Перспектива

ЗА ИЗБОРИТЕ И ЗА ИДНИНАТА

Зоран Јовановски

 

Овој број на „Економија и бизнис“ отиде во печатница утрото на 12 декември, денот после предвремените избори. Но, овој текст, како и сѐ друго во овој број, е пишуван и подготвен за печатење пред изборите. Таков е случајот и со прашањето што им го поставивме на редица релевантни луѓе за нивните очекувања за 2017 година за македонската економија и областа во која делуваат. Тие одговорија пред изборите.
Некои пријатели ми рекоа дека тајмингот е ужасен, дека требало овој број на магазинот да оди во печатница или една недела пред изборите или една недела по изборите. Зошто? За да можеле сите автори или прашани да си ги позиционираат своите текстови или одговори според исходот на изборите. Јас не се согласувам со таа логика. Затоа, ако некој не знае, а го чита овој број на магазинот, нема да може да погоди дека токму сега имало предвремени парламентарни избори во Македонија. Нема текстови за изборите, нема реклами на политичките партии, нема интервјуа со политичари...
Се разбира, ова не значи дека предвремените парламентарни избори не се важни за иднината на Македонија. Напротив. Сите парламентарни избори во било која земја се важни за нејзината иднина. Но, јас сум под една друга импресија. Тоа е силната импресија што ми се креираше од интервјуата што ги правевме во последниве броеви при крајот на годинава. Од интервјуто со Гурудут Банавар, човекот задолжен за наука во американскиот Ај-би-ем, ми стана појасно до каде е дојдена работата со развојот на вештачката интелигенција. Тој вели секој професионалец ќе има когнитивен асистент базиран на вештачка интелигенција. Вели дека 90 проценти од податоците во светот се креирани во последните 18 месеци. Вели дека човештвото се наоѓа на работ на следната технолошка револуција заснована на вештачката интелигенција, дека тоа е револуција како што своевремено била индустриската револуција или револуцијата што ја предизвика информатичката технологија во втората половина на минатиот век.

УТРОТО ПОСЛЕ ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ, КОЈ И ДА СЕ РАЗБУДИ СРЕЌЕН ОД ИЗБОРНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, ТОА Е СРЕЌА ВО ЕДЕН МАЛ ПРОСТОР, ВО ЧАУРАТА ВО КОЈА СЕ НАОЃАМЕ, НА СВОЈ НАЧИН ИЗОЛИРАНИ ОД СВЕТОТ. НО, ВО КОНТЕКСТОТ НА ТЕХНОЛОШКАТА ПРОМЕНА ШТО ГО ПРЕПЛАВУВА СВЕТОТ, СÈ ДОДЕКА НЕ РАЗГОВАРАМЕ ЗА ОНА ШТО ЌЕ ЗНАЧИ ЕКОНОМСКИ ОПСТАНОК, ПОЕДИНЕЧЕН И КОЛЕКТИВЕН, ЗА СИТЕ НАС ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, БИЛО КАКОВ ИСХОД НА ИЗБОРИТЕ НЕ МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ДОЛГОРОЧНО ОДРЖЛИВА СРЕЌА

На ова се надоврзаа импресиите од интервјуто со Томи Ахонен, глобален консултант за мобилна телефонија со репутација на рок ѕвезда. Тој вели дека сѐ во светот технолошки ќе се поврзе, дека ни следи комплетна дигитализација и дека мобилната телефонија ќе биде клучна алка во тој поглед. Ќе се променат бизнис моделите, а мобилната телефонија, како неизоставен елемент на видоизменетите бизниси, ќе стане индустријата со најголем раст и најголема вредност на планетата.
Како да се реагира на овие фасцинантни, историски значајни технолошки моменти? Или, ако го поставиме прашањето на поедноставен начин, каде оди светот, а каде сме ние? Но, не, ние како општество не разговараме за вакви работи, без оглед за кое ниво на опсервација станува збор. Да тргнеме од најбазичното ниво и да се запрашаме каде е секој од нас поединечно во оваа приказна? Што значи професионално за секого од нас новата технолошка револуција којашто сега започнува? Што значи укажувањето на Светскиот економски форум дека 5 милиони луѓе ширум светот ќе ги изгубат своите работни места заради роботизацијата? Колку знаењата и вештините што ги поседува секој од нас ни се доволни за да ни обезбедат работно место до моментот на пензионирање? Треба ли секој од нас нешто да направи за да си ги подобри сопствените шанси во тој поглед? Што е тоа што треба да се направи?
Чекор понатаму. Што значат за бизнисот на секој бизнисмен во земјава сите овие технолошки промени кои надоаѓаат? Во нашиот животен век едноставно одеднаш исчезнаа, како диносауруси, производи чијашто примена беше толку широко распространета што тоа претходно изгледаше речиси невозможно. Се сеќаваме дека едно време постоеја музички плочи, машини за чукање, па видеокасети, па флопи дискови. Ништо од ова веќе не постои. Како ли се чувствуваат денес оние луѓе кои имаа вакви бизниси? Кои се следните бизниси, како типови на бизнис, што драматично ќе се видоизменат или едноставно ќе исчезнат?
Уште еден чекор понатаму. Што значи технолошката револуција што започнува за општеството во кое живееме? Какви поуки можеме да извлечеме од земји што поминаа низ дигитална трансформација, како на пример Јужна Кореја и сл.? За што ги трошиме ресурсите? Какви кадри образуваме? Кој е нашиот одговор на промените, како се адаптираме, како ги вградуваме нашите одговори во стратешките, долгорочни економски планови и проекции за Република Македонија?
Некој ќе рече, чекај малку, сѐ по ред, согласно приоритетите. Има време за тие работи, прво нека поминат изборите, па после за другото. Секако, може и така да се гледа на работите. Но, мислам дека светот нема да нѐ чека, ниту поединечно било кого од нас, ниту колективно, како земја. Утрото после парламентарните избори, кој и да се разбуди среќен од изборните резултати, тоа е среќа во еден мал простор, во чаурата во која се наоѓаме, на свој начин изолирани од светот. Но, во контекстот на технолошката промена што го преплавува светот, сѐ додека не разговараме за она што ќе значи економски опстанок, поединечен и колективен, за сите нас во Република Македонија, било каков исход на изборите не може да донесе долгорочно одржлива среќа.

Среќна Нова 2017 година!

ПРЕПОРАЧАНО