Финансии / Банкарство

ОЧЕКУВАЊА И ПРОЕКЦИИ 2015/2016

Како ја оценувате 2015 година и по што ќе ја запаметите?

Што очекувате од 2016 година, особено во однос на македонската економија и областа на вашето делување?

  

Димитар Богов, гувернер на НБРМ 

2015 година ќе ја паметам како година на пропуштена можност да направиме еден исчекор во економијата со раст над 4 отсто. За жал бевме погодени од два силни шока, внатрешната политичка нестабилност и грчката должничка криза. Но, исто така охрабрен сум дека македонската економија покажа отпорност и здрави фундаменти, па и во такви услови оствари раст од над 3 отсто.
Не очекувам позначителни промени во монетарната политика и каматните стапки. Но, во која насока ќе се движат многу зависи од стабилизирањето на политичките движења, како и продолжувањето на консолидацијата на јавните финансии.

 

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Во Македонија одминува уште една година „заверена“, за жал, со политички печат во која бизнисот жилаво се обидува да се снајде и да опстане. Но, факт е дека и целиот регион го потресуваат исклучително сериозна економска и бегалска криза со сите последици што тие ги носат.
Во таква состојба, надеж даваат акциите, како што беше Самитот за западен Балкан што се одржа во Виена во рамките на Берлинскиот процес, што го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел. Таквите зафати отвораат економски перспективи за регионот. Овој самит за деловната инфраструктура во регионов резултираше со формирање на Коморски инвестициски форум во Будва. За овие простори повеќе од неопходно е зголемено економско здружување, подобрување на инфраструктурата и соработка која ќе води кон создавање на заеднички производ и здружен настап на светските пазари. Токму Коморскиот инвестициски форум треба да биде инструмент кој може да ја поттикне економската соработка и да биде кохезиски фактор на политичкото функционирање на Балканот.
Пред сè, очекувам мирни, фер и демократски избори, да се стави точка на тешката политичка криза во земјава, а потоа да се засукаат ракавите и сите сили да се фрлат на економијата.
Затоа Стопанската комора на Македонија прави исчекор во правец на промена во филозофијата на работењето. Всушност, мислам дека ни е потребна промена на вкупната стратегија, како на бизнисот, така и на државата. Затоа во годината што доаѓа ќе нудиме решенија што ќе бидат подобри од постојните, засновани на научни истражувања, како и на компарирање на искуството на истражувањата со реалните проблеми. На овој начин со сите сили ќе се обидеме да придонесеме надлежните институции да дојдат до правилна оценка за одредени состојби, а со тоа и да донесат вистински решенија што ќе го поттикнат бизнисот и ќе иницираат чекори кон надминување на кризата.

 

Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје

Досега работењето во тековната 2015 година, со еден збор кажано, може да се оцени како успешно. Тоа е во рамките на нашите очекувања и планови во сите сегменти од работењето. Очекуваме годинава да ја завршиме со солиден раст од околу 5% до 6% на консолидираните продажби и добивка по оданочување. Има доста позитивни аспекти на работењето во 2015 година, а секако вредни за одбележување, на пример, се растот на продажбите на речиси сите пазари на кои сме присутни, од кои најзабележителен е растот на пазарот во САД каде што сме присутни со нашата билна програма. Исто така компанијата го продолжува континуираниот инвестициски циклус, а нашата најзначајна инвестиција за оваа година е изградбата и опремувањето на новиот Центар за квалитет. Притоа успеваме да го одржиме стабилниот финансиски профил на компанијата кој ни дава сигурност, а воедно и можност за флексибилност и за брз одговор на предизвиците.
Почетокот на новата деловна година секогаш е придружен со различни неизвесности. Според сите најави, 2016 година се очекува повторно да биде една тешка деловна година во локални рамки, но исто така и во регионални и во глобални рамки. Ние се обидуваме сепак да гледаме оптимистички на новата година, имаме детално зацртани планови на продажби на постојните и на нови пазари, имаме сериозна развојна програма на нови производи, а воедно и прецизен план на инвестициски вложувања со кои треба да се остварат сите предуслови за иден раст на компанијата. Наша основна цел е да ги оствариме зацртаните планови за 2016 година со што ќе се овозможи продолжување на деценискиот континуиран раст на компанијата.

  

Фатмир Бесими, заменик-претседател на Владата на РМ

Година на политичка криза, тоа е 2015 година, исклучително тешка и со многу предизвици. Тоа влијаеше на евроинтеграцискиот процес кој резултира со Извештај со повеќе критики и условена препорака со итни реформски приоритети и имплементација на политичкиот дијалог.
Наредната година нема да биде воопшто лесна. Нè очекуваат многу важни реформи во однос на независноста на судството и владеењето на правото, слободата на изразување, како и изборни реформи во однос на успешно спроведување на слободни и фер демократски избори. Исто така е неопходна поголема заложба за подобрување на меѓуетничките односи и унапредување на добрососедските односи. Евентуалниот напредок во решавањето на отворените прашања со соседите, како и успешните реформи ќе значат и официјално отворање на разговорите за членство во ЕУ. Во едно вакво сценарио и со постабилна политичка година, очекувам повеќе инвестиции и поголем економски раст по изборите во наредната година.

