Перспектива
ЕКОНОМСКИ РАСТ ОД 7% НЕПРЕКИНАТО 25 ГОДИНИ?
Зоран Јовановски
ноември 2015
Често ја слушаме таа теза во јавноста дека македонската економија треба да расте со годишни стапки од најмалку 6%. Перцепирано како желба мислам дека нема некој што не би сакал тоа да е така. Впрочем, само со висок раст на македонската економија, што е побрз од оној на ЕУ, ние можеме поскоро да го елиминираме постојниот големиот јаз во однос на европската економија. Моето прашање е: веруваат ли оние што зборуваат за толкав раст дека можеме да го достигнеме и да го одржиме 2, 3, 5 или повеќе години? Да одам и чекор понатаму. Можно ли е една економија во светот да расте со годишни стапки на раст од најмалку 7% и тоа 25 години непрекинато? Кусиот одговор е: да, можно е.Тоа го покажа една студија на Светска банка од 2008 година наречена Извештај за растот.
Има 13 земји во светот кои во непрекинати периоди од најмалку 25 години (во рамки во временскиот период од крајот на втората светска војна до 2006 година) имале економски раст од најмалку 7% (некои и повисок). Тие земји се: Боцвана (Африка), Бразил (Ј.Америка), Малта (Европа), Оман (Блискиот Исток) и Кина, Хонг Конг, Индонезија, Јапонија, Ј.Кореја, Малезија, Сингапур, Тајван и Тајланд (сите од Азија). Притоа, релативно најкус период на ваков висок економски раст имале Бразил и Малезија (секоја од овие земји по 30 години!), а најдолг период имале Боцвана и Кина (45 и 44 години, соодветно)!
ИМА 13 ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ КОИ ВО НЕПРЕКИНАТИ ПЕРИОДИ ОД НАЈМАЛКУ 25 ГОДИНИ (ВО РАМКИ ВО ВРЕМЕНСКИОТ ПЕРИОД ОД КРАЈОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА ДО 2006 ГОДИНА) ИМАЛЕ ЕКОНОМСКИ РАСТ ОД НАЈМАЛКУ 7% (НЕКОИ И ПОВИСОК). ГИ ИМА МАЛИ И ГОЛЕМИ, ОНИЕ ШТО СЕ БОГАТИ И ОНИЕ ШТО НЕМААТ ПРИРОДНИ БОГАТСТВА КАКО ШТО Е НАФТАТА, ЗЕМЈИ СО И БЕЗ ИЗЛЕЗ НА МОРЕ, ИТН.
Што носи ваков висок раст во толку долг непрекинат период? Висок раст на доходот по жител. Ако на почетокот на периодот на ваков раст во Ј.Кореја доходот по жител бил 1.100 американски долари, на крајот од периодот достигнал 13.200 долари, кај Јапонија се зголемил од 3.500 на 39.600 долари, кај Сингапур од 2.200 на 25.400 долари, кај Кина од 105 на 1.400 долари. Во случајот на Кина, да споменеме дека во овие бројки не се опфатениефектите од високиот раст во периодот по 2006 година.
Што ја карактеризира оваа група на земји? Таа е хетерогена група. Најголемата појавна сличност е тоа што 9 од овие земји се од Азија, но кај другите атрибути земјите се разликуваат. Ги има мали и големи, оние што се богати и оние што немаат природни богатства како што е нафтата, земји со и без излез на море, итн. Во вакви околности, суштинското прашање е дали овие земји имаат некакви сличности во поглед на начинот на водење на економските политики, некои заеднички фактори што овозможуваат висок раст одржлив во толку долг временски период? Токму тоа е фокусот на Светска банка, да се утврди кои се тие стратегии и јавни политики што даваат ваков резултат.
Студијата идентификува неколку области кои се исклучително важни за висок и долгорочно одржлив економски раст. Прво, потребна е влада која е способна, посветена и кредибилна. Тоа значи дека во својата посветеност кон остварување висок и одржлив раст владата е инклузивна, а се грижи и за градење на капацитетот на институциите и на јавната администрација. Второ, важно е да се одржува макроекономската стабилност. За таа цел, инфлацијата треба да се одржува на ниско ниво и да се води сметка за долгорочното „здравје„ на јавните финансии. Трето, треба во целост да се искористат можностите што ги дава глобалната економија. Тоа значи дека земјата треба стратешки да се определи за отворена економијашто ќе увезува знаење и технологија. Четврто, земјата треба да дозволи пазарите да ги одредуваат цените на ресурсите. Со други зборови, тоа значи цврсто потпирање на принципите на пазарната економија. Петто, на микро економско ниво треба да се одржуваат високи стапки на штедење и инвестиции и да се развива секторот претпријатија.
Но, треба да се има предвид и тоа дека висок и долгорочно одржлив раст е можен и ако сите овие предуслови не се исполнети. Тука првенствено мислам на улогата на пазарите и државата во функционирањето на економијата. Некои од споменатите земји имале повеќе, а некои многу помалку либерална економија во периодите на висок раст.
Како е направена оваа студија? На начин што овозможува високо ниво на одговорност, професионализам и објективност. Светска банка формирала Комисија која работела во период од 2 години. Во неа членувале претседатели на земји, премиери, гувернери на централни банки, министри за финансии, претставници на ООН, претставник на Ситигруп од приватниот сектор, како и двајца добитници на Нобеловата награда за економија, Роберт Солоу од МИТ универзитетот и Мајкл Спенс од Стенфорд универзитетот.
Дали сознанијата од студијата на Светска банка се релеватни за Македонија? Апсолутно да. Во контекст на градењето на „силна нација“ за која зборува Мајк Зафировски во интервјуто во овој број, поуките од искуствата на овие 13 земји за стратегиите и политиките за одржлив и инклузивен развој можат да бидат одлично надополнување.