Убава Македонија

ПРЕСПАНСКИТЕ ОСТРОВИ

Александар Матески

Во февруари 2010 година, во с. Винени (Пили), во грчкиот дел на Преспа, беше потпишан трилатерален меѓудржавен договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа. Ваквиот прекрасен пример за зелена дипломатија докажа дека природата може да го обедини и Балканот, и покрај сите предрасуди и стереотипи меѓу народите. Од скоро и УНЕСКО го прогласи Охрид-Преспа за прекуграничен биосферен резерват, што е силен импулс за заштита на природните убавини и развојот на туризмот во преспанскиот крај. Двете езера во преспанскиот регион, Големото Преспанско и Малото Преспанско Езеро, се познати и по трите острови (Голем Град, Мал Град, Свети Ахил), секој во посебна држава, никој помалку значаен и помалку убав од другиот.

Пристапот до најголемиот остров во Република Македонија, и најголем во преспанскиот регион, островот Голем Град, е наједноставен и најбрз од селото Коњско до кое се пристапува по земјен пат од Стење во должина од речиси 8 км. Оддалеченоста на островот од селото Коњско е нешто повеќе од 4 км. Коњско, право рибарско село, e последно од западната страна на брегот, непосредно до македонско-албанската граница. Островот, пак, е вистинска оаза на недопрена природа и е можеби најатрактивното место за посета, пред сѐ, поради огромниот биодиверзитет од кој доминантно место имаат змиите поради кои го носи и називот „Змиски остров“, големиот број и видовите птици (корморан, дива патка, пеликан и слично), но и дивата фоја како специфичен вид дрво кој е малку распростанет во нашите предели. Поради големиот број на змии, од кои дел се отровни (поскок), неопходно е внимателно движење и задолжително носење на заштитна облека. Островот, како и островот Мал Град во Албанија и Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро, има остатоци од населби од кои најсочувана е црквата посветена на свети Петар, изградена во 1360 година. Атрактивен, на ова омилено место за одмор на познатиот цар Самоил, е и пештерскиот натпис на глаголица што не смее да се пропушти при посетата на островот. Островот, во секој случај, нуди адреналински туризам за оние кои сакаат посета на нешто ново, патување во дивина, а истовремено немаат голема фобија од влекачи.  Во спротивно може да биде непријатно, но, сепак, искуство за долго паметење.

Островот Мал Град се наоѓа во западниот дел на Големото Преспанско Езеро. До островот се пристапува најлесно од Пустец, а превозот не е никаков проблем со оглед на тоа што голем дел од населението се занимава со риболов. По само 20-тина минути возење се пристигнува до островот каде што се наоѓа една од најстарите пештерни цркви во регионот посветена на света Богородица, изградена во 1345 година. Од кажувањата на нашиот пријател Таки, кој случајно го запознавме во Пустец, локалното население има голема почит кон островот и кон црквата, но таа, за жал, пред неколку години била мета на дивите копачи за кои се претпоставува дека од островот однеле бројни артефакти и скапоцености. И овој остров, како и Голем Град, е познато живеалиште на влекачи, а за разлика од поголемиот сосед има многу послабо развиена флора, од која препознатлива е смоквата, од која локалното население прави препознатливо слатко. Во близина на брегот е селото Зрноско, во кое во последниве години се изградени повеќе угостителски објекти во кои се нудат македонски специјалитети и локална риба.

Во Малото Преспанско Езеро, кое во доминантен дел е на грчка територија, најпознат и најпрепознатлив е островот Свети Ахил, именуван по базиликата посветена на свети Ахил Лариски. Во седумдесеттите години од минатиот век, во базиликата од десната страна е пронајден и гробот на цар Самоил. Денес, точно 1000 години од смртта на големиот цар, моштите се наоѓаат во Солун, а на гробот со кирилично писмо е испишано името на големиот цар. До островот се пристапува по понтонски мост, а на островот се наоѓа и прекрасен угостителски објект во кој традиционално секоја година се одржуваат уметнички колонии. Местото е често престојувалиште на вљубениците на птиците кои, во околината на островот, ги има над 150-тина видови. Вториот, и многу помал остров, Витринеци, е ненаселен и помалку атрактивен.

Покрај заштитата на животната средина и овој прекрасен резерват, клучна задача на која треба да се работи, пред сѐ, на комплицираните македонско-грчки односи, во иднина ќе биде и отворањето на граничниот премин Маркова нога со што ќе се даде огромен простор за развој на туризмот, обновување на контактите меѓу месното население од двете страни кои ги поврзува природата, заедничката историја, јазикот и заборавените семејни врски. Преспа, домот на толку богат животински и растителен свет, со прекрасните води на двете езера, со трите острови секој во различна држава и секој богат со флора, фауна и голема историја, е место кое мора да биде зачувано, а тоа е задача на трите држави на кои им припаѓа денес.

ПРЕПОРАЧАНО