Финансии / Банкарство

Што очекувате од 2018 година? Антонио Аргир: КАМАТНИТЕ СТАПКИ ЗА ПРАВНИТЕ ЛИЦА НА КРАТОК РОК МОЖЕБИ И ЦЕЛА 2018 ГОДИНА БЛАГО ЌЕ ПАЃААТ

Пред сѐ очекувам 2018 година да биде политички постабилна како предуслов да биде пооптимистична на економски план во поглед на бизнис-иницијативите. Изминативе три години имаше добри идеи и проекти кај компаниите од различни сектори, но неизвесниот политички амбиент влијаеше тие да се воздржат од поголеми инвестиции. Како што се стабилизираат состојбите, се отвораат можности за поголема инвестициска активност, а макроекономската проекција која ја направи Министерството за финансии укажува дека се очекува раст на економијата од 3,2 %. Исклучително важно ќе биде да се реализираат капиталните вложувања особено во инфраструктурните проекти, што ќе придонесе за зголемена економска активност на краток рок и економски развој на долг рок општо на економијата, но и во поединечни региони на земјава. Во 2018 година очекувам поголеми инвестиции, промени и развој на бизнис-моделите, а со тоа и раст кај извозните претпријатија и сѐ поголемо ориентирање кон извозни аранжмани и кај оние кои досега беа свртени исклучиво кон домашниот пазар. Ние како банка имаме човечки и финансиски капацитети и знаење и сме подготвени да понудиме поволни кредити и банкарски услуги на компаниите за реализација на нивните развојни активности и поддршка на бизнис-аранжманите како во делот на набавките, така и во делот на продажбата. Во услови на умерени кредитни ризици и висока ликвидност кај банките, очекувам каматните стапки за правните лица на краток рок можеби и цела 2018 година благо да паѓаат, пред сѐ како резултат на конкурентските активности на банките. Истовремено, со понуда на потрошувачки и на станбени кредити за населението преку различни продажни канали, како и инвестициите кои ги планираме и ги реализираме во новите начини на дигитално банкарство ќе ја поддржиме и приватната потрошувачка која, покрај извозот, се очекува да биде главен носител на растот во 2018 година.

ПРЕПОРАЧАНО