   

Ванчо Чифлиганец, генерален директор на „Адора инженеринг“ 

Во „Адора инженеринг“ 2015 година ќе се памети по најголемите инвестиции во 15-годишното работење на компанијата, најголемите количини вградени бетон и железо во објектите, започнатите 800 нови станови во Скопје, од кои најголемиот дел се завршени, како и по најголемиот број од 400 вработени. Во 2015 година започнавме со изградба на новиот уникатен објект „Адора флетајрн Скопје“ (Адора Flatiron Скопје), проект вреден 40 милиони евра економски обрт, што претставува 10% од вкупните инвестиции во високоградбата во Македонија. Комплексот кој ќе има препознатлива архитектура, највисок квалитет и стил на домување и ќе биде нов урбан белег на Скопје и Македонија, е круна на досегашното работење на „Адора инженеринг“. Случувањата надвор од бизнисот директно не се одразија врз работењето на „Адора инженеринг“.
Во 2016 година ќе продолжиме со реализација на зацртаните проекти во високоградбата со цел на граѓаните да им овозможиме да станат сопственици на својот посакуван дом.

 

Тони Стојановски, член на УО на „Стопанска банка“ АД Скопје

Годината која изминува ќе остане запаметена по политичките турбуленции во РМ, продолжението на должничката криза во ЕМУ и случувањата во една нејзината членка, Грција, како и натамошното влошување на состојбите на глобално ниво. Во такви услови на големи неизвесности, според постигнатите резултати, банкарскиот сектор на РМ покажа дека навистина претставува многу здраво ткиво на македонската економија. Меѓутоа, пред сè, за мене 2015 година ќе остане запаметена како година во која „Стопанска банка“ ги оствари историски најдобрите резултати.
Наредната 2016 година банкарскиот сектор ќе продолжи да испорачува кредитен раст од околу 7 до 8%, пропорционално соодветно на проектираниот раст на економијата од 3,5%. Останува предизвикот, како за банките, така и за компаниите и носителите на економските политики, за зголемување на учеството на кредитирањето на компаниите во вкупниот кредитен раст во услови на големи неизвесности кои ќе продолжат да нè следат и наредната година. 

  

Горан Петрески, професор на економскиот факултет при УКИМ

Годинава ќе остане запаметена по две негативни тенденции. На меѓународен план, тоа е големото „раздвојување“ меѓу американската економија (приближување до полната вработеност) и евро-зоната (долга стагнација предизвикана од бројните институционални ригидности). Во Македонија имавме уште една „изгубена“ година за економијата. Имено, под притисок на политичката криза, а во пресрет на неизбежните избори, владата започна да води перманента изборна кампања.
За жал, и 2016 година ќе биде „мртва“ година поради две причини: прво, ефектите од стагнацијата во еврозоната и второ, вонредните избори се одличен изговор за продолжување на тековната политика – збир на ад-хок мерки и неограничено државно мешање во економијата наместо изградба на слободен пазар заснован врз приватна иницијатива.  

 

Марјан Петрески, економски истражувач

Во 2015 видовме дека политичкиот ризик и разнишаните институции можат да бидат погубни за економијата. Поради политичката криза, ние загубивме најмалку еден процентен поен од растот на БДП, што се сведува на стотина милиони евра. Но, пошироко од ова, годинава ќе ја запаметам и по недостигот од идеи за алтернативен економски модел на сегашниот кој се базира на повластици за странските инвеститори во технолошките зони.
Моите очекувања се сведуваат на тоа дека политичката криза ќе продолжи и во 2016 година, најмалку до изборите во април. Но, и во периодот пред изборите, а и потоа, клучниот аспект ќе биде како да ги реформираме институциите за да се зголеми довербата во нив и кредибилноста во испорачувањето на услугите кон граѓаните. Овие напори, без оглед која политичка партија ќе ја формира новата влада, ќе детерминираат со каква динамика ќе расте економијата.

  

Патрик Житон, резидентет преставник на ММФ во Република Македонија 

2015 година која се наближува кон крајот покажа колку европските економии и општества се ранливи на заедничките опасности. Интензивирањето на геополитичките тензии не само што може да предизвика политички поделби во рамките на и меѓу европските земји, туку исто така може да изврши притисок врз јавните финансии и трговските текови, како и да го ограничи економскиот раст.
Во 2016 година глобалниот раст ќе биде умерен одразувајќи го забавувањето на економиите во развој и скромно закрепнување на напредните економии. Ризиците во однос на перспективата се насочени во надолна линија. Тие вклучуваат поостро од очекуваното забавување на растот во Кина, неочекувани ценовни промени на капиталните средства и непредвидливост на финансиските пазари, натамошно зајакнување на доларот, како и интензивирање на геополитичките тензии. Во напредните економии, приспособливата монетарна политика останува од суштинско значење. Во земјите во развој, просторот на политиката за поддршка на побарувачката главно е ограничен.

 

Александар Стојков, професор на правниот факултет „Јустинијан Први“

Со хороскопска терминологија, економијата во 2015 година беше под силно неповолно влијание на неекономски фактори... Политичката криза донесе незапаметена автодеструкција, страв од инвестирање, воздржана приватна потрошувачка, закани кон банките, берза со помал промет од спортските обложувалници... И покрај мрачните сценарија, Македонија ја намалуваше невработеноста, оствари скромен економски раст и доби условна препорака за претпристапни преговори со ЕУ.
Во првата половина од 2016 година ќе се ослободи огромно количество деструктивна енергија насобрана во поларизираното македонско општество. Бизнисот ќе се обиде да седи подалеку од политичката арена. Македонија нема да биде федерализирана, но ќе биде послаба унитарна држава. Победничката коалиција ќе ги финализира крупните инфраструктурни проекти, а ќе спроведе и десетици микрореформи за подобро бизнис окружување. Освен невработеноста, топ-тема ќе биде распределбата на доходот и на богатството. Македонија ќе се приближи кон ЕУ, но ЕУ ќе биде понерасположена за проширување.

 

Иван Штериев, главен извршен директор на „Македонска берза“ 

Во изминава 2015 година и меѓународно и локално бевме сведоци на многу долгорочно сигнификантни геополитички случувања (ситуацијата на Блискиот Исток и бегалската криза, тензиите поврзани со Русија, терористичките напади, новата грчка криза, функционирањето на ЕУ итн.). Економски трендовите останаа лабилни без којзнае какви оптимистички перцепции – американската економија се придвижува, кинеската се мачи за новиот модел за раст, а европската никако да се рекалибрира. Сето тоа ги прави нервозни финансиските пазари и покрај тоа што каматните стапки се одржаа на историски ниски нивоа. Во Македонија, пак, целокупните општествено-економски текови беа под големо влијание на политичката криза, но макроекономската стабилност номинално не беше нарушена, а главните котирани компании на Берзата искажаа солидни резултати.
Се надеваме дека состојбите на Берзата во 2016 година ќе се подобрат како комбинација на споменатите перформанси на издавачите и завршувањето на двата инфраструктурни проекти на кои работиме подолго време (регионалниот СЕЕ ЛИНК и новиот софтвер за брокерско работење). Сепак, позитивен или негативен левериџ врз пазарниот сентимент ќе дадат токму неекономските фактори.

  

Татјана Џамбазова, Продукт менаџер и технолоџи висперер во „Аутодеск“

Животот го гледам како можност секој ден да учам. Значи, што научив во 2015 година?
ЖИВОТ ШТО ВРЕДИ ДА СЕ ЖИВЕЕ: мојата инспирација за 2015 година е она што го прави Емануел де Мерод во Вирунга, најстариот национален парк во Конго – проблематично место уништено од 25 години војна, дом на последните планински горили. Цената што секој ден ја плаќа е опасен живот на борба со корупцијата и клептократијата, но целта да се создаде функционално општество за генерациите кои доаѓаат ја одржува неговата храброст. Создавањето на НАДЕЖ е најблагородното нешто на кое човек може да го посвети својот живот.
СЕБИЧНОСТ: преку многу тажната приказна на бегалците од војната во Сирија.
НЕЗНАЕЊЕ: Сѐ додека задгробниот живот е поважен од овој живот, лоши, неодговорни работи ќе бидат правени од дилетанти.
Во светот на технологијата, поединците и компаниите ќе продолжат со иновации за да го направат она што не може ни да се замисли, невозможното. Линијата меѓу она што е аналогно и дигитално ќе стане замаглена. Верувам дека АР/ВР и новите начини на раскажување приказни ќе донесат колективна емпатија, подобро разбирање на животот, на предизвиците на нашата планета и ќе нè поттикнат да дејствуваме со повеќе топлина и свест.

 

Климе Попоски, Претседател на Советот на експерти на АСО 

Најважен настан кој ја одбележа 2015 година и кој има влијение врз вкупните економски движења секако претставува политичката криза. Иако економските индикатори покажуваат солидни перформанси, сепак перцепцијата за идните движења укажува на одредена резервираност. Осигурителниот сектор не беше погоден од политичката криза и во 2015 година бележи едни од највисоките стапки на раст во последниве 5 години, и тоа како во сегментот на неживотното осигурување, така и во сегментот на осигурување на живот.
Очекувањата за 2016 година се да се одржи растот во осигурителниот сектор поради факторите на страната на побарувачката како што се: големи инфраструктурни проекти, нови фабрики и сè поголемото јакнење на свеста кај населението за потреба од осигурување, како и појавата на банка осигурување. Друштвата за осигурување ќе остварат задоволителна профитабилност, иако постои ниско каматно опкружување кое има влијание врз намалувањето на приносите од финансиските вложувања.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано