Економија

БЕЛАТА КНИГА ПАТОКАЗ ЗА БИЗНИС-КЛИМАТА ВО МАКЕДОНИЈА ОД ПЕРСПЕКТИВАТА НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ ВО ЗЕМЈАВА

Илија Ќироски

По неколку години отворено дебатирање во разни области кои го сочинуваат деловното работење како што се човечките ресурси, сопственичките права, даночната структура и финансиските прашања, административни и правни постапки, како и секторски прегледи на странските директни инвестиции, Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во 2014 година го претстави првото издание на Белата книга. Беше најавуван како најважен документ на Советот на странски инвеститори, што го издигнува Советот на ниво на легитимен претставник на странските инвеститори во Македонија, главен партнер и соговорник со претставниците на власта и одлучувачите на државно ниво.
Овој документ претставува добра можностда се види како компаниите со странски капитал ја перципираат бизнис-климата во државава, со какви предизвици се соочуваат при водење бизнис и кои се нивните препораки за доближување до најдобрите светски практики и принципи на работење во земјите од каде што и самите доаѓаат. Главна цел на овој документ е да дава конструктивни предлози за подобрување на деловното опкружување во Македонија.
Преку една транспарентна форма на комуникација и јавно обраќање на претставниците на приватниот сектор беа претставени низа приоритети во економската политика од аспектот на странските инвеститори.

Собраното искуство на ССИ ги поставува темелите за натамошна зголемена соработка која ќе се заснова на заемно разбирање и усогласување на домашните со меѓународните стандарди на деловна етика и работа.

Најважни заклучоци презенирани во првото издание на Белата книга од страна на членовите на Советот беа:
• Предвидливоста на регулативата, политичката и макроекономската стабилност се елементи од суштинско значење за секој странски инвеститор, а со тоа и неопходноста од воспоставување стабилно, предвидливо и конкурентно опкружување.
• Честите и брзи промени на законите доведуваат до нестабилна клима која влијае на сегашните и идните странски и домашни инвеститори. Советот повикува на зајакнување на јавно-приватниот дијалог со интензивирање на соработката меѓу деловната заедница и владините институции како суштински фактор за создавање подобро деловно опкружување преку отворен дијалог меѓу властите и засегнатите субјекти.
• Неопходно е и понатамошно намалување на севкупните административни постапки и законските оптоварувања, да продолжи борбата против корупцијата и да се поддржи владеењето на правото.
• Реформите во јавната администрација треба да се одвиваат со забрзано темпо за да се подобри спроведувањето на прописите.
• Образовниот систем во Македонија треба да претрпи суштински промени за да може да обезбеди висококвалитетен и стручен кадар кој ќе има соодветни знаења и вештини потребни на пазарот на труд како за странските, така и за домашните компании.

Во годините кои следуваа Владата на Република Македонија направи напори за имплементирање на дел од забелешките во рамките на економската политика. Сепак забелешките од страна на инвеститорите во насока на петте клучни предизвици – поголема предвидливост на генералните цели на државата на економски план во однос на деловното опкружување, поефикасна администрација, помал потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем со цел обезбедување што повеќе соодветен стручен кадар – остануваа непроменети.

ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ВО МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ПРЕТРПИ СУШТИНСКИ ПРОМЕНИ ЗА ДА МОЖЕ ДА ОБЕЗБЕДИ ВИСОКОКВАЛИТЕТЕН И СТРУЧЕН КАДАР КОЈ ЌЕ ИМА СООДВЕТНИ ЗНАЕЊА И ВЕШТИНИ ПОТРЕБНИ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД КАКО ЗА СТРАНСКИТЕ, ТАКА И ЗА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ

Во насока на тоа, во 2017 година Советот го изготви и го презентираше Позицискиот документ за реалната состојба. Тој е корисна алатка за потсетување на властите за препораките од Белата книга и оценка на статусот на нивното спроведување. Претставува добра можност да се оцени напредокот во подобрувањето на деловната клима и поттикнувањето на инвестициските потенцијали во земјава.

Главниот заклучок кој беше изнесен во рамките на овој документ е дека добар дел од забелешките наведени во првото издание на Белата книга се имплементирани во деловниот живот на земјава, но сепак останале доволен број на препораки кои не се вклучени и претставуваат еден вид сопирачка за постоечките и новите странски или домашни инвеститори.

Честите промени на законите, невклучување на засегнатите страни во нивното изготвување, нецелосното прифаќање на препораките на Советот за законите за трговски друштва, за финансиско работење, вонсудско решавање на споровите, се само дел од она што Позицискиот документ го сигнализира за затекнатата состојба. Правната несигурност и делумно органичувачката позиција на странските работници за престој во Македонија е лимитирачки фактор за дел од стопанските субјекти со странски или домашен капитал. Електронската комуникација и недостатоците во дигиталниот систем се најчестите проблеми при решавањето на проблемите за сопственост на странските инвестиции. Капацитетот на системот за електронска апликација за пренос на информации се стеснува наместо да се проширува, а транзицијата на катастарот од аналоген во дигитален систем не секогаш е успешна, се нотира во Позицискиот документ, иако Белата книга има понудено повеќе предлози за решенија за надминување и на овој проблем.

Позицискиот документ за реалната состојба претседателот на Советот, г. Штефан Петер, му го врачи на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, на состанок во Стопанската комора одржан на 20.6.2017 година.

На задоволство на членките на Советот на странски инвеститори се започнува со имплементација на голем дел од препораките. Владата на новото парламентарно мнозинство пројавува слух за препораките што ССИ ги има вградено во неговиот најбитен документ. Тоа влева надеж за натамошно унапредување на соработката на Советот на странски инвеститори со претставниците на Владата, а со тоа и натамошно создавање што подобра деловна и стопанска клима во земјава.
Вклучувањето на препораките на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во законите кои ја опафаќаат сферата на стопанскиот и економскиот живот во земјава ќе овозможат надминување на административните, на образовните и правни пречки веќе забележани и констатирани во Позицискиот документ за реалната состојба. Нивното отстранување многу би ја подобрила деловната клима во Македонија и би подотворил „прозорец“ за потенцијално нови странски и домашни инвеститори. Токму затоа се јавува потребата од сè почест и поконструктивен дијалог меѓу Советот на странски инвеститори и релевантните институции.
Заради остварување на својата основна цел, а тоа е давање консултативни и советодавни мислења за прашања од областа на економијата, особено прашања кои ќе поттикнат инвестиции во македонската економија, Советот на странски инвеститори подготвува нова бела книга која се очекува да биде издадена кон крајот на оваа година, а во која ќе бидат претставени нови конструктивни предлози за подобрување на деловната клима во Македонија.

Како странските инвеститори гледаат кон соработката со домашните компании?
Бенефитите од странските инвестиции во една земја се пред сè директно отворање нови работни места и генерирање доход, зголемување на извозот и негова диверзификација, прилив на странски капитал во форма на странски директни инвестиции и создавање додадена вредност во економијата. Додека, пак, индиректните ефекти се многу посложени и нивната важност во најголем дел се манифестира преку нивниот долгорочен придонес за економскиот развој. Како најважни се издвојуваат структурните трансформации на економијата вклучувајќи ги диверзификацијата, унапредувањето и зголемувањето на отвореноста, индиректното отворање работни места и трансферот на технологија и надградба на вештините на работната сила.
Еден од клучните приоритети на Советот на странски инвеститори е интензивирање на соработката на странските инвеститори со домашните компании и нивна поголема инклузивност за поголема конкурентност на целокупната економија.

Во таа насока, кон крајот на минатата година, Советот на странски инвеститори заедно со Стопанската комора на Македонија организираа бизнис-форум со цел деловно поврзување на странските инвеститори во Република Македонија со домашните компании кои имаат потенцијал да станат нивни доставувачи. Направен е првиот чекор кон воспоставување комуникација, да се слушнат потребите и барањата на странските компании, како и да се презентираат можностите и понудите на домашните. Сепак простор за унапредување на соработката сè уште постои и потенцијалите не се докрај искористени. За да се случи тоа потребна е комуникација и волја за соработка, а клучниот бенефит од таквата соработка е двостран и значителен.

ЕДЕН ОД КЛУЧНИТЕ ПРИОРИТЕТИ НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ Е ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА СОРАБОТКАТА НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ СО ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ И НИВНА ПОГОЛЕМА ИНКЛУЗИВНОСТ ЗА ПОГОЛЕМА КОНКУРЕНТНОСТ НА ЦЕЛОКУПНАТА ЕКОНОМИЈА

Исто така Советот на странски инвеститори и Стопанската комора на Македонија заедно со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнуваат заеднички проект за зацврстување на соработката меѓу странските компании и локалните доставувачи со цел да се подобри конкурентноста на севкупното национално стопанство. Проектот што ќе трае 24 месеци е финансиран од фондови на ЕУ, во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), и се спроведува во партнерство со Виенскиот универзитет за технологија – Институт за менаџмент во науката и е поддржан од Владата на Република Македонија која посветено ја охрабрува ваквата соработка.
Целта на проектот е да се стимулираат врските меѓу малите и средни компании и големите странски компании кои работат во Република Македонија преку подобрување на работењето на локалните доставувачи во насока на зајакнување на капацитетите за да можат да бидат вклучени во системот на доставување.

За крај, околу петстотини домашни компании соработуваат директно со инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони. Вкупната вредност на набавките од домашните компании направена од страна на компаниите од ТИРЗ изнесува околу 50 милиони евра годишно. Од друга страна, има и други странски компании кои дејствуваат како локални фирми. Од 136 членки кои ги имаме во Советот на странски инвеститори, околу 120 се странски компании кои се перципираат како домашни компании кои ги плаќаат сите придонеси. Десетте топ компании прават обрт од 1,5 милијарди евра и притоа плаќаат даноци од 15 милиони евра годишно без да добијат субвенции, а вработуваат повеќе од 10 илјади работници од Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано