Интервјуа

ЖИВОТНОТО ОСИГУРУВАЊЕ ОВОЗМОЖУВА ВО ИСТО ВРЕМЕ И ПОКРИВАЊЕ НА РИЗИЦИТЕ И ШТЕДЕЊЕ

Дарко Дедиќ

Винер Лајф

Вие сте во бизнисот на животното осигурување. Како ги оценувате трендовите во овој сегмент на осигурителниот сектор во Република Македонија? Како стоиме во споредба со другите земји во регионот?

Д. Дедиќ: Гледано низ статистичка призма животното осигурување покажува одличен тренд на развој, односно стапката на пораст во однос на претходните години континуирано надминува 20 %. Сепак гледано во апсолутни износи растот изгледа малку поумерен. Вкупната премија во 2016 година изнесуваше 21 милион евра што, иако претставува огромен раст во однос на премијата од пред неколку години, е значително помалку од износите генерирани во компаниите за неживотно осигурување или во банките. Винер Лајф како дел од ВИГ (VIG) групацијата која е присутна во осигурителниот бизнис во 25 земји континуирано добива податоци за трендовите и за динамиката на развој на останатите пазари. Нашите анализи покажуваат дека животното осигурување се движи во правилна насока, но од друга страна споредбата со земјите од Југоисточна Европа открива огромен неискористен потенцијал кон кој треба да се фокусираме во наредниов период.

Според Вас, која е причината што животното осигурување кај нас не се развива со посакуваната динамика? Дали е тоа нивото на доход, општата неизвесност што произлегува од актуелната ситуација во земјава последниве години, нешто друго?

Д. Дедиќ: Степенот на економски развој, како и куповната моќ на населението секако влијаат на динамиката на развој за животното осигурување. Битен фактор за развојот на пазарот е и конкуренцијата, односно присуството на доволен број на компании со цел да се зголеми понудата. Во Македонија конкуренцијата се зајакна во 2012 година со влегувањето на Винер Лајф и на Уника со што бројот на компании кои нудат производи за животно осигурување се зголеми од 2 на 4.
Актуелната ситуација исто така има влијание, но овие влијанија се краткорочни и не ги нарушуваат долгорочните трендови на развој.
Сепак според мене најбитен фактор кој влијае на динамиката на развој на животното осигурување е степенот на информираност на граѓаните за бенефитите кои ги нудат овие осигурувања. Иако во Македонија се нудат модерни производи за животно осигурување, граѓаните сѐ уште не се доволно свесни за предностите кои ги нуди животното осигурување. Радува фактот што оваа перцепција значајно се менува во последниве години.

Кои се генералните предности на животното осигурување за клиентите во споредба со другите финансиски инструменти кои им стојат на располагање?

Д. Дедиќ: Животното осигурување дава уникатна можност за заштеда и за покривање на ризиците во исто време. Во услови на динамично живеење изложени сме на сѐ поголеми ризици на кои мораме да размислуваме. Од друга страна, остварената долгорочна заштита ни дава финансиска сигурност во функционирањето на семејството. Всушност, животното осигурување обезбедува не само лична сигурност туку и сигурност за целата фамилија, посебно во случаи кога осигуреното лице е главен носител на финансиски средства на фамилијата.
Сѐ поголем е и бројот на компании кои склучуваат договори за животно осигурување во корист на клучните лица во компаниите. Денешните менаџери сѐ повеќе го препознаваат значењето кое вработените го имаат во развојот на нивните компании и преку животното осигурување покажуваат грижа за нив.

Во тој поглед, што им нуди Винер Лајф на своите клиенти?

Д. Дедиќ: Винер Лајф е дел од австриска групација во чие семејство спаѓаат повеќе од 50 компании, што ни дава пристап до огромен број атрактивни производи. Горди сме што успеваме да изградиме имиџ на иновативна компанија која успешно ги следи трендовите.
Покрај стандардните производи за животно осигурување кои овозможуваат комбинација на осигурување, а во исто време и штедење, Винер Лајф е првата компанија која на македонскиот пазар воведе јунит линкд („Unit linked“) производ. Кај овој производ средствата на клиентите преку фонд се вложуваат во акции на повеќе од 100 високорангирани светски компании како што се БАСФ, Баер, Нестле (BASF, Bayer, Nestle) и други, што на клиентите од една страна им дава можност на едноставен начин да направат дисперзија на ризикот од вложување во акции, а од друга страна можност за приноси поголеми од оние кои можат да се добијат во банките. Во изминатиов период кој се карактеризираше со намалување на каматните стапки на депозитите, повеќе од 1 600 граѓани го оценија овој производ како најсоодветен на нашиот пазар и станаа клиенти на Винер Лајф.
Веќе две години Винер Лајф има успешна соработка со Шпаркасе банка со која нудиме пакети на кредити со животно осигурување кои се одлично прифатени. Со овие пакети во случај на немил настан банката нема побарувања од наследниците на кредитокорисникот ниту има потреба да активира меници, залог или некој друг вид обезбедување, туку Винер Лајф го исплаќа остатокот од кредитот.
Покрај веќе стандардните дополнителни осигурувања од тешки болести и од инвалидност, Винер Лајф со цел да им понуди дополнителна заштита на своите клиенти од овој месец воведе и дополнително осигурување од операции со што на своите клиенти им овозможува подобра здравствена заштита.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО