Финансии / Банкарство
БРЗИОТ РАСТ НА КРЕДИТИТЕ МОЖЕ ДА ЈА ОТВОРИ ВРАТАТА ЗА ПОЧЕСТИ КРЕДИТНИ ИЗМАМИ
Игор Давков
Авторот е доктор на науки од областа на монетарната економија и финансиите
Во изминатиот број се осврнав на кредитите на домаќинствата како носители на кредитниот раст на пазарот во изминативе неколку години, како и на ризиците поврзани со овој сегмент од кредитниот пазар. Во овој број ќе се обидам да дадам краток осврт на една тема што е поврзана директно со кредитирањето на домаќинствата и не ретко претставува материјален извор на ризик,што најчесто завршува во кредит што тешко може да се наплати.
Во услови на гладијаторска борба на банките во овој сегмент од пазарот, кога банките се обидуваат што е можно побрзо да ги услужат клиентите и брзината на одобрувањето на кредитите да ја истакнат како конкурентна предност, се зголемува ризикот од измами што можат да се јават во различни форми и да резултираат во загуби. Високото учество на потрошувачките кредити и картичните продукти во вкупните кредити и фактот дека овој сегмент од портфолијата на банките е најбрзо растечки упатува на фактот дека банките се натпреваруваат на сегментот од пазарот што може да се карактеризира како најризичен и склон на кредитни загуби. Ова ја отвора вратата не само за лицата чија лична професија е да се биде измамник туку и за измамници „опортунисти“ кои се појавуваат на пазарот кога ќе видат можност на лесен и на едноставен начин да дојдат до парични средства. Во такви услови пресметаните или честопати непресметаните загуби се директен резултат на компромисот што кредитните институции го прават меѓу желбата за пазарен удел и профит денес, од една страна и потребата за прудентна и длабинска анализа на клиентите. Овие загуби кредитните институции најчесто ги прикажуваат како кредитни загуби, но всушност се работи за загуби што се настанати како резултат на материјализација на оперативниот ризик,што произлегува од пропусти во интерните системи на управување со ризиците. Пропустите најчесто се поврзани со несоодветна идентификација на клиентот, валидност на приложената документација кон барањето за кредит или измами поврзани со валидноста на документацијата поврзана со колатералот. Во стручната јавност во Македонија практично и да не постојат јавно објавена анализа и статистички податоци што ќе дадат некоја попрецизна слика за тоа колкави се загубите на финансискиот сектор по овој основ, па оттука многу тешко може да се изведе заклучок дали и колку кредитните измами се реален проблем за кредитните институции на пазарот.
Постојат повеќе класификации на кредитните измами, една е од аспект на тоа дали се работи за екстерна измама или за интерна измама што инволвира лица вработени во кредитната институција. Втор тип на класификација е класификација од аспект на влијанието што го има кредитната измама по профитот, односно дали се работи за обид за измама што е детектиран во фазата на обработка на кредитното барање или се работи за измама што е детектирана откако кредитот е одбиен и кредиторот веќе е изложен на загуби. Трет тип на класификација е класификацијата според кредитниот продукт преку кој „опортунистичкиот клиент“ се обидува да направи измама. Третата класификација е посебно важна со оглед на разликата во природата на кредитните продукти со оглед на различниот профил на ризик и деталноста во проверките на кредитната способност и потенцијалната загуба за кредиторот. Начините преку кои може да се изврши кредитна измама можат да се типизираат на следниов начин:
• крадење на идентитет;
• регистрирање на лажни компании што понатаму се користат како инструмент преку кој се вршат измами;
• измами поврзани со екстерни канали на дистрибуција како што се дилери на автомобили или други типови на кредитни посредници;
• фалсификувана и лажна документација;
• давање на неточни и лажни информации со цел да се задоволи потребнотo кредитнo бодување во случаите кога кредиторот користи кредитно бодување;
• Phishing/Pharming што вклучува претставување на измамниците на интернет како кредитна институција и користење на е-пошта за крадење на идентитетот на лица кои мислат дека комуницираат со кредитната институција;
• неовластено користење и продажба на средства кои сè уште се во фаза на финансирање како што е продажба на возила или друг движен имот врз кој кредитната институција има воспоставено залог.
