Перспектива

НИЗ КОЈА ВРАТА ЌЕ ПОМИНЕ НОВИОТ ПРЕМИЕР?

Зоран Јовановски

Текстов го пишувам на денот кога е објавен списокот на кандидатите за членови на новата Влада на Република Македонија. Имајќи ја предвид динамиката на „Економија и бизнис“ како месечник не можам да го чекам официјализирањето на изборот и одам со претпоставката дека тесното парламентарно мнозинство ќе ја изгласа новата Влада во парламентот.

Најпрвин, честитки до новата Влада. Во текот на целиот процес претставниците на парламентарното мнозинство покажаа храброст којашто на моменти се граничеше со лудост. Она што посебно би го издвоил е определбата на раководството да ги преземе врз себе последиците од ризикот од ескалација на настаните (и да го изеде ќотекот) и притоа да не возврати со „народ“, со што се избегна граѓански судир од пошироки размери, комплетно закочување и преоѓање на земјата на слеп колосек. Ваквата одлука веројатно беше една од најважните за иднината на земјата.

Што сега? Се разбира, нема да зборуваме за кадровските решенија. Тие се избор на новиот премиер. Како предводник на процесот на промена на власта тој има право да си одбере тим по сопствено наоѓање, тим во којшто има доверба и од кој очекува да ги реализира предвидените реформи. Нема да зборуваме ниту за конкретните мерки и чекори во поодделни области, бидејќи тие сепак се оперативни чекори. Наместо тоа, во моментов ситуацијата налага новата Влада да се фокусира и изгради јасна позиција за неколку, навидум, едноставни стратешки определби.

Првата е дека јавноста во Република Македонија мора да види јасна и недвосмислена натпартиска ориентација на новата Влада. Јавноста тоа ќе го измери, на пример, преку оценка затоа колку е инклузивен пристапот на Владата. Дали нејзините кадровски решенија, не само министерски, се исклучиво партиски или има и такви коишто немаат врска со политички, партиски ангажман? Или, дали Владата ќе сака да слушне што повеќе мислења без оглед дали тие некогаш ќе бидат критички настроени кон неа?

Втората стратешка определба е на одреден начин последица на првата. Новата Влада мора да се фокусира на тоа да испорача длабока деполитизација на општеството. Веројатно еден од најголемите успеси на новата Влада би бил кога пред следните парламентарни избори јавноста веќе би подзаборавила кој сѐ е министер, а наместо тоа би запознала поголем број луѓе во земјата коишто немаат врска со политиката, а се успешни. На пример, успешни бизнисмени и претприемачи што отвораат нови работни места, успешни научници, професионалци, уметници, спортисти, млади таленти, итн.

Третата стратешка определба на Владата треба да биде прагматичноста во пристапот. Тоа значи дека новата Влада не треба времето да го брои од сопственото етаблирање. Напротив, таа треба да има широк поглед така што  покрај новините што ќе ги воведе треба да го задржи она што се покажало како добро од минатото и да го надгради за да биде уште подобро. Впрочем и битката за промена на власта не започна пред година, две или четири, туку пред единаесет години.

Четвртата стратешка определба на новата Влада треба да биде враќањето на довербата на граѓаните во институциите на системот. Тоа значи правна држава што функционира според меѓународните стандарди. Тоа е толку многу важно за граѓаните, за бизнисите, итн.

НОВАТА ВЛАДА ТРЕБА ДА БИДЕ ФОКУСИРАНА НА ДОЛГОРОЧНО ОДРЖЛИВИ РЕШЕНИЈА. САМО ТАКА ЌЕ СЕ ИЗБЕГНАТ РЕШЕНИЈА ШТО НА КРАТОК РОК ИЗГЛЕДААТ ДОБРИ, НО ГИ ПОТКОПУВААТ ДОЛГОРОЧНИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ НА ЗЕМЈАТА

Петтата стратешка определба на Владата треба да биде бескомпромисна потрага по креативни решенија и елиминирање на објаснувањата „што правеле претходните“. Многумина тоа го потценуваат, но после единаесет години во опозиција претпоставувам дека за некои членови на новиот естаблишмент нема да биде толку лесна трансформацијата на пристапот, од опозиционерска критика кон владеачка креативност.

Шестата стратешка определба на новата Влада треба да биде фокусирање на долгорочно одржливи решенија. Само така ќе се избегнат решенија што на краток рок изгледаат добри, но ги поткопуваат долгорочните перспективи на земјата. Долгорочната ориентираност неизбежно ќе ја наметне и потребата од градење на единство во земјата, што може само да ја зацврсти општествената кохезија на Македонија. Сето ова нема да биде воопшто лесно, имајќи ја предвид веќе длабоко всадената перцепција кај голем дел од населението дека постои „бесплатен ручек“.

Да не заборавиме, очекувањата од новата Влада се големи. Тоа е разбирливо, бидејќи промената на власта се случува после долги единаесет години. Но, големите очекувања креираат и големи емоции коишто водат или до еуфорија од задоволство или до големо разочарување. Затоа е многу важно тие емоции да бидат пресретнати искрено и обмислено.

Новиот премиер Заев се наоѓа во претсобје во кое има две врати. Во претсобјето ќе се задржи многу кратко. Ќе мора да помине низ една од вратите. Кога еднаш ќе го направи тоа, нема враќање. Притоа, едната врата води кон она што досега било редовен муабет на политичката сцена во Македонија. Тоа е амбиентот на „наши“ и „ваши“, на тендери, на партиски вработувања... Другата врата води кон јасно утврдени принципи коишто стриктно се почитуваат, кон непристрасност, кон еднакви шанси за сите во земјата, кон вработување и напредување според сопственото знаење и квалитетот на сработеното...

Ако зачекори храбро низ втората врата Заев има шанса да стане историска личност. Ќе изгуби дел од популарноста кај своите партиски следбеници, но ќе добие повеќе кај сите оние што не се, а и не мораат да бидат, партиски активни во политиката. И ќе ја врати навистина надежта дека животот во Македонија може да биде подобар. Ова е многу посериозен предизвик одошто навидум изгледа. И, има само една шанса за прв впечаток. 

ПРЕПОРАЧАНО