Интервјуа

ИНТЕРВЈУ | Фетаи: Незаконски стекнатиот капитал влегува во легалните текови и ги нарушува условите за фер бизнис

Разговор со Арбен Фетаи, заменик на претседателот на Владата задолжен за добро владеење

Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот во февруари ја одржа конститутивната седница со што официјално започна со работа највисокото координациско тело задолжено за следење и за унапредување на институциите кои спроведуваат финансиски истраги и конфискација на имот. Со Советот претседава заменик на претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, со кого разговаравме за целите, за надлежностите и за начинот на функционирање на ова тело, како и за досегашните слабости кои треба да се надминат заради поефиско водење на финансиските истраги.



Која е потребата и кои се целите за формирањето на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот?

А. Фетаи: Со донесувањето на новата Национална стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025 − 2028 година, со Акцискиот план за периодот 2025 − 2026 и воспоставувањето на Националниот совет и Националната комисија, значително е подигнато нивото на институционалното следење и координација во областа на финансиските истраги и конфискацијата на имот. За прв пат имаме структуриран, двонивоен систем − стратешко насочување преку Советот и оперативно следење и координација преку Комисијата − со јасни индикатори, рокови и одговорности.
Формирањето на Советот е одговор на една суштинска економска реалност: криминалниот профит не е само безбедносен ризик туку и пазарна дисторзија. Незаконски стекнатиот капитал влегува во легалните текови, создава нелојална конкуренција и ги нарушува условите за фер бизнис.
Целта е да се воспостави високо ниво на институционална соработка, заедничко планирање и следење на резултатите во откривањето, во следењето и во одземањето на незаконски стекнат имот. Советот овозможува усогласување на политиките, подобрување на оперативната размена на информации и зајакнување на капацитетите на надлежните органи.

Како ќе функционира ова тело ако се има предвид дека во финансиски истраги се вклучени повеќе институции? Дали ќе има преклопување на надлежностите и кој ќе биде носителот во финализирање на овие постапки?

А. Фетаи: Важно е да се нагласи дека Советот не презема оперативни надлежности, не ги заменува институциите и не презема нивни надлежности. Нема преклопување, туку комплементарност: оперативната одговорност останува кај институциите, а политичката и стратешката координација кај Советот. Надлежностите остануваат јасно утврдени: истрагите ги водат надлежните институции, Обвинителството раководи со предметите, а судовите одлучуваат и донесуваат правосилни пресуди врз чија основа се спроведува конфискацијата на нелегално стекнатиот имот.
Координацијата меѓу институциите е новата инфраструктура на системот за борба против организиран криминал и корупција. Досега имавме институции што работат. Сега градиме институции што работат координирано, со заеднички податоци, со заеднички стандарди и со заеднички индикатори за успех.
Финалната одговорност за предметите останува кај правосудниот систем. Но, одговорноста за функционалноста на системот тука ја презема извршната власт на највисоко ниво.

Кои се слабостите од досегашната практика за пронаоѓање и за следење на незаконски стекнат имот? Колку можеме да бидеме задоволни од резултатите во конфискацијата ако во 2025 година се реализирани над 45 милиони денари директни приходи во Буџетот?

А. Фетаи: Остварените директни буџетски приходи од конфискација се позитивен сигнал и покажуваат дека системот функционира. Но, реформскиот пристап бара поширока перспектива и дава сигнал за потенцијал.
Анализите детектираа неколку структурни слабости: недоволен број специјализирани финансиски истражители, ограничени форензички и аналитички алатки, долги постапки за консултации меѓу засегнатите страни во постапките за донесување на клучните закони во оваа област, како и недоволна дигитална поврзаност на базите на податоци. Актуелно и посебен предизвик за надлежните институции претставува примената на новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.
Иако постоењето на кредибилен статистички систем е важен дел од функционирањето на системот на кривичната правда, детектиран е недостаток, односно сè уште не функционира сеопфатен, прецизен и веродостоен систем за собирање, за обработка на податоци за одземениот имот. Ова го попречува и испитувањето на ефикасноста на политиките во оваа област.
Врз основа на утврдените слабости, новата Стратегија со Акциски план става акцент на: специјализација на кадарот во истражните центри, воспоставување на интегриран и интердисциплинарен систем на обуки и градење компетенции, дигитална интеграција на податоците, воспоставување на ефективна Канцеларија за поврат на имот, доопремување и доекипирање на Агенцијата за управување со одземен имот, сè со цел ефикасно управување со одземениот и конфискуваниот имот, неговото чување, складирање и продажба.
Мерката за успех ќе биде: зголемен процент на замрзнат и на конфискуван имот по предмет, а не само број на предмети.

Кои мерки се предвидуваат за подобрување на управувањето и реупотреба на конфискуваниот имот?

А. Фетаи: Управувањето со конфискуваниот имот е клучно за јавната доверба. Граѓаните треба да видат дека одземениот незаконски имот се враќа во општествена корист. Современиот пристап кон конфискацијата не завршува со одземање, туку започнува со управување со вредноста.
Новите мерки одат кон поефикасна проценка, подобра евиденција, побрзо ставање во функција и поголема транспарентност во управувањето.
Согласно последните законски измени, посебен фокус се става на социјалната пренамена на конфискуваниот имот, односно користење на имотот за јавни, за образовни и за социјални цели.
Кога граѓаните гледаат дека одземениот имот станува училиште, место за одмор и релаксација, библиотека, опрема, јавно добро, тогаш довербата во системот расте, а резултатите од борбата против организираниот криминал и корупција стануваат видливи и општествено корисни.
Врз основа на добри практики, Агенцијата за управување со одземен имот подготвува подзаконски акт за воспоставување на механизам за социјална пренамена. Соработката со меѓународните и со домашни организации ја зајакнува улогата на граѓанскиот сектор во управувањето со одземен имот.

Колку Стратегијата и Акцискиот план се во согласност со европските регулативи и дали има простор за подобрување?

А. Фетаи: Во процесот на изготвување на Стратегијата беа земени предвид релевантните документи на ЕУ за остварениот напредок на Република Северна Македонија, Скрининг извештајот на ЕК за Кластерот 1 „Фундаментални вредности“, Патоказот за владеење на правото, Инструментот за реформи и развој 2024 − 2027 во врска со новиот План за раст за земјите од Западен Балкан, како и Извештајот од Оценската мисија за борба против организираниот криминал и корупција која беше спроведена во 2023 година.
Определбата за достигнување на ЕУ-стандардите во оваа област неминовно ја наметна потребата од согледување на усогласеноста на предложените цели со релевантните директиви на ЕУ во оваа област, како и политиките и стратешките документи на ЕУ, а пред сè: Стратегијата на ЕУ за борба против организиран криминал 2021 − 2025, како и Акцискиот план за борба против трговијата со дрога и организираниот криминал на ЕУ.
Универзалните стандарди формулирани во меѓународните конвенции и правото на ЕУ, што се однесуваат на одземање на незаконски стекнатиот имот, како и стандардите што треба да ги исполни нашава држава за членство во ЕУ, се инкорпорирани во мерките кои во наредниот 4-годишен период треба да бидат преземени од релевантните институции.
Би истакнал дека Агенцијата за управување со одземен имот е дел од спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст, кои претставуваат клучни стратешки инструменти за унапредување на институционалната ефикасност, јакнење на владеењето на правото и усогласување со европските стандарди. Во рамките на спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст, Агенцијата за управување со одземен имот презеде систематски и фазни чекори во насока на зајакнување и на рационализација на човечките ресурси, засновани на функционална анализа и усогласување со новите законски и ЕУ-обврски.
Свесни сме дека усогласеноста со европските правила не е еднократен процес − таа бара континуирано унапредување. Простор за подобрување има во практичната имплементација, во техничката инфраструктура, во меѓународната размена на податоци и во специјализираната обука.
Европските стандарди не ги преземаме на хартија, ги вградуваме во оперативниот систем.
Нашата работа е реформска со крајна цел, чистење на економските текови од криминал и зајакнување на фер конкуренцијата со директно влијание врз инвестициската клима, довербата во институциите и предвидливоста на деловното опкружување.



Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано