Економија
ТРГОВСКА ВОЈНА ВО НАЈАВА
Игор Давков
Авторот е доктор на науки од областа на монетарната економија и финансиите
Претседателот на САД на почетокот на март повторно го стресе светот со уште една негова контроверзна претседателска одлука со која практично ги воведе САД во трговска војна со ЕУ, со Канада, со Јапонија, со Кина и со уште ред други земји кои извезуваат челик и алуминиум во САД. Претседателската одлука предвидува примена на заштитни мерки, односно увозни такси и царини за увоз на челик и на алуминиум во САД. Заштитните мерки предвидуваат такси во висина од 25 % за увоз на челик и 10 % за увоз на алуминиум. Ова е уште една од редицата мерки кои претседателот Трамп од моментот на неговата инаугурација за претседател ги презема во насока на остварување на неговата предизборна програма за преродба на САД, “Make America Great Again”. Заштитата на американската индустрија, особено производството на челик, беше во центарот на изборната кампања на Трамп. Позната е реченицата од изборните говори на Трамп „Американскиот челик ќе биде оној што ќе ги зајакне американските трошни мостови“. Инаку американската челична индустрија во 50-тите години на минатиот век вработувала повеќе од 650 000 работници, додека денес во овој сектор се вработени само околу 140 000, а како споменик на едно минато време стојат во руина многу затворени топилници од кои најголем дел лоцирани во државата Пенсилванија. Трамп ја оправдува одлуката за мерките со неопходноста да се заштити американската национална безбедност која, според претседателот, е нарушена поради ниското домашно производство на челик и на алуминиум.
Доколку овие протекционистички мерки влезат на сила, нешто што станува сè повеќе извесно, тие ќе ја покачат цената на овие метали што директно ќе влијае на зголемување на трошоците во повеќе индустрии кои овие метали ги користат како влезни суровини во производството. Ова ќе се преведе во зголемени цени за крајните потрошувачи и ќе влијае на вработеноста во индустриите кои овие метали ги користат како суровини за производство. Воведувањето на протекционистичките мерки веќе предизвика бурна реакција кај главните извозници на овие метали во САД. Со оглед дека мерките не се насочени кон увозот од конкретна земја, туку се општи и ќе се применуваат генерално, најпогодени од нив се некои од традиционалните сојузници на САД како што се Канада и ЕУ од каде што и доаѓаат најбурните реакции во врска со вака најавените промени во увозните тарифи. Овие земји веќе најавија дека се спремни да одговорат со реципрочни мерки преку воведување увозни тарифи за одредени производи кои САД ги извезува во овие земји. Иако Кина е еден од најголемите производители на челик во светот, за која со години се тврди дека ја презеде светската доминација во производство на челик преку дампинг цени потпомогнати, пред сè, како резултат на субвенции на Владата на Кина, во конкретниов случај со воведувањето на овие мерки и не е толку погодена со оглед дека на листата на најголеми извозници на челик во САД се наоѓа дури на 11. место.
Економските аналитичари веќе почнаа да лицитираат со ефектите од воведувањето на мерките врз растот на американската и глобалната економија. Според економистите од Мудис аналитикс (Moody’s Analytics), доколку мерките запрат овде и не бидат воведени реципрочни мерки од други земји спрема САД, нивните пресметки покажуваат дека поради намалена конкурентност на американските компании аутпутот на американската економија во 2018 година ќе се намали за 0,1 % и ќе предизвика кратење на приближно 190 000 работни места.
СПОРЕД БЛУМБЕРГ ЕКОНОМИКС (BLOOMBERG ECONOMICS) ВЛЕГУВАЊЕТО ВО ТРГОВСКА ВОЈНА МОЖЕ ДА ЈА ЧИНИ СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА НЕВЕРОЈАТНИ 470 МИЛИЈАРДИ САД ДОЛАРИ ДО 2020 ГОДИНА ВО СЛУЧАЈ ОСТАТОКОТ НА СВЕТОТ ДА ОДГОВОРИ СО РЕЦИПРОЧНИ МЕРКИ СПРЕМА САД. ВО ЕДНО ТАКВО СЦЕНАРИО, КОЕ ПОВЕЌЕ НЕ Е НЕРЕАЛНО, ПРЕСМЕТКИТЕ ПОКАЖУВААТ ДЕКА СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА ЌЕ БИДЕ 0,5 % ПОМАЛА ВО 2020 ГОДИНА ОТКОЛКУ ШТО БИ БИЛА ДОКОЛКУ САД НЕ ВЛЕЗЕ ВО ТРГОВСКА ВОЈНА СО ЦЕЛИОТ СВЕТ
Според Блумберг економикс (Bloomberg Economics) влегувањето во трговска војна може да ја чини светската економија неверојатни 470 милијарди САД долари до 2020 година во случај остатокот на светот да одговори со реципрочни мерки спрема САД. Во едно такво сценарио, кое повеќе не е нереално, пресметките покажуваат дека светската економија ќе биде 0,5 % помала во 2020 година отколку што би била доколку САД не влезе во трговска војна со целиот свет. Ефектите од глобалната трговска војна можат да се прелеат во светската економија на неколку начини, почнувајќи од побрза инфлација што ќе има негативни ефекти врз побарувачката во САД, што пак понатаму негативно ќе се рефлектира на извозот на другите економии. Од друга страна, преземањето реципрочни мерки од другите економии ќе креира инфлаторен шок што ќе биде реплициран во другите земји со замена на производите што ги извезува САД.
Влијанието врз САД би било намалување на економијата за 0,9 % во 2020 година во однос на проектираната. Инфлацијата би се забрзала при што повеќето глобални централни банки вклучувајќи ги и Федералните резерви на САД ќе се соочат со избор меѓу справувањето со побрз раст на цените и послабата побарувачка во услови на трговската војна.
Врз основа на нивниот модел, Блумберг економикс (Bloomberg Economics) проценува дека глобалната трговија би можела да биде пониска за 3,7 % до 2020 година во споредба со проектираното основно сценарио.
Многу економисти, имајќи го претходното искуство од ефектот на воведување на вакви протекционистички мерки, сметаат дека со нив тешко ќе може да се ревитализира домашното производство на челик и на алуминиум во САД, но ќе се нанесе огромна штета на останатите сектори во економијата. Според повеќето од нив трговските бариери не се вистинскиот начин како треба да се штити домашното производство и дека главни фактори за намалувањето на производството на овие метали во САД се намалената побарувачка во однос на периодот пред 1970 година, неефикасноста и недостатокот на иновации во производството на челик и на алуминиум, што би ги направиле американскиот челик и алуминиум поконкурентни на домашниот и светскиот пазар.
ФИНАНСИСКИТЕ ПАЗАРИ ВО САД ВО ПОСЛЕДНИВЕ НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ СЕ ПОД ЗГОЛЕМЕН ПРИТИСОК. ОСТАВКАТА НА ГЕРИ КОХ САМО ДОЛЕА МАСЛО НА ОГАНОТ. ИМЕНО, ОДОБРУВАЊЕТО НА ПОВИСОК ДЕФИЦИТ НА ФЕДЕРАЛНИОТ БУЏЕТ КАЈ ИНВЕСТИТОРИТЕ ГИ ЗГОЛЕМИ ОЧЕКУВАЊАТА ЗА ПОРАСТ НА ИНФЛАЦИЈАТА И НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ
Инаку ова не е првпат САД да воведуваат протекционистички мерки и трговски бариери со кои ќе се заштити домашното производство од евтин увоз на челик. Неколку претходни американски претседатели, меѓу кои Џими Картер, Ричард М. Никсон, Линдон Б. Џонсон и Роналд Реган исто така во времето на своите претседателски мандати носеле одлуки за квоти за увоз или за ограничувања поврзани со цените за увоз на челик, но како што претходно беше наведено економските анализи покажуваа дека ефикасноста на овие мерки била мала и тие немале значаен ефект во насока на ревитализација на домашното производство на челик во САД.
Во поновата историја на САД и администрациите на Џорџ В. Буш и на Барак Обама исто така воведоа заштитни мерки за увоз на челик. Мерките кои беа воведени од администрацијата на Џорџ В. Буш, иако иницијално предвидено да траат три години, беа повлечени порано како резултат на одлука на Светската трговска организација (СТО) со која ѝ се наложува на САД да ги повлечат. Како и да е, мерките кои претходните администрации ги преземале вообичаено биле насочени кон една или група земји или постоеле одредени исклучоци во кои вообичаено се вбројувале сојузниците и традиционалните трговски партнери на САД. Во последниов случај, мерките кои ги презема Трамп важат за сите земји, односно нема исклучоци. Воведувањето на мерките врз основа на законот кој ја регулира националната безбедност е исто така многу невообичаено со оглед дека вообичаено воведувањето на трговските санкции во САД следува по одредена јавна расправа врз чија основа се утврдува нивната оправданост и обем, како и условите кои треба да бидат исполнети за тие да бидат укинати во наредниот период. За разлика од тоа, во конкретниов случај сите овие работи се во целосна дискреција на претседателот.
Меѓутоа не сите во администрацијата на Трамп веројатно се согласуваат со оваа негова одлука. Во низата на смени, откази и оставки во Белата куќа под претседателство на Трамп, последна во редот и може слободно да се каже директно поврзана со одлуката САД да се турне во трговска војна со остатокот на светот е директорот на Националниот економски совет Гери Кох, поранешен извршен директор на инвестициската банка Голдман сакс (Goldman Sachs).
Финансиските пазари во САД во последниве неколку недели се под зголемен притисок. Оставката на Гери Кох само долеа масло на оганот. Имено, одобрувањето на повисок дефицит на федералниот буџет кај инвеститорите ги зголеми очекувањата за пораст на инфлацијата и на каматните стапки. Овие очекувања само беа надополнети со најавената трговска војна и со оставката на Гери Кох. Заминувањето на Гери Кох од економскиот тим на Трамп само ја зголеми нервозата кај инвеститорите. Гери Кох и не е најомилена личност на Вол стрит, но сепак како застапник на проглобалистичката струја во тимот на Трамп и на слободата на пазарот нашироко е почитуван меѓу инвеститорската јавност.