Перспектива
ЛЕКЦИИТЕ ОД ГРЧКАТА ДОЛЖНИЧКА ДРАМА
Зоран Јовановски
јули 2015
Текстов е напишан последниот ден пред овој број да отиде во печат, во моментот кога дојде веста дека е постигнат договор меѓу доверителите и Грција за нов финансиски пакет. Со тоа грчката должничка драма влегува во помирни води, но сепак од неа можеме да извлечеме бројни поуки за Република Македонија. Еве некои од најважните.
Прво, водењето на одговорна фискална политика нема алтернатива. Само со таква политика една држава може да обезбеди стабилна иднина за сите свои граѓани, вклучително и за најмладите кои не го создале проблемот, но ги трпат последиците. На крајот на денот, за доверителите воопшто не е важно дали еден или друг премиер, влада, политичка партија го направиле долгот. Сметката секогаш доаѓа и мора да се плати.
Факт е дека има моменти кога една држава носи големи фискални одлуки во силен емотивен набој, како што беше, на пример, финансирањето на организацијата на Олимписките игри во Грција. Од тој чин целата грчка нација со право се чувствуваше многу горда, но цената за тоа е висока, денес има спортски објекти изградени за таа Олимпијада во кои не се одржуваат никакви настани и не носат никакви приходи за враќање на долговите.
Факт е дека некогаш околностите на меѓународните финансиски пазари се такви што има вишоци на слободни пари кои по релативно поповолни услови можат да бидат позајмени од владите и со тоа полесно да се покријат дупките во државната каса, замаглувајќи го вистинскиот недостиг на финансиска кондиција во водењето на државниот буџет.
Некогаш лесниот пристап до туѓи пари, во форма на кредити или на фондови, води до необјаснива леснотија во трошењето од страна на државата. На пример, според информации во меѓународните медиуми, во изминативе години во Грција повеќе од 500 професии биле класификувани како ризични и овозможувале одредени финансиски погодности. Тука не зборуваме за полицајци, пожарникари и сл., туку за фризерки кои работат со киселини, за радиоводители кои доаѓаат во допир со микроби од радиомикрофоните итн.
Сите овие околности можат да бидат објаснување, но не и оправдување за отстапување од водење дисциплинирана фискална политика. Притоа водењето на одговорна фискална политика не може да биде иницијатива на поединец или на малкумина. Таа мора да биде јасно дефиниран и усвоен меѓугенерациски договор во едно општество.
Второ, столб на фискалната политика е фискалната дисциплина. Трошењето на парите од државниот буџет е второстепено прашање. За да трошите морате најпрвин да имате што да трошите, да обезбедите сигурни и стабилни извори на приходи. Грција има проблем со даночна евазија. Не смее да се случи да отидете таму на годишен одмор и да не добиете фискална сметка за ручекот во ресторан, за пијалакот во кафуле или за чадорот за сонце на плажа итн. Фискалната дисциплина е област каде што во Република Македонија е направено сериозно подобрување, но тоа мора да остане така и во иднина. Оној кој затајува од државата всушност ги поткопува нејзините темели и нејзината иднина.
Ако на Грција, која е земја-членка на ЕУ и е дел од еврозоната, ѝ оди толку тешко преговарањето и добивањето на финансиска помош за извлекување од постојната должничка криза, што остана за, не дај Боже, Република Македонија, кога таа би требала да биде спасувана. Кој би ја спасувал и по која цена? Најдобриот одговор на ова прашање е да не дозволиме тоа да се случи. Тоа можеме да го направиме
Трето, мора да постои висок степен на транспарентност во општеството. Тоа е еден од клучните елементи за поголема фискална дисциплина и водење на одговорна фискална политика. За таа цел потребни се квалитетни податоци во кои можете да имате доверба. Не е случајно тоа што едно од најновите барања на европските доверители е зголемување на независноста на државната статистичка установа во Грција. Граѓаните на една земја имаат право да ги знаат податоците, да ги добиваат навремено, со потребниот квалитет и обем. Високата транспарентност, не само фискална, туку во сите области на водењето на државните политики, е ефикасен механизам за рано предупредување, за идентификација на проблемите и за преземање на потребните корективни чекори пред проблемот да стане неиздржливо голем.
Меѓународните медиуми посочуваат дека проблемот со отсуство на задоволителна транспарентност и квалитет на податоците бил карактеристичен за Грција одамна и ја проблематизираат точноста на финансиските податоци уште од времето на влезот во ЕУ. Во тој контекст има едно старо непишано правило што го знаат регулаторните тела кои регулираат одредена област и даваат лиценца за влез на нови учесници во нивната област. Ако сте регулатор и на почетокот, на влезот, при процесот на лиценцирање му овозможите некому да се протне, кога тогаш тоа ќе се врати како бумеранг.
Четврто, стабилноста и одржливоста на пензискиот систем е прашање на долгорочен опстанок на државата. Ако младите луѓе, на почетокот од кариерата, тешко можат да најдат работа, а патем имаат и перцепција дека постојниот пензиски систем е тешко одржлив, тогаш нивната одлука за заминување во странство е сосема рационална и очекувана. Одредени анализи покажаа дека за 49 проценти од грчките семејства пензиите се главниот извор на приходи и затоа толку тешко одеа преговорите во тој сегмент. Но, поуката од грчкиот случај е дека дарежливоста на пензискиот систем мора да биде во линија со реалните можности на државата. Како што неодамна рече актуелниот премиер на Италија Ренци, еден од поддржувачите за останување на Грција во еврозоната: „Ние не им го укинавме раното пензионирање на Италијаните за да им дозволиме на Грците да го имаат“.
Петто, прашањето на довербата. За германската канцеларка Меркел, во грчката должничка драма е изгубена најважната работа, довербата меѓу доверителите и Грција, а таа е столбот на кој се потпира идната соработка. Тоа е точката во која се спојуваат сите претходно наведени елементи. Затоа и се бара Грција прво да ги донесе потребните законски измени, па да се одобрат парите од финансискиот пакет.
Конечно, едно од најважните прашања за нас. Ако на Грција, која е земја-членка на ЕУ и е дел од еврозоната, ѝ оди толку тешко преговарањето и добивањето на финансиска помош за извлекување од постојната должничка криза, што остана за, не дај Боже, Република Македонија, кога таа би требала да биде спасувана. Кој би ја спасувал и по која цена? Најдобриот одговор на ова прашање е да не дозволиме тоа да се случи. Тоа можеме да го направиме.