Интервјуа

КВАЛИТЕТОТ И ДОДАДЕНAТА ВРЕДНОСТ НОСАТ ЗАДОВОЛНИ И ЛОЈАЛНИ КЛИЕНТИ

Ѓорѓе Војновиќ

Триглав Осигурување

Триглав Осигурување е дел од меѓународната осигурителна групација Триглав од Словенија. Како стојат работите со бизнисот во рамките на Групацијата?

Ѓ. Војновиќ: Групацијата Триглав е најголемата осигурителна и финансиска групација во регионот Адрија и една од водечките институции во Југоисточна Европа. Групацијата задржува цврста финансиска стабилност, висока адекватност на капиталот и профитабилност во работењето, што се потврдува и со високата бонитетна оценка A, доделена од две признати бонитетни агенции.
Групацијата во првите три месеци од годинава работеше успешно и во согласност со стратешките насоки. Нето-добивката изнесуваше 22,3 милиони евра. Консолидираната бруто полисирана премија од осигурување и соосигурување изнесуваше 281 милион евра, што е 8% повеќе од истиот период минатата година. Раст во премијата беше забележан на сите седум осигурителни пазари на кои е присутна Групацијата, и во сите деловни сегменти од осигурителната дејност на Групацијата, како и во подрачјето на осигурување на живот, и тоа дури за 10 %. Комбинираниот коефициент е поволен и понизок од зацртаната долгорочна стратешка просечна вредност. Групацијата, во споредба со истиот период минатата година, го зголеми своето портфолио, привлече нови клиенти и го зголеми обемот на осигурување кај постоечките клиенти.

Кои се, според Вас, клучните трендови во осигурителниот сектор во Република Македонија?

Ѓ. Војновиќ: На нашиот пазар и натаму доминира задолжителното осигурување од автоодговорност. За да го реализираме големиот потенцијал на незадолжителните класи, неопходно е осигурителните компании да го едуцираат пазарот преку промоција на овие производи. Интересот за осигурувања од финансиски загуби и од професионална одговорност покажува пораст во корпоративниот сегмент, што во голема мера се должи на странски инвеститори кои осигурувањето го третираат како задолжителен елемент за обезбедување сигурно и доверливо работење. Затоа се забележува раст во осигурување на имотот, објекти во изградба, осигурувања за вработените, осигурување од финансиски загуби итн. Влијание имаат и побарувањата на банките кои, при обезбедување кредити, од клиентите бараат полиса за осигурување за покритие од ризици. Развојот на осигурувањето од професионална одговорност се должи, меѓу другото, и на законската регулатива. Ова осигурување е задолжително за одредени професии како адвокати, нотари, доктори итн. Во изминативе неколку години може да се забележи и раст во осигурувањето на посеви и плодови.
Еден од најзначајните сегменти за нас е доброволното приватно здравствено осигурување за кое осигурениците немаат доволно познавања и токму поради тоа во нашиот фокус е информирање на јавноста за предностите што ги нуди.
Подобрувањето на квалитетот на постоечките производи и нудењето на додадена вредност се во фокусот на нашето работење затоа што сме уверени дека тоа сѐ повеќе ќе биде значајна алатка во обезбедувањето на задоволството и лојалноста на клиентите. Затоа минатата година воведовме две услуги, автомобилска и домашна асистенција, кои имаат цел да го подобрат квалитетот на животот на нашите клиенти.

Кои се, според Вас, причините што осигурителниот сектор во земјава не успева лесно да го искористи својот голем потенцијал за развој? Дали е тоа отсуството на навика за осигурување, финансискиот капацитет на потенцијалните клиенти? Дали амбиентот, економски и политички, карактеристичен за последните неколку години се одразува на работењето на секторот?

Ѓ. Војновиќ: Како и секоја друга индустрија, така и осигурителната се соочува со многу предизвици, но и можности бидејќи станува збор за пазар кој се развива и кој има голем потенцијал. Во 2015 година пенетрацијата на пазарот покажува дека уделот на бруто полисираната премија изнесува 1,48 % од БДП, а густината е 4,001 денар по жител, и двата индикатори со позитивен тренд.
Сѐ додека не постигнеме осигурувањето да се смета за потреба и инвестиција во сигурна иднина не можеме да зборуваме за вистински раст на осигурителниот пазар. Тој пред сѐ зависи од нас, осигурителните компании, колку ние ќе успееме да ги приближиме осигурителните производи до јавноста и до потенцијалните клиенти, колку ќе успееме да придонесеме да се надминат одредени ставови за осигурувањето.
Економското и политичкото опкружување без дилема имаат влијание врз бизнисот. Но, компаниите мораат да се прилагодат на сите економски прилики и да го најдат својот пат до клиентите и до остварувањето на своите бизнис-цели. Во таа насока, во Триглав работиме на производи преку кои би се поттикнал развој и поддршка на бизнис секторот како што е новиот производ на Триглав, осигурување на побарувања.

Дали е потребна некаква промена во релевантната регулатива што би резултирала со подобро работење на осигурителниот сектор? Кои се предизвиците со кои се соочувате?

Ѓ. Војновиќ: Еден од предизвиците во осигурителната индустрија секако е регулацијата на осигурителната индустрија која континуирано се развива. Друг предизвик е воведувањето на Солвенси II (Solvency II), директива која се применува во земјите од ЕУ, а ние како дел од групацијата Триглав, во која се применува оваа директива, внимателно ја следиме реализацијата со цел да бидеме што подобро подготвени за нејзино воведување. Либерализацијата на цените во доменот на осигурувањето од автомобилска одговорност секако ќе предизвика бранување, од една страна тоа ќе значи потенцијал за придобивки за клиентите, од друга пак може да предизвика војна со цени на пазарот, што ќе влијае на осигурителниот пазар имајќи го предвид високиот удел на ова осигурување во вкупната бруто полисирана премија. Високата конкурентност на големиот број осигурителни компании на пазарот е предизвик со кој се соочуваме секојдневно.
Од друга страна, овој пазар нуди многу можности. Тука е шеесетпроцентното субвенционирање во осигурувањето на посеви, плодови и животни од страна на државата со цел ова осигурување да се развива што повеќе и да се зголемува бројот на негови корисници. Доброволното приватно здравствено осигурување има особен потенцијал доколку се земат предвид бројот на приватни пракси и исклучителниот интерес за ваков вид осигурување. Банкарското осигурување е уште една можност со висок потенцијал на која треба да работиме сите ние сериозно, споредено со останатите земји во регионот. Осигурувањето на живот постојано покажува позитивен тренд, како и висок интерес во јавноста.
Дигитализацијата на процесите и на каналите на комуникација секако е еден од најнеизбежните предизвици со кои се соочуваме, таа денес е предуслов за следење на животниот стил на луѓето.

ЗАДОВОЛСТВОТО И ЛОЈАЛНОСТА НА НАШИТЕ КЛИЕНТИ ВО ГОЛЕМА МЕРА СЕ ДОЛЖАТ НА ЕДНОСТАВНОСТА СО КОЈА СЕ СПРАВУВАМЕ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ, КАКО И ВИСОКИОТ УДЕЛ ВО ИСПЛАТЕНИ ШТЕТИ. НО, ВЕРУВАМ ДЕКА НАЈЗАСЛУЖНИ ЗА СЕТО ОВА СЕ НАШИТЕ ВРАБОТЕНИ ЧИЈА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ, ЕКСПЕРТИЗА И ПОСВЕТЕНОСТ НА РАБОТАТА НАЈМНОГУ ПРИДОНЕСУВААТ ДА БИДЕМЕ НАЈДОБРИ НА ПАЗАРОТ

Каква е позицијата на Триглав Осигурување на домашниот пазар? Што е она што особено би го истакнале во понудата на Триглав Осигурување?

Ѓ. Војновиќ: Триглав Осигурување во првиот квартал од 2017 година го продолжи трендот на сѐ подобри резултати во сите сегменти од работењето. Одличните индикатори се одраз на експертизата и на балансираното управување со компанијата и со сите нејзини процеси, како и фокусот на клиентите кој диктира прилагодување на понудата на потребите на пазарот и наложува супериорен квалитет на услугите кои ги обезбедува компанијата. Во првиот квартал од оваа година Триглав обезбеди 9% повисока бруто полисирана премија споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи 349 милиони денари. Сепак, најважен индикатор за доброто работење во осигурителната дејност е комбинираниот коефициент кој треба да има вредност под 100 % и кој Триглав во првиот квартал успеа да го подобри, намалувајќи го за 10,3 процентни поени, споредено со истиот период минатата година, на 92,9 %.
Да се биде лидер е предизвик не само во задржување на позицијата на пазарот туку и во исполнување на високите очекувања на јавноста. Инвестираме во нови, иновативни производи и услуги кои ќе им обезбедат на клиентите дополнителна вредност, ги подобруваме постоечките производи со цел да го понудиме најдоброто.
Во 2016 година воведовме две дополнителни услуги, како комплементи на постоечките производи, а тоа се автомобилската и домашната асистенција.
Имајќи го предвид изразениот интерес за доброволното приватно здравствено осигурување, во април 2015 година воведовме на пазарот осигурување на специјалистичко-амбулантно лекување. Минатата година беше воведен уште еден производ, осигурување на операции. Интересот за овие производи е голем и прикажуваме одлични резултати во овој домен.
Во согласност со потребите на пазарот, во април годинава воведовме осигурување на побарувања, а планираме и имплементација на неколку дигитални решенија.
Задоволството и лојалноста на нашите клиенти во голема мера се должат на едноставноста со која се справуваме со предизвиците, како и високиот удел во исплатени штети. Но, верувам дека најзаслужни за сето ова се нашите вработени чија професионалност, експертиза и посветеност на работата најмногу придонесуваат да бидеме најдобри на пазарот.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО