Општество
Значителни оштетувања се констатирани кај споменикот на културата во Струга
15.10.2025
Значителни оштетувања има споменикот на културата во Струга кој беше оштетен при ископ за изградба на соседен објект. Од Министерството за култура попладнево информираа дека струшен е јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција. Оштетена е куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство.
- Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029. При увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект. НУ Завод и музеј – Охрид го достави наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување, велат од ресорното Министерство.
Оттаму посочуваат дека инспекциската служба при Управата за заштита на културното насчедство ќе постапи согласно своите надежлности со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата кој е заштитен со решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година.
- Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава, се наведува во соопштението.
Извор/фото МИА