Финансии / Банкарство
КЛУЧНИ ПОЕНТИ ОД ОБРАЌАЊЕТО НА ИВАН ШТЕРИЕВ, ГЛАВЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА БЕРЗАТА, НА ГОДИШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА МАКЕДОНСКА БЕРЗА
За форматот на конференцијата
Оваа година конференцијата повторно ја одржуваме во стариот формат – како конференција на Македонската берза. Нашите партнери од претходните три години (Комисијата за хартии од вредност и Централниот депозитар), во годината во која славиме 20 години од првиот ден на тргување на Берзата, ни ја препуштија нам оваа чест и обврска. Ние, како што и претходно сме нагласувале, веруваме дека овие годишни конференции прераснаа во настан со препознатлив имиџ – место каде се разменуваат мислења за актуелните состојби и се анализираат трендовите на пазарот на капитал во земјата и пошироко. Всушност ова е 17 пат да ја одржуваме конференцијата. Воедно, конференцијата е место за промоција на развојни идеи. Токму овој момент на овогодишнaта конференција ќе биде особено присутен.
Имајќи ги предвид актуелните состојби на пазарот, како и конференциската агенда, во оваа прилика сакам да истакнам неколку битни работи.
Нема да зборувам за бројки и статистики. Од две причини. Прво, тие на нашиот пазар се сеуште такви што не се за истакнување. Второ, во моментов во тек се неколку стратешки инфраструктуни проекти од правна и техничка природа и ефектите од истите не можат да се квантифицираат, иако, речиси е сигурно дека нивниот импакт ќе биде долготраен и сигнификантен.
За регулативата
Оваа година се очекува да заврши процесот со кој ќе се изврши голема новелација на легислативата во областа на македонскиот пазар на хартии од вредност, со акцент на целосно усогласување на националното законодавство со европската регулатива. Генерално може да се каже дека моменталната правна рамка на којашто се темели нашиот пазар е изградена врз современи нормативни решенија од коишто повеќето ги исполнуваат меѓународните стандарди и добри практики. Сепак, тековната промена на регулативата ќе значи максимална хармонизација на нашите прописи со европските директиви - што е важно од аспект на правната униформност што ја бараат странските инвеститори. Но, тоа не значи дека во сегашните решенија постојат некои суштински проблеми. Оттука, голем предизвик ќе биде како ќе се транспонираат овие директиви, дизајнирани за поголеми и поразвиени пазари, без да се направат посериозни дисторзии во специфичното функционирање на нашиот пазар.
Регулативата секогаш треба да се разгледува и од развоен аспект и да се воведуваат решенија во функција на унапредување на пазарните состојби. На пример, да се размисли за креирање на концептот на „вертикален силос“ (како во сегментот на тргувањето, утврдувањето и порамнувањето, така и во сегментот на регулативните институции), „далечинско берзанско членство“, задолжителното намалување на номиналната вредност на акциите, пофреквентна исплата на дивиденди, определени редефинирања поврзани со пензиските фондови, корпоративното управување, даночните стимулации итн. Некои од ваквите решенија би биле нетипични и не се дел од европската пракса, но би биле соодветни за нашите потреби. Креаторите на политиките треба да ја имаат предвид оваа дихотомија во наредниот период.

За новата СЕЕ Линк платформа и регионалното поврзување на берзите
Очигледно е дека на нашиот пазар му е нужно потребно враќањето на странските портфолио инвеститори како катализатор за поинтензивна динамика, но и како искра што ќе вбризга нов оптимизам кај домашните пазарни учесници. Поради тоа многу пати сме нагласувале дека наш приоритет се различните форми на институционално вмрежување со други пазари. Македонската берза беше голем поборник на овој модел и може да се каже дека имавме многу значајна улога во актуелниот проект за регионално поврзување на берзите, односно т.н. СЕЕ Линк платформа. Платформата, како што е познато, иницијално ќе ги поврзе членките на берзите од Хрватска, Бугарија и Македонија. Белградската и Љубљанската берза веќе се придружија на СЕЕ Линк и ќе бидат оперативно приклучени до крајот на оваа година. На почетокот на март и берзата од Бања Лука достави барање за пристапување кон СЕЕ Линк. Заинтересирани се и други берзи што континуирано придонесува за зголемување на атрактивноста на оваа платформа, која е прва од ваков вид во Европа. Би сакал да истакнам дека ова, после повеќе претходни нереализирани обиди, навистина претставува големо постигнување. Среќни сме што почетокот на функционирање на СЕЕ ЛИНК платформата коинцидира со нашиот дваесетгодишен јубилеј. Денес, заедно со претставници на другите берзи кои се веќе составен дел на проектот, како и со претставниците на ЕБОР којашто максимално го подржа овој проект, ќе ја прогласиме СЕЕ ЛИНК платформата за оперативна, со што системот за прекугранично пренасочување на налозите за тргување ќе стане достапен за брокерите во регионот.
Покрај тоа што за очекување е дека СЕЕ Линк ќе ја зголеми визибилноста на македонскиот пазар на хартии од вредност и градуално ќе привлече нови странски инвеститори на берзата со сите повратни позитивни импликации од тоа, со отпочнување на функционирањето на оваа платформа македонските граѓани за прв пат ќе можат легално да вложуваат во хартии од вредност на странски пазари. Тргувањето ќе се врши преку домашни брокерски куќи и банки. На овој начин и на домашните инвеститори и на финансиските посредници им се отворат нови деловни можности.
За очекување е дека на среден рок СЕЕ ЛИНК ќе ја зголеми ликвидноста на регионалните blue chip-ови, ќе го зголеми прометот на секоја берза поединечно и позитивно ќе влијае на нивната економска вредност.

За новиот современ софтверски систем за берзанско работење
Покрај завршувањето на овој меѓународен проект, годинава Берзата ќе финализира уште еден многу значаен проект. Тоа е микро проект, поврзан со СЕЕ ЛИНК, но нужно потребен веќе подолго време неврзано со регионалното поврзување. Имплементацијата на овој проект ќе значи големо технолошко и софтверско осовременување на работењето на членките на Берзата. Имено, по барање на нејзините членки, Берзата минатата година активно се вклучи во обезбедување и имплементација на нов современ софтверски систем за брокерско работење. Истиот беше набавен од странство и токму оваа недела ќе се изврши пуштање во продукција на адаптираната верзија на софтверот кај првата членка на Берзата. Очекувањата од новите развојни можности што ги нуди овој софтвер се големи, особено во насока на модернизација на работењето, управувањето со ризиците и отворањето на нови продажни канали за брокерите - прием на налози од клиенти преку Интернет и интеграција со СЕЕ Линк и странските пазари.
За организацијата на конференцијата
На крајот, би сакал да истакнам дека оваа конференција се организира без поддршката на спонзори, со нејзино целосно финансирање од страна на Берзата и без наплата на котизација. Тоа е последица на нашата одлука конференцијата да биде дел од активностите поврзани со прославата на дваесетгодишнината од првиот ден на тргување на Македонска берза. Се надеваме, на ваше задоволство.
(март 2016)