Интервјуа

НАОЃАМЕ НАЧИН НАШИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ДА ГИ ПРИБЛИЖИМЕ НА ПОТРЕБИТЕ НА ПАЗАРОТ

Бошко Андов

Осигурување Македонија

Осигурување Македонија е дел од Виена иншуранс групацијата (Vienna Insurance Group) од Австрија. Како ги оценувате трендовите во осигурителниот бизнис во Европа и во тој контекст какви се активностите на Вашата компанија-мајка?

Б. Андов: Виена иншуранс групацијата (Vienna Insurance Group) е водечка осигурителна групација во Австрија, како и во Централна и Источна Европа. Со 50 компании во 25 земји и повеќе од 24 000 вработени формира паневропски осигурувач со долгогодишна традиција, силни брендови и блиски односи со клиентите. ВИГ котира како најдобро рангирана од ATH, со водечки индекс од берзата во Виена, нејзините акции се и на Берзата во Прага.
Секако дека постојат општи трендови во осигурителната индустрија гледано од страна на ВИГ, но тие се разликуваат од земја во земја затоа што секој пазар си има свои специфики.
Општото опкружување на многу ниски каматни стапки води кон несакан ефект на пазарот на животно осигурување. Поради тоа ВИГ го префрлува фокусот кон делот на животното осигурување поврзан со т.н. јунит линкд („unit linked“) и индекс линкд („index linked“) продукти. Учеството на овие продукти порасна од 25.5 % на 35 % во вкупниот портфељ на животното осигурување во последниве 5 години, а само во 2016 година учеството во новиот бизнис на животното осигурување на овие продукти изнесува 41 %.
Уште еден фактор кој влијае речиси на сите индустрии е дигитализацијата. ВИГ секако работи на развојот на користење на нови технологии. Генерално, услугата од основната дејност, односно носењето ризик треба да биде поддржано од дополнително додадена вредност ако осигурителниот бизнис сака да биде прифатен како нешто „релевантно“ и важно за клиентите.

Кое е Вашето видување за состојбите во осигурителниот сектор во Република Македонија?

Б. Андов: Би рекол дека нашиот сектор е еден од секторите кои продолжија да растат и во двата турбулентни периоди во последнава деценија, кои имаа ефект на Република Македонија. За времетраењето на светската финансиска криза 2007 - 2009 година, односно големата рецесија, имаше пад на бруто полисираната премија, но само во една од тие неколку години. Во текот на последниве 3 години, и покрај присутноста на политичката криза во земјава, сепак не се случи намалување на бруто полисираната премија на нашиот пазар. Стапката на раст на бруто полисираната премија во просек е повисока од стапката на раст на македонскиот БДП.
Интересно е што и во текот на тие две кризни состојби за државата, но и фактот што премиските стапки во просек паѓаат секоја година во последнава деценија, во нашата индустрија има пораст на бруто полисираната премија. За волја на вистината, тој пораст е многу повисок во животното осигурување отколку во неживотното, но тоа е и разбирливо со оглед на ниската основа од која тргна животното осигурување.
Мора да потенцираме дека и започнувањето со работа на Агенцијата за супервизија на осигурувањето има позитивен ефект кон општата слика на осигурителниот пазар. Системското следење на сите компании овозможува навремено и превентивно реагирање на регулаторот во случај на одредени проблеми кај некое друштво. Превентивното реагирање нa регулаторот засега се покажува успешно кај нас така што се зголеми и заштитата на потрошувачите, но и се подобри финансиската стабилност кај повеќето компании. Секако дека за понатамошно зголемување на бруто полисираната премија ограничувачки фактор претставува присуството на голем број компании за волку мал пазар, 11 во неживотното и 4 во животното осигурување при бруто осигурителна премија од околу 142 милиони евра.

Осигурителниот сектор веројатно има најголем потенцијал за раст и развој во рамките на финансискиот сектор во земјава. Но, впечаток е дека кај нас за осигурувањето се размислува најчесто откако ќе се случи ризичен настан. Што е причината за тоа? Дали е финансискиот капацитет на потенцијалните клиенти, нешто друго? Дали амбиентот, економски и политички, карактеристичен за последниве неколку години, се одразува на работењето на секторот?

Б. Андов: Факт е дека осигурувањата на недвижниот имот, но дури и каско осигурувањата на моторни возила или пак осигурувањата од несреќен случај и животното осигурување, како и дополнителното здравствено осигурување не се доволно приближени до граѓаните. Мое мислење е дека основна причина е што во нашиот образовен систем до факултет учениците речиси воопшто не се среќаваат со финансиската индустрија, а посебно со нашата – осигурителната, и нормално е дека во тој случај за најголем дел од граѓаните осигурувањето претставува непозната работа и кога ќе станат возрасни реално не можат да ја препознаат неопходноста од него. Дури би рекол дека повеќето мислат дека е тоа со закон наметната работа со оглед на тоа што најголем број од граѓаните со осигурувањето се запознати само преку законски задолжителните осигурувања, најмногу од автооодговорност, вклучително и зелената карта. Мислам дека финансиската состојба на граѓаните не е голема пречка, особено што на пример повеќе од 1 милион недвижности имаат свој сопственик, а рестораните и кафулињата се полни со гости преку целиот ден, увезени се преку 200 000 возила во последниве 5 години. На сето ова додајте ги и штедните влогови на физичките лица кои се во износ од неколку милијарди евра, што значи дека не е финансискиот момент во прашање. Верувам дека и ние како дејност не сме нашле доволно начини да се приближиме до потенцијалните клиенти за да објасниме дека осигурувањето е и во нивна корист, но и дека не е воопшто скапо како што повеќето граѓани мислат.

Каква е Вашата оценка за регулативата што го регулира работењето на осигурителниот сектор кај нас? Дали е потребна некаква промена што би резултирала со подобро работење на секторот?

Б. Андов: Во ЕУ од почетокот на минатата година стапи на сила Директивата за солвентност 2, што значи дека и ние во некој догледен период ќе треба да се усогласиме со неа. Тоа секако ќе значи поголема сигурност за осигурениците, пред сѐ бидејќи сите компании ќе мора да бидат усогласени со поцврстите барања за капиталот, за солвентноста, за ликвидноста, за транспарентноста и за други области кои сега не се толку цврсто регулирани кај нас. Исто така во некој среднорочен период како држава ќе треба да преминеме и на либерализирање на автоодговорноста со единечна премија за основното осигурување од автоодговорност и зелена карта.
Сметам дека на Законот за облигациони односи, барем главата која го регулира осигурувањето, му треба усогласување со денешницава. Претпоставувам дека во некое не толку далечно време ќе дојде и до промена на Законот за здравствено осигурување во насока на зголемување на улогата на друштвата за осигурување, многу веројатно како дополна на сегашното задолжително, а на како доброволно здравствено осигурување.
Има потреба и од нешто што не е врзано само со нашиот сектор, туку со сите индустрии, а тоа е да се започне со пракса на почесто подготвување на пречистени текстови на закони кои имале голем број на измени и дополнувања без да биде изготвен пречистен текст. Како пример би го навел Законот за трговски друштва донесен пред 13 години со 18 измени и 5 одлуки на Уставниот суд со кои се укинуваат одредени негови одредби без да се подготви пречистен текст до денес. Да не зборуваме за законите за работни односи или пак за пензиско инвалидско осигурување со 21 измена, а е донесен во 2012 година. Јасно е дека постојат верзии на неофицијални пречистени текстови, но нема официјални донесени од Законодавно-правната комисија на Собранието која е овластена за пречистените текстови.

Што очекувате во иднина, кои трендови ќе доминираат во осигурителниот бизнис во земјава? Доколку очекувате одредени промени, во која насока би биле тие?

Б. Андов: На среден рок секако ќе продолжи брзото зголемување на животното осигурување, додека пак осигурувањата на моторни возила и од автоодговорност и каско сепак ќе претставуваат најголем дел во наредниве 7-8 години најмалку. Не очекувам некое драматично зголемување на осигурувањето на земјоделието кое, за волја на вистината, многу порасна изминативе години со порастот на субвенциите за секоја полиса, транспорт, патничко итн. Мислам дека на подолг рок најголем пораст ќе имаме кај осигурувањата од различни видови одговорност, како и кај здравственото осигурување. Секако со рапидното зголемување на трговијата по електронски пат ќе се воведуваат и нови видови осигурувања сврзани со интернетот како што ќе се зголемува и продажбата преку самиот интернет, многу веројатно преку социјалните мрежи уште позабрзано.

Каква е позицијата на Осигурување Македонија на осигурителниот пазар во Република Македонија?

Б. Андов: Прво би сакал да повторам некои факти иако знам дека се општо познати. Осигурување Македонија е најстара осигурителна компанија во државава со континуирана работа во период од повеќе од 72 години. Нашата компанија е исто така дел од голема интернационална групација која е секако меѓу најголемите во Европа, а секако најголема во Централна и во Источна Европа. Исто така нашата компанија има најголем капитал на пазарот, што ја прави многу посолвентна од конкурентите. Добро е и повторно да го изнесеме фактот дека Осигурување Македонија е единствена компанија со реосигурителна лиценца регистрирана во Република Македонија.
Во однос на тековните резултати можам да кажам дека заклучно со 31.12.2016 година Осигурување МАКЕДОНИЈА а.д. Виена Иншуранс Груп ги исполни и ги надмина планираните цели во делот на остварената добивка и на вкупната профитабилност. Во 2016 година бруто полисираната премија е зголемена во однос на 2015 година за 2 %. Зголемувањето во најголем дел се должи на зголемувањето на осигурувањата кај моторните возила. Според извештаите за 2016 година се наоѓаме на втората позиција во вкупно полисирана премија и на прво место според остварениот бруто-профит пред оданочување.
Друштвото продолжува со стратегијата за остварување стабилен и балансиран вкупен портфељ на осигурување врз основа на континуирано следење на резултатите и на портфолио сегментацијата. Поради тоа и во 2016 година најголемо учество во остварената бруто полисирана премија отпаѓа на премијата остварена од класите на имотни осигурувања – 45 %, 27 % на класата на осигурување од автомобилска одговорност, 11 % на класата на осигурување од последици од несреќен случај - незгода, а каско осигурувањето на моторни возила учествува со 9 %. Не очекуваме некои големи поместувања и во 2017 година бидејќи нашите постојани цели се да се оствари профитабилен бизнис и што е можно поголемо задоволство на осигурениците и на вработените.

Што е она што особено би го истакнале во понудата на Осигурување Македонија?

Б. Андов: Со оглед на комплексноста на услугите што ги продаваме во нашата индустрија мора да потенцирам дека постојат големи разлики при одредени, навидум многу слични, полиси на осигурување што ги продаваат осигурителните компании на нашиот пазар. Наша стратегија е да најдеме начин да ги приближиме нашите услови за осигурување кон тоа што е вистинска потреба на пазарот. Немаме желба ниту пак потреба да продаваме нешто напишано со „ситни букви“ или пак да избришеме некој ризик од стандардните полиси со цел да бидеме поевтини, а потоа во случај на штета со студен тон – бирократски – да ги известиме осигурениците дека, за жал, со полисата која тие ја купиле не е покриена на пример штетата која настанала со излевање на вода од инсталации и слично. Поради тоа ние сме по правило меѓу најскапите, можеби и најскапи на пазарот, но сакам да потенцирам, не внесуваме текстови со „ситни букви“ во нашите полиси.
Исто така Осигурување Македонија е препознатлива по финансиската стабилност и сериозност, како и внимателниот пристап во опфатот на ризици. Кога на тоа ќе го додадете квалитетот на услугите на нашите дистрибутивни канали за доближување на осигурувањето до клиентите и отворениот пристап при решавање на штетите, јасно е дека заедно со нашите осигуреници се трудиме да создадеме една меѓусебно прифатлива атмосфера за градење долгорочна доверба и сигурност. Како пример би истакнал дека ние сме една од ретките компании која ја презентира висината на проценетата штета, па дури и бара согласност од оштетените за неа. Во суштина би кажал дека избегнувањето на транспарентноста не само што не ни е цел, напротив, инсистираме на тоа.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО