Финансии / Банкарство

ПОВРЕДИТЕ НА ПРАВАТА ОД ТРГОВСКА МАРКА ОД АСПЕКТ НА ПРОСЕЧНИОТ МАКЕДОНСКИ ПОТРОШУВАЧ

Александар Матески

Авторот е доктор на економски науки и лиценциран управител со отпад

Негативните ефекти од повредите на правата на трговска марка можат да се одразат на потрошувачите, на носителите на правата и на државата. Појавата на фалсификувани производи во целост ги разнишува сите функции на трговската марка. Неповолните ефекти врз потрошувачите можат да се манифестираат како преку порастот на здравствениот и безбедносниот ризик, така и во однос на добивањето производи со значително пониска корисност од оригиналот.
Спектарот на штетните последици од повредите на правата од трговска марка во однос на државата е огромен. Нарушувањето на фер позициите и на рамноправноста на субјектите на пазарот негативно се одразува врз иновативноста, вработеноста, странските инвестици, довербата во меѓународната трговија на стока и услуги, животната средина, а има и сериозни фискални импликации. Анализите на светско ниво покажуваат испреплетеност на фалсификувањето со низа други сериозни облици на мултинационални криминални активности меѓу кои и перење пари, продажба на дрога, криумчарење мигранти, финансирање тероризам, даночно затајување итн. И Балканот, а со тоа и Република Македонија се соочуваат со овие облици на сериозен економски криминал. Регионот останува една од клучните транзитни зони за проток на фалсификувани производи.

Носителите на правата од трговска марка се директно засегнати од повредите на трговските марки преку претрпената нематеријална штета, а уште повеќе и преку намалувањето на продажбата и приходите од договорите за лиценца. Толерирањето на повредите на правата од трговска марка негативно влијае и врз инвестициските планови на носителите на правата, па вложувањата во иновации, во маркетиншки кампањи, во нови производни линии, во подобри услови за вработените и слично ги прави излишни кога пазарот е преплавен со нелојална конкуренција и фалсификувана стока. Појавата на фалсификувани производи ги дефокусира носителите на правата од дејноста која ја вршат со што директно се засега ефикасноста во работењето. Носителите на правото се доведени во ситуација да мора да ги преземат сите неопходни реорганизации во функционирањето со цел побрзо реагирање на забележаните повреди.

Графикон 1: Фреквенција во набавка на фалсификувани производиво Република Македонија и државите во Европската Унија

Лоцирањето на главните двигатели и стимулирачки фактори за порастот на фалсификувањето на трговските марки е од битно значење со цел откривање на областите каде што е неопходно засилено внимание и контрола со цел спречување на повредите на правата во иднина. Главната атрактивност на фалсификуваните производи е пониската цена. Можноста да се избегнат регулираните процеси во економското работење, пред сѐ од даночната сфера, животната средина, работните односи, па дури и користењето на криминални активности, им оставаат голем простор на производителите на фалсификувани производи за значителна конкурентска предност. Таквата предност е посебно изразена во услови на неинформираност на просечниот потрошувач и во услови на слаба куповна способност. Достапноста на технологијата, суровините, комбинирано со огромниот раст на меѓународната трговија, интегрирањето на државите во Шенген зоната и олеснетиот тек на меѓуродната трговија создадоа голем простор за пораст на фалсификувањето на трговските марки. Во значителна мерка стимулирачки влијае и толерантниот однос на властите во дел од државите во развој, посебно во азиските како најголеми држави на потекло на фалсификувани производи. Еден од клучните фактори е и општествената прифатливост комбинирано со економските кризи во државите, немањето политичка волја за справување со проблемите, па дури и неефикасноста на државните органи. Анонимноста која ја обезбедува, брзината во тргувањето, релативно нискиот ризик од откривање на сторителите, го ставија интернетот на врвот на медиумите преку кој се обезбедува непречено ширење на фалсификуваните производи преку онлајн продавниците и посредниците, како и социјалните мрежи. Сѐ почестите повикувања на одговорност токму на онлајн посредниците во продажбата направија битни промени во заштитата на правата, посебно преку воведувањето депозити од продавачите, плаќањето пенали и слично.

Затоа покрај детектирањето на состојбите со повредите на правата од трговска марка во Република Македонија, од посебно битно значење е и анализата на ставовите, на перцепциите и на преференциите на македонскиот просечен потрошувач како круцијален субјект во економијата. Овие информации се неопходни не само за судските постапки во кои се утврдува повредата на правата од трговска марка туку и во креативниот процес на создавање на трговските марки од страна на бизнис-заедницата во Република Македонија.

Табела 1:  Толерантност за набавка на фалсификувани производи по категории

Графикон 2: Ставот на просечниот потрошувач во Република Македонија за тврдењето дека купувањето фалсификувани производи ги уништува бизнисот и работните места

Со тоа се добиваат неопходни податоци не само за откривање на моменталната состојба, но и за предвидување на идните однесувања и дефинирање на соодветни политики за спречување на негативните импликации како по потрошувачите, така и по носителите на правата и по државата. Само на тој начин можат да се создадат услови за пазарни придобивки од регистрација на трговските марки за бизнис-заедницата во Република Македонија.
Одлична база за споредба на состојбата во Република Македонија со онаа во Европската Унија и перцепцијата на просечниот европски државјанин понуди Извештајот на Заводот за хармонизација на внатрешниот пазар на Европската Унија по спроведеното истражување во 2013 година . Преку можноста дел од прашањата да се постават и пред македонскиот поединец како потрошувач се добива вистинската слика каква е македонската версус европската состојба во однос на правата од трговска марка од потрошувачки аспект. Голем дел од прашањата беа поставени за првпат пред македонскиот потрошувач, отворајќи можност во иднина при слично испитување на просечниот потрошувач како централен субјект во испитувањето на пазарот да се направи и еден хронолошки и компаративен след на тековите и промените во перцепцијата, навиките и состојбите .
Имајќи го предвид малиот простор, во текстот ќе бидат потенцирани само дел од заклучоците на истражувањето.

Македонскиот потрошувач покажува еднакво висок степен на познавање на правата од трговска марка како и потрошувачот во Европската Унија. Македонскиот потрошувач е високо свесен и за тоа што преставува фалсификуван производ. Најмладата популација покажува најмала загриженост за здравствените ефекти од користењето фалсификувани производи. Генерално ставот на потрошувачите во однос на опасностите по здравјето е на пониско ниво од просечната вредност во Европската Унија за околу 10 %. Потребни се засилени напори од државата со цел предупредување на потрошувачите за безбедносните ризици од консумирањето фалсификувани производи.
Високи 45 % од испитаниците во изминатите 12 месеци свесно купиле фалсификуван производ, единаесетпати над европскиот просек, а далеку и над најлошиот резултат во државите во Европската Унија (9 % во Литванија, Кипар и Летонија, 8 % во Грција, Бугарија и Шпанија). Сомнежот дека потрошувачите во Европската Унија не биле целосно искрени во одговарањето на прашалникот е доказ и дека во Република Македонија постои широко распростанета општествена прифатливост од купувањето фалсификувани производи. Стравот од јавна осуда е минимален. И бројот на набавки како резултат на заблуда е петпати над просекот во Унијата. Сепак доминира свесното купување фалсификувани производи.
Како земја на потекло на фалсификуваните производи во 58 % од случаите е посочена Кина, а во 27 % Турција, и токму со увозот на производи од овие држави треба да се очекува најголемиот број на повреди на правата на трговска марка. Подготвеноста за набавка на облека, на обувки и на спортска опрема е највисока со 60 %, односно 56 %, па кај тие продукти треба да се очекува најголем интерес за фалсификување и од страна на сторителите. Токму индустријата поврзана со производство на облека, на обувки и на спортска опрема ги трпи најголемите штети. Само мал дел испитаници покажале спремност за набавка на фалсификувани цигари, козметика, лекови и делови за возило.

Графикон 3: Ставот на просечниот потрошувач во Република Македонија спореден со ставот на просечните потрошувачи во земјите од Европската Унија за тврдењето дека купување фалсификувани производи претставува штедливо располагање со расположливите средства на потрошувачот

Македонскиот просечен потрошувач е високо свесен за поврзаноста на организираните облици на фалсификување производи со финансискиот криминал (83 %), перењето пари (71 %) и криумчарењето производи (77 %).
Просечниот потрошувач е свесен за штетните последици кои купувањето фалсификувани производи го има во однос на бизнисот и намалувањето на работните места. Ни семејните приходи, ни возраста играат каква било улога во ставот.
Генерално анализирано како главен предуслов за прифатливост на фалсификуваните производи 74 % испитаници ја посочиле пониската цена, а дури 47 % испитаници гледаат на набавката на фалсификуван производ како на штедливо располагање со предвидениот семеен буџет – значително повисоко од просечните вредности во Европската Унија. Повисоко дури за 13 %. Сепак за разлика од штедењето, купувањето фалсификувани производи како акт на револт го гледаат само 38,36 %, што одговара на европскиот просек, а е значително пониско од земјите од регионот како Кипар (62 %), Словенија (58 %), Грција (56 %), Хрватска (50 %) итн.

Толерантност за купување фалсификувани производи кога квалитетот на производот не е најбитен изразиле 41 % испитаници, значително над европскиот просек од 17 %. Кога станува збор за луксузен производ подготвеност да купат фалсификат во Европа искажале само 14 % испитаници. Во Република Македонија, двојно повеќе. Недостапноста на оригиналниот производ како мотив за набавка фалсификуван производ го посочиле секој трет испитаник, додека во Унијата тој процент е само 18 %. Триесет и осум проценти испитаници свесно би набавиле фалсификуван производ кога цената на оригиналот е превисока. Повторно далеку повисоко од испитаниците во Европската Унија (24 %).
И покрај свесноста за штетните последици, висината на семејните месечни приходи има пресудна улога во купувањето фалсификувани производи. Оттука, сѐ до подобрување на економската ситуација на потрошувачите, подигнување на стандардот и слично, успехот од водените кампањи на државата во насока на подигнувње на свеста и заштита на правата можат да имаат само ограничен успех. Разликата која ја прави семејниот месечен приход во ставовите на потрошувачите посебно е изразена на прашањата дали купувањето фалсификувани производи е штедливо располагање со расположливите средства (амплитуда од 19,7 %), дали е прифатливо купувањето фалсификувани луксузни производи (амплитуда од 17 %), дали е прифатливо купувањето фалсификувани производи кога цената на оригиналот е превисока (амплитуда од 11 %), кај набавката на фалсификат кога квалитетот не е најбитен (амплитуда од 9,25 %) и слично. Сепак кај дел од резултатите, дури и испитаниците со највисоки приходи дале одговори кои се полоши од европскиот просек. Примерот со прашањето за дозволеност за набавка на фалсификат кога оригиналот не достапен на пазарот. Најмладите потрошувачи на возраст до 30 години покажуваат најголема толерантност и прифатливост за купување фалсификувани производи по речиси сите прашања. Тие остануваат категорија на која значително треба да се посвети внимание. Сепак имајќи ја предвид високата стапка на невработени млади лица (47,3 % од лицата до 25-годишна возраст во 2015 година), најголем дел од нив влегуваат и во категоријата на лица со најниски примања, па треба да се анализираат и од двата аспекта.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека реакцијата од страна на државата треба да биде сестрана преку општото подобрување на економската ситуација, подигнување на јавната свест на потрошувачите, па сѐ до засилена контрола од надлежните органи. Сѐ дотогаш бројките ќе бидат поразителни.

ПРЕПОРАЧАНО