ВО СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА ПРАКТИЧНО И ДА НЕ ПОСТОЈАТ ЈАВНО ОБЈАВЕНА АНАЛИЗА И СТАТИСТИЧКИ ПОДАТОЦИ ШТО ЌЕ ДАДАТ НЕКОЈА ПОПРЕЦИЗНА СЛИКА ЗА ТОА КОЛКАВИ СЕ ЗАГУБИТЕ НА ФИНАНСИСКИОТ СЕКТОР ПО ОВОЈ ОСНОВ, ПА ОТТУКА МНОГУ ТЕШКО МОЖЕ ДА СЕ ИЗВЕДЕ ЗАКЛУЧОК ДАЛИ И КОЛКУ КРЕДИТНИТЕ ИЗМАМИ СЕ РЕАЛЕН ПРОБЛЕМ ЗА КРЕДИТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ НА ПАЗАРОТ

Во различните законодавства постојат различни дефиниции во врска со кредитните измами, но всушност тие се сведуваат на несоодветно претставување на кредитниот профил на ризик на барателот на кредит со цел тој да се стекне со кредит во рамките на пропишаните кредитни норми под кои се одобрува кредитот. Оттука, во услови на забрзан кредитен раст, потребата од поседување на добро изграден систем за одбрана и превенција од измами се чини дека е еден од базичните предуслови што банките треба да го воспостават за да обезбедат систематска заштита на своите кредитни портофолија. Со оглед на потребата за брза и за ефикасна услуга на клиентите, ултимативно решение е да се обезбеди комплетна автоматизација при проверката на клиентите преку воведување на логички алгоритми или т.н.neural network решенија што се базираат на претходно генеричко искуство на кредиторот за апликации за кредит за кои кредиторот искуствено потврдил дека се работи за измама или за обид за измама. Овие логички алгоритми можат да опфатат повеќе варијабли како што се: конзистентност на податоците во апликацијата за кредит во смисла на возраст, образование, работен стаж, висина на лични примања, пријавена имотна состојба што не одговара на возраста, чести промени во адресните податоци или во телефонските броеви, припадност на одредена социјална група или регион на живеење, како и крадење на идентитет. Потребата од користење на автоматизирани алатки за борба против кредитните измами игра критична улога во заштита на кредитните портфолија. Меѓутоа, со оглед дека кредитните институции не работат сами во некој виртуелен свет и со оглед дека „опортунистите“ решени да ги искористат можностите честопати во исто време се обидуваат да направат обид за измама на повеќе места, како неминовна се наметнува потребата од електронска размена на информации меѓу кредиторите на пазарот. Како што кредитните институции разменуваат информации за кредитната задолженост на клиентите преку Македонското кредитно биро АД Скопје (МКБ), на сличен начин, по претходни соодветни законски измени, би можеле да креираат нов електронски регистар и да разменуваат информации за лица кои направиле обид за измама или веќе направиле измама и на тој начин да ги осуетат идните обиди на овие или слични на нив лица на ист или сличен начин и преку користење на слични или исти инструменти истото тоа да го сторат на друго место на пазарот.
БАЗИТЕ НА ПОДАТОЦИ ШТО ПОСТОЈАТ ВО УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (УЈП) И АГЕНЦИЈАТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (АВРМ), ДОКОЛКУ СЕ СОЗДАДЕ СООДВЕТНА ЗАКОНСКА ОСНОВА СО КОЈА ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ ПРИСТАП НА КРЕДИТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДО НИВ, МОЖАТ ДА БИДАТ МОЌНА АЛАТКА ВО ВАЛИДАЦИЈАТА НА КЛУЧНИТЕ ПОДАТОЦИ НАВЕДЕНИ ВО АПЛИКАЦИЈАТА ЗА КРЕДИТ
Постојат повеќе вакви примери во земјите од ЕУ, меѓу кои можат да се спомнат Италија, Холандија, Обединетото Кралство и Германија како најрепрезентативни примери на држави што успеале да организираат вакви електронски системи, преку кои кредитните институции разменуваат информации со цел спречување на измами. Како илустрација може да се земе примерот на Холандија. Во Холандија од 1990 година функционира систем за спречување на измами, познат како информативен систем на финансиските институции. Преку овој систем финансиските институции ги регистрираат инцидентите поврзани со измами. Дефиницијата на инцидент е многу широка и под неа се подразбира кој било настан што може да ги загрози интегритетот и сигурноста на финансиската институција не ограничувајќи се на: фалсификувани документи, кражба на идентитет, пријавување на лажни податоци, злоупотреба на одобрени финансиски средства преку нивна употреба за намена различна од онаа за која се одобрени, phising/pharming, како и измами поврзани со кредитни и дебитни картички. Во системот учествуваат сите членки на холандското Здружение на банки и осигурителните компании. Сите членки на системот се обврзани да формираат посебно одделение во рамките на својата институција,што е задолжено за процесирање на податоците во системот. Регистрацијата на инцидентите не е ограничена на пријавување на докажани измами, туку напротив, членките во системот можат да пријавуваат и случаи за кои постои сериозно сомневање за измама. За секој регистриран инцидент системот испраќа нотификација и до холандската Агенција за заштита на лични податоци што има издадено согласност на системот за обработка на личните податоци во 2002 година. Врз основа на вака воспоставената инфраструктура членките ги пријавуваат податоците за субјектот на измамата во базата на податоци. Овие податоци понатаму се достапни на сите останати членки. Услови што треба да бидат исполнети за да се достави пријава во системот се:
• да постојат доволно јасни информации за тоа дека се случил таков инцидент;
• инцидентот да е пријавен во Полиција или во Јавното обвинителство;
• инфомациите што се доставуваат во системот треба да бидат соодветни во обем и суштина за да се обезбеди дека приватноста на лицето за кое се поднесува пријавата не е несразмерно нарушена.
ВОСПОСТАВУВАЊЕТО НА СИСТЕМИТЕ ПРЕДЛОЖЕНИ ВО ОВОЈ ТЕКСТ НЕ МОЖЕ ДА ГАРАНТИРА ДЕКА КРЕДИТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЌЕ БИДАТ 100% ЗАШТИТЕНИ ОД ЗАГУБИ ШТО ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД КРЕДИТНИ ИЗМАМИ, НО СЕПАК ОВОЗМОЖУВААТ КРЕИРАЊЕ НА ОРГАНИЗИРАН СИСТЕМ ШТО, ДОКОЛКУ СЕ ВОСПОСТАВИ НА ЗДРАВИ ОСНОВИ, МОЖЕ ДА ИМ ПОМОГНЕ НА КРЕДИТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО ЕФИКАСНО СПРАВУВАЊЕ СО РИЗИКОТ ОД КРЕДИТНИ ИЗМАМИ
Корисниците на податоците можат да ја пребаруваат базата врз основа на повеќе критериуми при што резултатот од пребарувањето е дали лицето или компанијата за кое/која се врши проверката поминува или не поминува низ системот на регистрирани инциденти. Во случаите кога лицето не поминува низ евиденцијата на системот, членката што го иницирала има обврска да го контактира системот за да се изврши валидација дека навистина се работи за предметното лице.
Меѓутоа, покрај електронската размена на податоци,што треба да им овозможи на кредитните институции полесно да ги идентификуваат патеките на однесување на лицата кои се обидуваат да направат измама, од клучно значење за проценка на ризикот е и можноста за валидација на податоците внесени во апликацијата за кредит со бази на податоци од кои ќе добијат ажурни и точни информации за кредитниот капацитет на апликантот како што се: статусот на лицето од аспект на тоа дали податоците за вработувањето и висината на личните примања наведени во апликацијата за кредит се реални и веродостојни. Базите на податоци што постојат во Управата за јавни приходи на Република Македонија (УЈП) и Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ), доколку се создаде соодветна законска основа со која ќе се овозможи пристап на кредитните институции до нив, можат да бидат моќна алатка во валидацијата на клучните податоци наведени во апликацијата за кредит. Со обезбедување законски и технички услови за електронски пристап на кредитните институции до овие бази на податоци, тие ќе бидат во можност на брз, лесен и едноставен начин, аналогно на начинот на кој користат податоци од кредитниот регистар на НБРМ и од МКБ, да ги валидираат информациите кои апликантите за кредит ги декларираат во апликациите за кредит. Нормално, по аналогија, како и во случајот на користењето на податоците од овие две институции,мора да бидат исполнети сите законски барања поврзани со заштитата на личните податоци, вклучувајќи го овде и условот кредитните институции што ги користат овие податоци да имаат потпишано барање за кредит и согласност од апликантот за проверка на неговите податоци во овие бази на податоци.
Воспоставувањето на системите предложени во овој текст не може да гарантира дека кредитните институции ќе бидат 100% заштитени од загуби што произлегуваат од кредитни измами, но сепак овозможуваат креирање на организиран систем што, доколку се воспостави на здрави основи, може да им помогне на кредитните институции во ефикасно справување со ризикот од кредитни измами.
(октомври 2015)