кога бележиме стагнантност на структурата на размената во рамките на ЦЕФТА“.

Иако географски блиски (но со недоволно развиена сообраќајна инфраструктура), овие пазари се мали, што ја ограничува и можноста за користење на предностите од економија од обем, а нивните жители се сиромашни, што го ограничува растот на трговијата во регионот. Дополнително, секоја од овие мали земји е по дефиниција земја на отворена економија, што значи дека секоја поединечно е заинтересирана за што поголема трговија со земјите од ЕУ каде што една на друга си конкурираат со слична понуда.

Податоците за трговијата во регионот пред и по кризата тоа и го документираат. Пред Глобалната криза во периодот 2007–2010 година, земјите на Западниот Балкан имаа повисоки стапки на раст на меѓусебната стоковна размена во однос на растот на размената со остатокот на светот, што влијаеше на растот на меѓусебното релативно надворешно-трговско значење. Кризата многу посилно ја погоди меѓусебната размена одошто размената со светот, додека посткризното заздравување на извозот се заснова на побарувачката од остатокот на светот при стагнација или благ пораст на извозот, наведуваат истражувачите на Центарот.
Иако станува збор за мошне мали пазари, тие се сепак меѓусебно мошне различни по економската сила и големина. Сумирајќи ги резултатите за ЦЕФТА од 2007 до 2010 година, авторите на Центарот изведуваат заклучок дека најголема корист од овој договор, до влезот во ЕУ, имала Хрватска како убедливо најголем извозник на стоки во регионот на Западен Балкан, иако нејзиното релативно значење се намалува во корист на земјите што значително го зголемија извозот во дадениот период, пред сѐ Србија, изразено во апсолутни големини (извозот на стоки речиси се дуплираше). Исто така авторите заклучуваат дека гравитацискиот модел, што ја мери разликата меѓу потенцијалната и остварената трговија, покажува дека Србија, на пример, има простор за зголемување на размената со Хрватска и со Албанија, додека размената со БиХ, со Македонија и со Црна Гора е значително над потенцијалот.

ЗЕМЈИТЕ НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН МЕЃУСЕБНО НАЈЧЕСТО СЕ НАТПРЕВАРУВААТ ВО ТРКАТА КОН ДНОТО (ДАВАЊЕ НА СÉ ПОГОЛЕМИ ПОГОДНОСТИ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ, СПУШТАЊЕ НА ЦЕНАТА НА РАБОТНАТА СИЛА И ПОНАТАМОШНА ФЛЕКСИБИЛИЗАЦИЈА НА ТРУДОТ) И НУДАТ РАБОТНА СИЛА СО СЛИЧНИ СПОСОБНОСТИ

Во услови на криза, кога земјите од регионот секојдневно се соочуваат со дилемата дали да се заштитат неконкурентните претпријатија поради социјалниот аспект или да се пуштат низ вода, притисокот на слични производи на бесцаринскиот пазар повеќе придонесува за тензии одошто за јакнење на уверувањето на политичките лидери на Балканот дека треба да продолжат да работат на намалување на меѓусебните бариери на што ги поттикнува ЕУ.
Како да се излезе од негативната спирала или во најдобар случај од забавениот раст на меѓусебната размена? Најчесто се спомнуваат два одговора. Еден е можноста да се привлечат странски директни инвестиции на целиот пазар на Западен Балкан наместо на еден негов дел. Вториот се иновациите како основа за технолошки скок во функција на производство на поконкурентни производи со повисоко ниво на технолошка обработка и задржување на младата обучена работна сила.

Најпрвин кратко за иновациите: меѓу многубројните иницијативи на ЕУ за создавање синергија меѓу земјите во регионот, една се однесува и на нивната соработка на полето на иновациите каде што специјализирани центри (за правна заштита, за истражувачки капацитети и за др.) би биле сместени во пооделни земји на регионот. Причина за тоа се премногу скромните капацитети на секоја од земјите да направи поголем скок на полето на иновациите. Иако и оваа, како и сите други иницијативи на ЕУ, земјите од регионот ја прифатија, локалните експерти често истакнуваат дека е контрапродуктивно здружување на поголем број недоволни ресурси на земјите од регионот и дека земјите од ЕУ многу повеќе би му помогнале на регионот интензивно поврзувајќи го за сопствени иновациски проекти.

Со други зборови, само потесна синергија со ЕУ може да даде и резултати на ниво на регионот. Нешто слично сугерира и една студија на двајца истражувачи од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Габор Хуња и Шандор Рихтер. Тие го студирале искуството на земјите–први потписнички на ЦЕФТА, односно Вишеградската четворка (Чешка, Унгарија, Полска и Словачка) непосредно пред и по влезот во ЕУ во 2004 година. Резултатите на нивната студија сугерираат дека меѓусебната трговија на овие земји растела со значително побрзо темпо по влезот во ЕУ одошто во текот на периодот на придружување и дека тој раст бил далеку над стоковната размена на секоја од земјите со ЕУ 15–старите членки (спротивно на темпото пред пристапување). Ова запрепастувачко движење двајцата економисти го припишуваат на појавата на диверзификација и на специјализација меѓу земјите на В-4 до кои дојде благодарение на странскиот капитал и нивните проценки за поефикасна алокација на капиталот во рамките на В-4. Притоа, иако кај сите земји е забележан раст во меѓусебната размена, тој беше заснован на мошне различни основи: унгарскиот раст беше заснован на специјализација во производството на транспортни средства и опрема што ги извезувала во трите други членки, во структурата на словачката трговска размена ништо не се променило, додека Чешка во трговијата кон Унгарија искусила специјализација, а кон Словачка ја задржала дотогашната структура на размената. Обете опции се покажале подеднакво успешни. Во текот на периодот пред и по пристапување на ЕУ се зголеми бројот на производи со повисоко ниво на технолошка обработка, но тоа беше постепено и пристапувањето кон ЕУ немаше видливо влијание.

Едно од можните толкувања на ваквиот развој на настаните е економскиот раст на секоја од членките и растот на странските директни инвестиции на мултинационалните компании што, благодарение на меѓусебната трговија на своите ќерки во рамките на земјите од Вишеградската групација, ја зголемија и вкупната цифра на размена на В-4. Внатрешните процеси на рационализација на работата на овие мултинационални компании, што наместо подружници во секоја од земјите ги концентрирале своите операции на една од нив од каде што ги воделе операциите во В-4, доведоа до специјализација на работната сила која, според авторите, веројатно се случила пред влезот на овие земји во ЕУ. И покрај почетното колебање да примат нови членки, најстарите членки на ЕУ, односно нивните компании, со приближувањето на датумот на прием во членството на овие земји ја менувале и стратегијата на свое присуство во овие земји, бирајќи каде ќе ја сконцентрираат својата набавка и продажба на стоки.

Повлекувањето на, макар и на ограничени, паралели меѓу првата група на нови членки на ЕУ и земјите на Западниот Балкан, кога станува збор за нивната меѓусебна трговска (и доста послабо изразена) инвестициска соработка, покажува дека приближувањето кон ЕУ и растот на странските директни инвестиции на развиените земји се клучен фактор на растот на меѓусебната трговија и стопанскиот раст во рамките на регионот.
Во услови на криза, земјите на Западниот Балкан меѓусебно најчесто се натпреваруваат во трката кон дното (давање на сѐ поголеми погодности на странските инвеститори, спуштање на цената на работната сила и понатамошна флексибилизација на трудот) и нудат работна сила со слични способности. Подобрата политичка соработка, јакнењето на безбедноста во регионот, спроведувањето на пазарни реформи и активното учество во европските политики на развој на железницата, на енергетиката итн. (поттикнато и со интензивирањето на новата Студена војна) би можеле да создадат подобра инфраструктурна и институционална проодност за поинтензивни странски инвестиции и од нив инспирирана поголема стопанска размена во регионот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано