Интервјуа

МЕГА ИНТЕРВЈУ | Биљана Мишиќ: Иднината на финансиите ја градат конзистентни системи − еволуцијата на Иуте Македонија кон зрела финансиска платформа по европски терк

Мега интервју со Биљана Мишиќ, извршен директор на Иуте Македонија

Финансиската технологија повеќе не е приказна за нова функционалност, ниту за уште една „паметна“ апликација што ветува брзина. Вистинското зреење се случува во моментот кога финансиските услуги престануваат да се појавуваат како изолирани продукти и почнуваат да се градат како платформа, како архитектура што не додава само опции, туку создава континуитет, дисциплина и смисла во начинот на кој управува секојдневно човекот со своите средства.
Платформата или затворениот екосистем на финансиски услуги овозможува да се синхронизираат технологијата, ризикот и регулативата во еден кохерентен систем каде што корисничкото искуство е принципот што ја држи целината. Во таа зрелост, брзината станува предуслов, не предност, „дигиталното“ станува хигиена, не идентитет. Разликата се мери во довербата што се гради без гласни ветувања, преку безбедност, транспарентност и предвидливост, преку чувство дека финансискиот сервис не бара внимание, туку носи олеснување.
Овој разговор не е конвенционално интервју, повеќе е доближување на финансиската технологија од аспект на стратегиска еволуција на Иуте на пазарот: од производи кон екосистем, од трансакции кон рутини, од достапност кон одговорност, од експанзија кон управување со ризикот. Разговараме за тоа како се гради платформа што може да апсорбира комплексност затоа што иднината на финансиите нема да ја одлучат најгласните, туку најконзистентните системи.


Интервјуто го започнуваме со парадоксот на успехот. Во текот на изминатата година Иуте Македонија забележа раст од 50 % на активата достигнувајќи 60 милиони евра, портфолио на лично кредитирање споредливо со средна банка, а истовремено го подобри квалитетот на пласманите. Забрзан раст вообичаено носи зголемен ризик. Каде лежи суштината на оваа дисциплина?

Б. Мишиќ: Дисциплината не е само контрола, туку интелигенција вградена во системот. Забрзаниот раст без зголемен ризик не е парадокс кога архитектурата на одлучувањето почива на предиктивна аналитика наместо на реактивни мерки. Традиционалниот модел на кредитирање работи според принципот на историски податоци, гледате назад за да одлучите. Ние поставивме нов стандард: користиме модели на предвидувачка вештачка интелигенција кои не само што го анализираат финансиското однесување туку и ги предвидуваат идните очекувања врз основа на стотици варијабли кои не се вградени во традиционалните методи.
Технологија во која од основањето на инситуцијата до денес е инвестирано преку 8.5 милиони евра, на пазар од нецели 2 милиони жители. Но, тука не станува збор само за технологија. Клучот е во филозофијата − ние не растеме за да бидеме најголеми, туку за да бидеме најстабилни. Кога над 96 % од вашето портфолио остварува навремено исполнување на обврските до 30 дена, тоа не е случајност, туку резултат на свесна селекција. Апликациите кои се одобруваат комплетно ги исполнуваат критериумите на финансиска одржливост.

Велите дека технологијата е архитектура, не козметика. Ова е филозофска позиција која се спротивставува на доминантниот наратив на финансискиот пазар, каде што дигитализацијата често се третира како надградба на традиционалните процеси. Објаснете ја таа дистинкција.

Б. Мишиќ: Козметиката е површна затоа што ја прикрива реалноста, не ја менува. Кога финансиска институција „тргнува“ од хартиениот формулар и го дигитализира, тоа е козметика. Процесот останува ист, само медиумот се променил. Архитектурата, од друга страна, значи конструкција од темел − преиспитување на секоја претпоставка, интуитивно дизајнирање на секој чекор.
Земете го, на пример, процесот на одобрување кредит. Традиционалниот модел бара од клиентот прибирање документи, присуство во филијала, комуникација со службеници кои неретко мануелно внесуваат и проверуваат податоци. Дигитализирањето на тој процес би значело обезбедување електронски формулар наместо хартиен − подобро од минатото, но сè уште недоволно. Архитектонски пристап значи: клиентот веќе не треба да прибира документи зашто системот автоматски ги повлекува од веродостојни извори и од национални бази на податоци. Одлуката не се донесува од службеник по интуиција и искуство, туку од алгоритам кој во секунди анализира стотици параметри. Клиентот не чека часови или денови − одговорот доаѓа во реално време.
Но, и тоа не е доволно. Вистинската архитектура значи дека технологијата не е средство, туку јазик на кој комуницира целата организација. Секој систем − од управувањето со ризици до корисничката поддршка − зборува ист дигитален јазик. Не постојат изолирани процеси, туку интегриран екосистем во кој податоците протекуваат непречено, каде што вештачката интелигенција учи од секоја трансакција и го подобрува своето одлучување.

Иуте ја заокружува својата понуда − лично финансирање, дигитален паричник, осигурително посредување. Ова не е само проширување на услугите, туку стратегиска визија за интегриран финансиски екосистем. Зошто оваа конвергенција е суштинска, а не само експанзивна?

Б. Мишиќ: Фрагментацијата е непријател на корисничкото искуство. Традиционалниот финансиски пејзаж е мозаик на поединечни институции − банки, осигурителни компании, финансиски друштва, инвестициски фондови. Секоја од нив има свој процес, своја логика, свој јазик. За поединечни услуги, клиентот мора да помине низ овој лавиринт, да се адаптира на различни посреднички слоеви, да комуницира преку различни канали. Тоа е исцрпувачки и неефикасно.
Заокружениот екосистем на Иуте не е само интегрирање на услугите под еден покрив, туку нивно меѓусебно поврзување на начин кој создава синергија. Кога клиентот аплицира за кредит системот истовремено му нуди релевантно осигурување. Кога би вршел трансакција преку дигиталниот паричник, алгоритмите би ги препознале можностите за поефикасно управување со средствата. Секоја услуга не стои изолирано, туку е дел од холистичка финансиска стратегија и единствена платформа, суперапликацијата Myiute.
Но, суштината е подлабока − станува збор за начинот на кој ги осмислуваме финансиските услуги. Традиционалниот модел ги третира како производи што се продаваат. Нашиот модел ги третира како функции на секојдневието. Кога купувате автомобил не размислувате за неговите индивидуални компоненти − не купувате одвоено мотор, тркала, волан. Купувате интегрирана машина што функционира како целина. Истото ова важи за финансиските услуги. Луѓето не сакаат фрагментирани производи, тие сакаат интегрирани решенија.

Го повторувате поимот доверба како централна категорија. Но, во финансискиот свет, каде што односите се сведени на трансакции, каде што лојалноста е функција на цената, каде што конкуренцијата е сеприсутна, како се гради доверба што не е само маркетиншки наратив, туку оперативна реалност?

Б. Мишиќ: Довербата е највредниот капитал − не може да се купи, може само да се заслужи. И се заслужува постепено, со секоја трансакција, со секоја интеракција, со секоја одлука која ги става интересите на клиентот пред краткорочната добивка на компанијата.
Земете го како пример нашиот пристап кон одговорно кредитирање. Секоја финансиска институција може да одобри кредит на клиент кој не е во можност да го отплати и краткорочно тоа донесува приход. Но, долгорочно се враќа како бумеранг и води кон презадолженост, нефункционалност, репутациски штети. Нашите алгоритми се програмирани, од една страна, да го заштитат интересот на институцијата, но и да го заштитат клиентот од самиот себе − доколку системот процени дека дополнителна изложеност би ја зголемила ризичната позиција, тој се одбива без разлика на краткорочната корист.
Довербата се гради и преку транспарентност. Клиентот знае точно колку, зошто и кога плаќа и која вредност ја добива за цената која ја плаќа. Нема скриени трошоци, нема двосмислени формулации, нема простор за манипулација. Доследноста создава вредност што клиентите ја препознаваат поради што 30 % ја повторуваат услугата.

Зборувате за персонализација на услугите, термин што е многу експлоатиран во поново време. Што значи вистинска персонализација во контекстот на финансиските услуги и како таа се разликува од сегментација на пазарот?

Б. Мишиќ: Вистинската персонализација не е демографска категоризација. Тоа е разбирање на индивидуалното финансиско однесување во реално време. Традиционалниот модел третира клиенти како репрезенти на категорија − студент, вработен, пензионер. Ние го третираме секој клиент како уникатен економски субјект со своја историја, навики, цели, потреби.
Зад традиционалниот клиентски пристап важеше девизата дека треба да им се пласираат што повеќе информации на клиентите за тие да имаат можност да направат подобар избор за себе. Искуствата во континуитет покажуваа дека тој пристап има многу мал процент на успех, слаба конверзија и ги обесхрабрува клиентите да направат избор. Со текот на времето, како еволуираа вештачката интелигенција, науката базирана на податоци и машинското учење, почнавме да учиме кои се индивидуалните преференции на клиентот, навиките, односот кон финансиите, апетитот за преземање на ризикот и низа останати лични карактеристики за правилно да целиме, да ги одбереме вистинските маркетинг-канали и да ја формулираме понудата согласно потребите на клиентот. Едноставно идентификуваме што е она што му е потребно на клиентот и пристапуваме со персонализирана услуга.
Персонализацијата кај нас значително го подобрува задоволството на клиентите, ја поттикнува лојалноста и го зголемува ангажманот со тоа што обезбедува клиентите да се чувствуваат ценети и разбрани, што доведува до подобри стапки на задржување и конкурентна диференцијација.

Небанкарската финансиска индустрија на почетокот се развиваше во релативна регулаторна празнина што овозможуваше агилност, но и создаваше простор за недоследности. Новите регулативи се прилично построги, во интерес на заштита на потрошувачите и подобро управување со ризикот. Како ги доживувате? Како ограничување или како легитимација на доброто управување?

Б. Мишиќ: Регулативата е рамка на доверба, не ограничување. Постои претстава дека регулацијата го забавува прогресот, но тоа е опасна илузија. Нерегулираните пазари не водат кон прогрес, туку кон експлоатација на ранливите, кон краткорочни профити на штета на долгорочна стабилност, кон ерозија на довербата.
Добрата регулација не го суспендира растот, туку насочува кон општествено корисни цели. Таа поставува стандарди кои ги заштитуваат потрошувачите, обезбедува рамноправна конкуренција и спречува системски ризици. Компаниите кои се жалат на регулацијата обично се оние чиј бизнис-модел зависи од експлоатација на регулаторните празнини.
Ние ги дочекавме регулаторните промени не како закана, туку како можност за дистинкција. За компаниите кои веќе работат етички, кои веќе ги почитуваат правата на потрошувачите, кои веќе ги применуваат највисоките стандарди - регулацијата е легитимација, не казна и истата не само што ја поддржуваме туку и ја поттикнуваме. Таа ги става сите на еднаква стартна линија и ја елиминира нелојалната конкуренција. Регулативата е дисциплина која ја институционализира етиката, особено во финансиската индустрија. Не случајно на Иуте му е доделен Fitch рејтинг типичен за банкарската индустрија и одраз на доброто управување со ликвидноста, со финансиската дисциплина, со ризикот и со транспарентноста.

Групацијата Иуте доби лиценца за географска експанзија преку аквизиција на банка во Украина − земја со геополитичка нестабилност. Ова е потег кој, се чини, е контраинтуитивен од перспектива на управување со ризикот. Објаснете ја таа стратегиска одлука.

Б. Мишиќ: Украина е земја во војна, тоа е вистина. Но, Украина е и земја која, токму поради тие екстремни околности, стана еден од најдигитализираните пазари во Европа. Војната ги присили институциите и граѓаните да ги усвојат дигиталните решенија со темпо кое би било незамисливо во регуларни околности. Електронската идентификација, дигиталните плаќања, дигиталната инфраструктура − сето тоа не беше неопходност.
Од бизнис-перспектива, Украина претставува огромен потенцијал. Населението е бројно, пазарот е недоволно услужен, дигиталната писменост е висока. Веројатно најважно − постои огромна потреба за финансиски услуги кои се достапни, сигурни, флексибилни и дигитални.
Одлуката не е само калкулација на профит и на ризик. Ова е и израз на вербата во иднината на Украина, во отпорноста на нејзиниот народ, во нејзината способност да се обнови. Кога другите се повлекуваат ние инвестираме. Тоа не е наивност, туку стратегиска визија − оние кои инвестираат во критични моменти, оние кои остануваат кога другите заминуваат − се оние кои ги градат најсилните позиции.

Зборувате за иднина во која финансиските услуги стануваат „невидливи“ − вградени во секојдневните трансакции. Ова е радикална визија која ја редефинира самата природа на финансиските институции. Објаснете ја таа трансформација.

Б. Мишиќ: Најдобрите технологии се оние кои стануваат „невидливи“. Не размислуваме како функционира електричната мрежа кога вклучуваме светло, не анализираме како работи интернетот кога отвораме веб-страница. Технологијата е најуспешна кога е толку интегрирана во секојдневието што стануваме несвесни за нејзиното присуство.
Истото ова важи за финансиските услуги. Традиционалниот модел бара од корисникот експлицитна интеракција − да оди во банка, да комплетира формулари, да чека. Вградените финансии ja елиминираат тaa неефикасност. Кога купувате производ онлајн опцијата за рати не е одвоен процес − таа е интегрирана во самиот чекор на нарачка, од електронска идентификација до плаќање. Кога патувате осигурувањето не е нешто што треба посебно да го купувате − автоматски се нуди во моментот на резервација. Иуте пионерски ја воведе електронската идентификација вградена во сопствената апликација. Пионерски го воведе и моделот „Купи сега плати подоцна“ не како одвоен модел, туку вграден во инфраструктурата на илјадници трговци.
Но, невидливоста носи нови предизвици. Доколку услугите стануваат толку интегрирани што корисникот не е свесен за нив, како обезбедуваме транспарентност? Вградените финансии не се само технолошка иновација, туку етички предизвик. Невидливоста на услугите бара видливост на одговорноста.

Повеќе од половина од вашиот тим, вклучувајќи лидерски позиции, се жени. Во технолошкиот свет кој историски е доминиран од мажи, ова не е случајност. Како го градите лидерството како култура наместо како бирократска хиерархија?

Б. Мишиќ: Лидерството не е функција на хиерархиска позиција, туку на способноста да се влијае, да се инспирира, да се креира визија, да се гради доверба. Постои погрешна претстава дека разновидноста во тимот се постигнува преку квоти − доделување позиции врз основа на пол, на припадност, на возраст.
Вистинската разновидност се гради преку култура на препознавање на талентот, систем на напредување според квалитет при што луѓето се вреднуваат врз основа на нивните способности, резултати, визија. Луѓето не се раѓаат како лидери − тие стануваат лидери преку можности за раст, преку ментори кои инвестираат во нивниот потенцијал, преку институционална поддршка која им овозможува да направат грешки без страв од последици.

Да заокружиме со прашањето каде се гледате за десет години. Не како компанија, туку како визија − каков свет на финансиски услуги сакате да создадете?

Б. Мишиќ: Сакам да создадеме опкружување во кое финансиските услуги не се привилегија, туку инфраструктура. Средина во која човек не мора да биде финансиски писмен за да донесува добри финансиски одлуки затоа што системот е дизајниран да го заштити од лоши избори.
Замислете апликација која не е само дигитален паричник или платформа за кредити, туку финансиски асистент кој учи од вашите навики, ги предвидува ваши потреби, ви помага да донесувате подобри одлуки, систем кој ви овозможува да видите каде одат вашите средства, не само како процесирани трансакции, туку како модели на однесување, систем кој ви предлага како да заштедите, како да инвестирате, како да планирате за иднината − не како генерички совети, туку како персонализирани препораки базирани на вашата конкретна ситуација.
Но, оваа визија не е само технолошка. Таа е општествена. Сакам да создадеме свет во кој финансиска исклученост не постои, каде што секој има пристап до основните финансиски услуги без оглед на социо-економскиот статус, на географската локација, на образованието.
За десет години, сакам Иуте да биде институција која е дел од неопходната инфраструктура на општеството. Суштинска, неизбежна, доверлива.



Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО