Економија
ЗНАЧЕЊЕТО НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ КАКО ЦЕЛИНА
Штефан Петер
Претседател на Советот на странски инвеститори
Многупати се истакнувани бенефитите од странските инвестиции во една земја. Директно тие се манифестираат преку отворањето нови работни места и генерирање доход, зголемување на извозот и негова диверзификација, прилив на странски капитал во форма на странски директни инвестиции и создавање додадена вредност во економијата. Од друга страна, индиректните ефекти се многу посложени и нивната важност во најголем дел се манифестира преку нивниот долгорочен придонес за економскиот развој. Како најважни се издвојуваат структурните трансформации на економијата, унапредувањето и зголемувањето на отвореноста, индиректното отворање работни места и трансферот на технологија и надградба на вештините на работната сила.
Токму тоа се и едни од стратешките приоритети на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија преку промовирање на одржливо деловно опкружување и предвидливост на законската регулатива за поголем прилив на странски директни инвестиции, воедно и за олеснување на условите за водење бизнис како за странските, така и за домашните компании.
Советот на странски инвеститори од своето основање во 2006 година е верен на своите принципи – транспарентност, еднаквост и предвидливост. Денес, како и во минатото, Советот промовира предвидливо и јасно деловно опкружување кое креира еднакви можности за сите деловни субјекти и добра деловна етика, давајќи пример за стабилно управување директно преку активностите на Советот и посредно преку работењето на своите компании членки.
Во моментов Советот го сочинуваат околу 130 компании членки исклучиво со странски капитал, што го прави најбројна и најрепрезентативна бизнис-асоцијација на странските компании во земјава. Многу важно е да се напомни дека Советот е асоцијација која ги застапува интересите на сите странски инвеститори, без разлика на нивната локација.
Во поглед на структурата, по земја на потекло и по дејност, повеќе од 80 % од вкупниот број на компании доаѓаат од земјите од Европската Унија, што ни дава за право евроинтегративните процеси на земјава да бидат високо на агендата на приоритети на Советот.
Од ЕУ-земјите, најзастапени се компании од: Сојузна Република Германија (20), Република Грција (13), Република Австрија (10), Република Словенија (10), Република Бугарија (5), Република Италија (5), Република Хрватска (4) итн. Понатаму следуваат од: Република Турција (8), Швајцарија (7), Велика Британија (7), САД (6) и други.
Во однос на типот дејности, најдоминантни се од услужните сектори како банкарскиот и финансискиот сектор, осигурителниот сектор, телекомуникации, електродистрибуција, но и од производствените сектори како електро-металната индустрија, текстилната и тутунската индустрија, ИТ-секторот и автомобилската индустрија.
За импактот врз домашната економија, растот на извозот и зголемувањето на вработеноста во државава говори фактот што во 2016 година вкупно 35 компании членки на Советот на странски инвеститори се најдоа во изданието „200 најголеми компании во Македонија” на Министерството за економија. Седум од нив се во ТОП10-те компании во ова рангирање.
Во поглед на приходите во 2016 година, овие 35 странски компании оствариле преку 3.5 милијарди евра и вработиле повеќе од 20 илјади вработени.
Вкупно 130-те компании членки на Советот на странски инвеститори оствариле вкупен приход во износ од 4,8 милијарди евра и вработуваат преку 37 илјади македонски работници, а голем дел од нив воопшто не припаѓаат на технолошко-индустриските развојни зони што претставува дополнителен успех на овие компании.
Овие податоци укажуваат на повеќедимензионално значење што го имаат странските компании членки на Советот на странски инвеститори врз националната економија: тие не само што придонесуваат за зголемување на пазарната конкуренција, за раст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и нови знаења, како и поефикасно корпоративно управување. Многу важно е тоа што странските инвеститори во земјава плаќаат даноци како и сите други домашни компании.