Интервјуа

СТАНДАРДИТЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ, ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ЗА СОЦИЈАЛНИ ПРАШАЊА НОСАТ РЕПУТАЦИЈА И ДОЛГОРОЧНИ ЗАШТЕДИ

Мерима Зупчевиќ Бузаџиќ, Дениз Бахароглу

ИФЦ, Групација Светска Банка

Како ги дефинирате стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања? Што опфаќаат тие?

Дениз Бахароглу: На стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања гледаме како на значајна компонента од агендата за одржливост во секоја земја и во секоја организација од јавниот и од приватниот сектор. Овие стандарди опфаќаат широк спектар на аспекти како што се проценка на влијанието на животната средина и општеството, ангажирање на засегнатите страни, формулација и имплементација на ублажувачки мерки, како и разгледување на импликациите од активностите на разни засегнати страни врз управувањето со организациите. Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како меѓународна развојна институција, работи со цел да се воспостават подобри стандарди за управување, за животна средина и за социјални прашања во земјите во развој и му помага на приватниот сектор да ги промовира и целосно да ги вгради во деловното работење.

Зошто се важни овие стандарди? Се вели дека животната средина и социјалните аспекти од инвестициските стратегии им носат на компаниите финансиски последици. Ќе може ли да ни објасните подетално?

Мерима Зупчевиќ Бузаџиќ: Овие стандарди ги водат организациите од јавниот и од приватниот сектор за да го унапредат своето управување преку донесување подобри одлуки, зголемување на нивната оперативна ефикасност, подобро вреднување и управување со ризиците и влијанијата, и тоа како со репутациските, така и со влијанијата врз животната средина и социјалните ризици. Тие им помагаат да се привлечат и да се задржат инвестициите намалувајќи ја цената на чинење на капиталот и доведувајќи до унапредување на условите за кредитирање, зголемувајќи ја оперативната ефикасност и унапредувајќи го пристапот до финансирање. Приватните и јавните организации и граѓаните во земјите во развој сѐ повеќе настојуваат да се интегрираат во глобалната економија и да привлечат капитал за раст и развој на локалниот бизнис, да креираат работни места и да ја подобрат инфраструктурата за сите граѓани. Меѓутоа, овие стандарди честопати може да се гледаат како бариера. Сепак, организациите што ќе ги вградат овие аспекти во своите деловни модели добиваат поврат на инвестицијата со тоа што уживаат во пониските трошоци за домашниот и за странскиот капитал и во позитивно влијание врз ефикасноста на деловните процеси што доведува до долгорочни заштеди. Фирмите што се посветени на одржливоста ги интегрираат овие стандарди како стратешка цел за доброто корпоративно управување заедно со одборот на директори кој е разнолик и полн со знаења, кој гледа нанапред и стратешки се фокусира притоа надледувајќи ги управувањето со ризиците и работата на високото раководство и помагајќи му да се идентификуваат и да се третираат аспектите на животната средина и социјалните аспекти.

Но, не станува збор само за финансиските аспекти. Јас би рекол дека соодветната имплементација на стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања исто така влијае и на репутацијата на компанијата.

Мерима Зупчевиќ Бузаџиќ: Тоа е сосема точно и претставува многу важен фактор за неодамнешното усвојување на унапредените стандарди за управување, за животна средина и за социјални прашања кај компаниите. Имаме просведочено многу случаи низ целиот свет во кои големите компании почувствуваа негативно влијание од лошите релации со своите доставувачи и од негативното влијание врз животната средина од своите активности. Транспарентниот однос кон разни интересни групи, грижата за заедницата и локалната животна средина, како и објавувањето на релевантните информации играат голема улога во градењето (или уништувањето) на репутацијата на една компанија. Доколку компаниите сакаат да гарантираат соодветен степен на транспарентност, тие треба да обезбедуваат систем на добро управување што ќе овозможи ефективно одлучување и ефективни комуникациски канали.

Дали можете да наведете неколку бизнис-случаи како примери од имплементација на стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања?

Дениз Бахароглу: Кај нас секој клиент и секој проект претставуваат посебна студија на случај во која ИФЦ врши позитивно влијание врз унапредувањето на овие стандарди во приватниот сектор. Како најголем инвеститор во приватниот сектор кај земјите во развој ИФЦ се соочува со многу ситуации во кои примената на здрави стандарди за управување, за животна средина и за социјални прашања претставува неопходен услов за партнерство со локалните организации. Во ИФЦ развивме наш пакет на стандарди, т. н. „Стандарди за работење“, кои ја претставуваат нашата рамка за процена на ризиците од ефектите врз животната средина и социјалните ефекти од проектите и предвидуваат мерки за ублажување на овие ризици. Од 2006 година стандардите за работењето се прифаќаат во меѓународни рамки и моментално се применуваат кај повеќе од 80 финансиски институции и комерцијални банки.
Постојат конкретни придобивки од правилното работење од деловен аспект. Во спротивно се јавуваат финансиски и репутациски последици по бизнисот. Како што наведе главниот извршен директор на Блек рок во магазинот Бизнис инсајдер, „стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања кои ги опфаќаат климатските промени, грижата за диверзитетот и ефективноста на одборите на директори имаат на долг рок вистински финансиски ефекти што можат да се квантифицираат“. Освен тоа, во компаниите кои добро постапуваат по овие стандарди честопати има сигнали на врвност во работењето. Пред некое време ги разгледувавме трошоците што се јавуваат доколку не се постапува правилно во однос на заштитата на животната средина. На пример, чистењето на водното загадување за една рударска компанија може да е многу поскапо отколку инсталирањето на неопходните резервоари за седиментација со што уште во старт ќе се спречи загадувањето. Не треба ни да ги спомнуваме финансиските и репутациските трошоци од протестите на незадоволното население или доцните набавки поради забарикадираните патишта.
Ајде сега да го погледнеме проблемот на макроекономско ниво. Гледаме дека загадувањето носи огромни последици со значителни трошоци за јавниот и за приватниот сектор и со негативни ефекти врз развојот на многу земји преку намалување на економската продуктивност. Освен тоа недостасува или не е доволно развиена овозможувачката средината, односно вистинските регулативи, нивното спроведување и мотивациските фактори. Може да се заклучи дека мора да постои правична распределба на трудот: државата мора да обезбеди адекватно регулаторно опкружување, а приватните и јавните инвеститори мора сериозно да ги земат предвид и да ги вклучат овие стандарди во својата ДНК.

Во поширок контекст, стандардите за управување, за животна средина и за социјалните прашања се значаен елемент од одржливиот развој. Ова е тема која оди подалеку од исклучиво чистите корпоративни интереси. Дали може да се каже дека ова е точка каде што се сретнуваат добрите намери на компаниите и владите?

Дениз Бахароглу: Ова е одличен начин да се гледа одржливоста – точка во која се пресретнуваат интересите на компаниите и на владите. Размислувањата до скоро беа дека овие стандарди „изгледаат добро“, дека стандардите за заштита за животна средина и социјалните стандарди се корисни за компаниската репутација и за унапредување на односите со локалната заедница, а стандардите за управување се корисни за односите со акционерите. Но, сега постои поинаква перспектива и овие стандарди стануваат точка каде што се сретнуваат јавните и приватните интереси. Привлекувањето инвестиции доведува до креирање повеќе работни места, подобра инфраструктура, поголеми приходи од данок и други давачки за државата, како и пат кон стабилност. Сега сме исто така сведоци на пораст на бројот на големи компании кои оставаат свој отпечаток во своите локални средини. За да се придонесе кон пошироката улога што ја има државата за заштита на своите граѓани од штетни последици треба сериозно да се земаат предвид интересите на засегнатите страни и да се спречат и да се управуваат негативните влијанија врз животната средина.

Г-ѓа Бахароглу, Вие имате долга кариера во групацијата на Светска банка. Имате повеќе од 20 години искуство работејќи во повеќе од 30 земји во пет различни региони. Од Вашето искуство, кои се клучните предизвици на глобално ниво поврзани со воведувањето на стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања во Кодексот за корпоративно управување и нивното имплементирање од страна на компаниите?

Дениз Бахароглу: Постојат неколку предизвици од глобална и од локална природа. Првиот предизвик е прв да се излезе од „тињата“. Кога некои организации од приватниот сектор воведуваат ниско ниво на стандарди, потоа многу им е тешко да покажат дека прават напори да ги надминат ниско поставените стандарди. Како второ, во некои земји во развој законската и регулаторната рамка или нивната примена (заедно со мерките за стимулација) не се секогаш доволно силни. Со нив се предвидуваат значително пониски стандарди отколку меѓународно прифатените стандарди како најдобра пракса. Како трето, во врска со воведувањето на стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања во Кодексот за корпоративно управување, сѐ уште не постојат многу примери од други земји од кои може да се учи и понекогаш со недоумица се разгледуваат овие стандарди како интегрален концепт – нешто што е одамна прифатено во развиените земји, но што сѐ уште не е случај во земјите во развој.

РАБОТАТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И НА МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА Е МНОГУ ЗНАЧАЈНА. ТИЕ СЕ ПИОНЕРИ ВО ДВЕ РАБОТИ: ПРВО, ВО ПРОШИРУВАЊЕТО НА КОДЕКСОТ ЗА КОРПОРАТИВНО УПРАВУВАЊЕ КОЈ СЕГА ЈА ВКЛУЧУВА И УЛОГАТА НА КЛУЧНИТЕ ТЕЛА ЗА УПРАВУВАЊЕ, КОИ ГИ НАДГЛЕДУВААТ РИЗИЦИТЕ ОД НЕГАТИВНОТО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И СОЦИЈАЛНИТЕ ОДНОСИ, И ВТОРО, ВО ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЦЕЛНАТА ГРУПА НА ОВОЈ КОДЕКС КОЈ ЌЕ СЕ ОДНЕСУВА НА СИТЕ АКЦИОНЕРСКИ ДРУШТВА ВО МАКЕДОНИЈА

Г-ѓа Зупчевиќ Бузаџиќ, како ја проценувате ситуацијата поврзана со стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања во регионот кој го покривате: Европа и Централна Азија?

Мерима Зупчевиќ Бузаџиќ: Во Европа и во Централна Азија ситуацијата не се разликува многу од една земја до друга. Направивме многу во промовирањето на корпоративното управување и во промоцијата на стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања за речиси две децении и можеме да кажеме дека, на пример, пазарниот сегмент на берзански котираните копании е многу понапреден кога станува збор за примена на овие стандарди делумно поради законските барања, а делумно и поради притисокот и стандардите кои се развиени од страна на регулаторите на пазарот на капитал и на самите берзи. Но, мора да имаме на ум дека малите и средни претпријатија ја движат економијата во повеќето од земјите од овој регион. Ова е местото каде што лежат клучните прашања. Унапредувањето на овие стандарди кај малите и средни претпријатија е најголем предизвик кој стои пред нас. Затоа работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и на Македонската берза е многу значајна. Тие се пионери во две работи: прво, во проширувањето на Кодексот за корпоративно управување кој сега ја вклучува и улогата на клучните тела за управување, кои ги надгледуваат ризиците од негативното влијание врз животната средина и социјалните односи, и второ, во проширувањето на целната група на овој Кодекс кој ќе се однесува на сите акционерски друштва во Македонија.

Во март учествувавте на настан во Скопје поврзан со стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања. Кои се Вашите впечатоци од овој настан?

Мерима Зупчевиќ Бузаџиќ: Настанот беше импресивен од неколку причини. Прво, навистина беше одлично да се види отвореноста на различни заинтересирани страни од државниот и од приватниот сектор да се прифати потребата од агенда за одржливост на приватниот сектор. Второ, сиот труд вложен во изработка на нов Кодекс за корпоративно управување сега е повеќе во согласност со тековните најдобри пракси споредено со неговата претходна верзија. Трето, ова е прв пример на Кодекс за корпоративно управување кој вклучува надзор врз ризиците по животната средина и социјалните ризици во регионот на Западен Балкан. Затоа ми беше задоволство и чест да бидам сведок на првата од многуте дискусии кои, несомнено, ќе обезбедат унапредување на стандардите за управување, за животна средина и за социјални прашања во Македонија.

Ви благодариме за интервјуто.

ПРЕПОРАЧАНО