Општество

Натпревар за „Средношколец милионер“, најдобрата бизнис идеја ќе добие 1 милион денари

Средношколци од сите делови на државата до 26 октомври можат да се пријавуваат за главната награда за најдобрата бизнис идеја во Македонија - „Средношколец милионер“. Право на учество имаат сите средношколци од прва до четврта година, од државните и приватните средни училишта, кои можат да се пријават самостојно, во пар или во тим до шест члена.

Од „Бреинстер“ информираат дека стотици средношколци од сите делови на државата веќе ја пријавиле својата идеја за главната награда за најдобрата бизнис идеја. 

- Со „Средношколец милионер“ им овозможуваме на учениците учат преку пракса, да ја почувствуваат динамиката на претприемништвото и да ги развијат своите идеи во вистински проекти. Нашата мисија има за цел да го поттикне претприемачкиот дух и креативноста кај младите, но и да создаде здрав натпреварувачки дух меѓу нив, велат организаторите.

Соопштуваат дека натпреварот ќе се одвива во 4 рунди, со почеток на отворениот повик за аплицирање на 1 октомври кој трае до 26 октомври, период во кој заинтересираните средношколци ќе можат да ги пријават своите идеи на страната milioner.mk. Од 27 октомври до 2 ноември ќе се селектираат најдорите 50 идеи.

Втората рунда почнува на 3 ноември кога 50-те идеи ќе бидат ставени на јавно гласање. Целта е јавноста да гласа за својот фаворит, односно за идјеата која ја смета за најдобра. 20-те идеи кои ќе имаат најмногу гласови ќе продолжат во следната рунда. Победничките идеи добиваат бесплатна подготовка со ментори за последните 2 рунди преку бесплатни менторски сесии  кои ќе бидат распоредени во неколку предавања во периодот 17 до 28 номеври.

Третата рунда е полуфиналето кое ќе се одржи во просториите на Бреинстер колеџот и НУ академијата за талентирани средношколци, каде 20-те победнички идеи во тимови ќе ја презентираат својата идеја пред инвеститори во времетраење од 90 секунди преку т.н. elevator pitch - симулација на ситуација во која во лифт случајно среќаваш потенцијален инвеститор во твојата идеја и имаш само 90 секунди да ја искористиш шансата да го убедиш во твојата идеја.

Во финалната четврта рунда продолжуваат 10-те најдобри идеи кои на 30 номеври ќе ја презентираат својата идеја на истото место, но овој пат ќе имаат 5 минутен настап пред стручното жири кое ќе ја ибере најдобрата бизнис идеја која ќе добие еден милион денари.

Организаторите на натпреварот посочуваат дека заинтересираноста е голема, но и дека има ученици кои се двоумат иако имаат одлична бизнис идеја. Според нив, клучна улога тука имаат и наставниците но и родителите, кои се клучните фигури во градењето на здрава и самоуверена младина.

-Многу ученици имаат одлични идеи, но понекогаш им недостига само еден збор охрабрување. Родителите и наставниците се тие кои можат да ја запалат искрата на самодоверба кај младите. Една реченица од нив може да направи разлика меѓу идеја што останува на хартија и идеја што го менува светот, велат од „Бреинстер“.

Нашето искуство, велат тие, е дека нашите млади се многу талентирани но им треба поттик и мотив за да засјаат во полн сјај. Минатата година под истата капа на организатори беше организиран најголемиот натпревар за математика ULIMATH во кој најдобриот математичар од Македонија доби награда од 10.000 евра.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО