Економија
МАКЕДОНИЈА НА ДНОТО СПОРЕД ПОТРОШУВАЧКАТА НА ПИВО
Мирче Јовановски
Авторот е новинар
Македонците во просек пијат по 27 до 28 литри по жител. Наспроти климата и поднебјето кои се исклучително погодни за консумирање пијалак како што е пивото, особено во топлите летни месеци, Македонија заостанува не само зад традиционално пивските земји како Чешка, Полска или Германија, туку и во однос на земјите во регионот
Производителите на пиво и кафеанџиите летово имаа причина да бидат задоволни – Светското првенство во фудбал што се одржа во Русија ја зголеми и кај нас потрошувачката на овој пијалак, но фудбалскиот „пивски“ месец сепак нема значајно да ја промени повеќегодишната состојба на пазарот. Такво нешто, според познавачите, е можно доколку се направи промена во даночната политика, односно намалување на акцизата за пивото што сега е една од повисоките во регионот, па и пошироко.
Статистиката вели дека потрошувачката на пиво во земјава со години е под 30 литри по глава на жител и е меѓу најниските во Европа. Наспроти климата и поднебјето кои се исклучително погодни за консумирање пијалак како што е пивото, особено во топлите летни месеци, Македонија заостанува не само зад традиционално пивските земји како Чешка, Полска или Германија, туку и во однос на земјите во регионот. Според податоците кои ги објавуваат специјализирани веб-страници, со 27 до 28 литри пиво на жител годишно Македонците пијат убедливо најмалку во однос на соседите. Зад нас се само косовските граѓани. Карактеристично е и тоа што кај нас потрошувачката на пиво по жител се намалила (во 2012 година била 32 литри по жител).
ДАЛИ СО НАМАЛУВАЊЕ НА СЕГАШНАТА АКЦИЗА МОЖЕ ДА СЕ ОСТВАРИ ДВОЕН ПОГОДОК – ПОДОБРИ ДЕЛОВНИ РЕЗУЛТАТИ НА СЕКТОРОТ, НО И ПОГОЛЕМИ ПРИЛИВИ ВО БУЏЕТОТ?
Најголеми љубители на пиво на Стариот Континент (и во светот) се Чесите – потрошувачката е околу 140 литри пиво на жител – што е еквивалентно на 280 шишиња пиво од по 500 милилитри годишно. Можеби и затоа во шега се вели дека таму од славините наместо вода тече – пиво. Следат Полјаците со по 98 литри и Германците со 96 литри на жител, а тука некаде се Австријците со 95,46 литри и Литванците со 92 литри на жител.
Учество на акцизата додадена на пивото во селектирани европски земји во јули 2017 година (во евра по хектолитар пиво)
Во земјите од регионот, според потрошувачката по жител, најмногу пиво пијат Хрватите, по 81 литар, Словенците 76,5 литри, Бугарите 75,5 литри итн. Треба да се има предвид дека станува збор за земји што се и значајни туристички дестинации, што веројатно има влијание врз вкупната потрошувачка. Кај нас, пак, лани во просек секој жител испил по 28,8 литри пиво – речиси по 58 шишиња од по половина литар или малку повеќе од едно неделно.
Зошто е така? Дали можеби традицијата игра значајна улога? Виното кај нас се смета за домашен пијалак кој се произведува често во рамките на домаќинствата, ракијата исто така. Тоа го потврдуваат и податоците според кои во Македонија се пијат по 40,4 литри вино по жител што, во ранг-листа која ја објави британски Телеграф, ја рангира земјава на високото седмо место во Европа.
Причината можеби лежи и во структурата на пазарот каде што доминираат два големи играчи кои заедно имаат околу 85 – 90 отсто пазарно учество наспроти скромното или речиси безначајно присуство на мали домашни производители кои би ја поттикнале конкуренцијата, а со тоа и потрошувачката. За споредба, во Белгија има 224 активни пиварници кои произведуваат над 500 „нормални“ видови пиво и уште околу 1 000 варијанти на овој пијалак. Таму пивската култура што се негува со децении во 2016 година се стекна со признанието светско нематеријално наследство од страна на УНЕСКО.
ПОРАСТ НА ГЛОБАЛНИОТ ПАЗАР
Во најновиот извештај „Глобалниот пазар на пиво“ на Орбис рисрч (Orbis Research) се вели дека глобалниот пазар на пиво во моментов забележува неверојатна стапка на раст што се должи на растечкото глобално население, зголемените приноси и подобрувањето на логистиката и синџирот на снабдување низ целиот свет. Зголемената куповна моќ и модернизацијата на складиштењето и на транспортот помогнаа пазарот на пиво да се издигне повисоко. Постои загриженост за влијанието на животната средина врз вкупниот принос, како и можноста за подолго складирање, но сепак, како што се констатира во извештајот, се очекува да продолжи силниот нагорен тренд на глобалниот пазар на пиво, како и подобрување на таканаречената сложена стапка на раст (compound annual growth rate – CAGR) што е важна за инвеститорите бидејќи ги зема предвид почетната и крајната инвестициска вредност во подолг временски период.
Стандардот на населението и ниската куповна моќ, односно малкуте пари кои остануваат од просечната плата за излегување в кафеана исто така се вбројуваат во ограничувачките фактори, но и сивата економија што овозможува за стотина денари на пазар да се купи литро ракија. До скоро неповолно влијание имаше и забраната за продажба на алкохол по 19 часот во продавниците. Тука се и лиценците за продажба на алкохол, што за многу мали продавачи се неисплатливи. Минатата година кога во Стопанската комора на Македонија беа иницирани промени во Законот за трговија беше истакнато дека многу од европските држави не предвидуваат обврска за поседување посебни лиценци за продажба на алкохолни пијалаци или ограничување на часовите за продажба, како и дека поради трошоците за лиценци над 5 500 трговски објекти (од вкупно околу 13 000) се откажале од продажбата на алкохол.
Сепак, покрај сите овие елементи, многумина прстот го вперуваат кон уште еден фактор – висината на акцизата за пивото.
Приказната со акцизите почна некаде во јули 2013 година кога таа беше зголемена за 33 отсто, односно од 3 на 4 денари за литар по степен алкохолен. Тоа се одрази врз малопродажните цени, а заедно со другите рестриктивни мерки донесени претходно влијаеше и врз намалување на потрошувачката. Производството на пиво во волумен во 2013 во однос на 2012 година беше помало за 12,8 отсто. Мерката, односно повисоките акцизи за пивото наместо да донесат повеќе приходи во Буџетот резултираше со нивно намалување. Како што покажуваат анализите биле прибрани за 8,4 отсто помалку приходи од даноци и од акцизи од продажбата на пиво.
Овие пресметки покажуваат дека вкупниот кумулативен ефект од претходно донесените законски ограничувања во трговијата, од 2008 година, како што беа забраната за продажба по 19 часот и воведувањето лиценци за продажба на алкохол, заедно со зголемувањето на акцизата на пивото во 2013 година, придонесе за пад во волуменот на производство од околу 25 отсто или за една четвртина за период од пет години.
СРБИЈА: АКЦИЗАТА ЗА ПИВО СЕ ЗГОЛЕМИ, ПОТРОШУВАЧКАТА СЕ НАМАЛИ
Во соседните земји производителите на пиво укажуваат дека наспроти зголемувањето на акцизите за пивото во изминативе години, потрошувачката за овој пијалак се намалува. Така, за време на Деновите на пивото во Србија, минатата година беше изнесен податокот дека акцизите за пиво од 2008 до 2014 година биле зголемени од 15 на 19 центи или за 27 отсто. Кога на тоа ќе се додаде и данокот на додадена вредност, учеството на државата во цената на едно шише пиво достигнува 30 отсто, реагираа од српското Здружение на пиварници. Наспроти порастот на давачките, опаѓа потрошувачката на пиво – според оваа асоцијација, лани падот изнесувал 14,59 отсто во однос на неколкуте претходни години, а потрошувачката изнесувала 56 литри пиво по жител.
Во Европа, пак, пиварската индустрија доживува вистинска ренесанса – во последнава деценија бројот на производители се удвоил, од 3 600 во 2010 година на 7 500 минатата година, кои вкупно произведуваат над 38 милијарди литри пиво од кои се трошат околу 35 милијарди литри или во просек по 68 литри пиво на жител. Во Европа од давачките за пиво се прибираат 40 милијарди евра.
На високи акцизи се жалат и производителите во Црна Гора и во Словенија. Словенечките пиварници велат дека плаќаат петта највисока акциза во Европа и дека се трудат тоа прашање да го решат во разговор со државните институции.
Како што тоа обично се случува во економијата, штетата не се ограничува само на еден учесник на пазарот. Последици имаа и придружните индустрии, кооперантите, трговците. Но, во крајна линија и државата. Анализите, кои ги прават познавачи на оваа индустриска гранка, покажуваат дека доколку ги немало овие ограничувања при претпоставен просечен раст на домашната пивска индустрија од 1,8 отсто годишно, за пет-шест години (од 2009 до 2014 година) би се инкасирале дополнителни 23,8 милиони евра во државниот буџет од акциза и од данок на додадена вредност (бидејќи акцизата влегува како основица при пресметката на ДДВ).
Инаку, иако Македонија не е членка на ЕУ, домашната даночна политика во однос на акцизите е усогласена со европските директиви според кои алкохолните пијалаци се поделени во четири категории и за секоја од нив Европската комисија одредува минимална акциза. Така, на пример, минималната акциза во ЕУ за пивото е 1,87 евра за хектолитар по алкохолен степен, а за виното е 0 (нула) отсто. Земјите членки самостојно одлучуваат за кои алкохолни пијалаци ќе воведат акциза и колку ќе изнесува таа, секако водејќи сметка да не се оди под минималниот праг утврден од ЕК.
Просечна цена на шише пиво од 0,33 литри во супермаркети во ЕУ во 2016 година, по градови (во британски фунти)
Македонија очигледно се придржува до одредбите на оваа директива. Така, на пример, и кај нас, како и во некои вински земји во ЕУ, акцизата за виното е нула отсто, додека кај пивото е релативно висока во однос на минималниот праг и изнесува 4 денари за литар, односно 400 денари за хектолитар (еден хектолитар е еднакво на 100 литри) или околу 6,5 евра за хектолитар пиво, што е околу 3,5 пати поголема од минималната.
Се разбира, Македонија, која ги нема уште започнато ниту преговорите за членство во ЕУ, може самостојно да си ја определува даночната политика и политиката на определување на висината на акцизите водејќи се, пред сѐ, од сопствените интереси и заложбите да се поттикнуваат определени стопански гранки, како и нивното влијание врз други делови на стопанството. Или, пак, чисто од фискални цели, за да се обезбедат повеќе приходи во Буџетот или да се пополни некоја буџетска дупка.
Треба да се има предвид дека и во самата ЕУ постојат огромни разлики во висината на акцизите меѓу земјите членки.
Во Финска стапката за акцизите за пиво во однос на хектолитар пиво се највисоки по што следуваат Ирска, Велика Британија, Шведска, Естонија, Грција итн. Најмали оптоварувања со акцизи пивото има во Романија, во Бугарија и во Германија.
Доколку би се вклучила во оваа табела, Македонија со стапка на акциза на пивото од 32,5 евра за хектолитар за пиво со 5 степени алкохол би се нашла во горниот дел од рангирањето, повисоко и во однос на некои од земјите кои се меѓу водечките во светски рамки според потрошувачката на пиво.
„Стапките на акциза се разликуваат во ЕУ и често служат како за политички, така и финансиски цели или за заштита на животната средина, на јавната безбедност и на здравјето. Некои земји наметнуваат дополнителни даноци на различни нивоа, како данокот на додадена вредност (ДДВ), што резултира со големи разлики во малопродажните цени на пивото во европските супермаркети“, се вели во објаснувањата на податоците кои ги дава statista.com. Според истата веб-страница, пивото е најскапо во Рејкјавик (Исланд) каде што мало шише од 0,33 милилитри чини 1,78 британски фунти, потоа следува Осло (Норвешка) каде што e малку поевтино – 1,76 британски фунти и Стокхолм во Шведска каде што чини 1,22 британски фунти, а за некој цент пониски се цените во супермаркетите во Женева, во Хелсинки и во Копенхаген. На спротивната страна на оваа ценовна листа е главниот град на Унгарија, Будимпешта, каде што според statista.com едно мало пиво во супермаркет може да се купи за 0,28 британски фунти, во Братислава (Словачка) за 0,35 британски фунти, а во Минхен (Германија) за 0,42 британски фунти.
ХРВАТИТЕ УСПЕСИТЕ НА ФУДБАЛЕРИТЕ ГИ ПРОСЛАВУВАА СО ПИВО
Според податоците на Стопанска комора на Хрватска, во текот на месец дена колку што летово траеше Светското првенство во фудбал, приходите од малопродажба во оваа земја биле поголеми за 4,5 отсто, а прометот кај угостителите бил поголем за 3 отсто во однос на истиот период минатата година. Хрватските производители на пиво коментираат дека врз ваквите трендови повеќе влијаел успехот на нивната репрезентација која се пласираше во финалето на СП, отколку самото Светско првенство.
Иако Хрватска во глобални рамки не се перципира како традиционална пиварска земја (од типот на Чешка, Германија, Австрија...), податоците на тамошното Здружение на пиварници покажуваат дека пивото на Хрватите, а особено на странските туристи им е сѐ подраго.
Со годишно производство од 3,4 милиони хектолитри пиво, Хрватска е на 22. место во Европската Унија, но според потрошувачката по жител, што изнесува 80 литри (вклучувајќи ја тука и потрошувачката на туристите), ја рангира Хрватска на високото осмо место во ЕУ.
Без туристите консументи, потрошувачката на пиво во Хрватска се проценува дека би изнесувала околу 64 литри по жител со што би била рангирана на 20 место во ЕУ, покажуваат податоците на Стопанската комора на Хрватска. Исто така забележлив е висок сезонски карактер на потрошувачката на пиво.
Анализата на пазарот покажува дека пиварската индустрија е стабилна, силна и просперитетна стопанска гранка. Пиварската индустрија во Хрватска непосредно или посредно вработува околу 28 илјади лица. Едно работно место во индустријата отвора дополнителни 13 работни места во поврзаните дејности.
Во Хрватска постојат шест индустриски производители на пиво. Забележлив е и подемот на малите, таканаречените крафт пиварници кои во 2017 година достигнаа 2 отсто учество на пазарот. Ги има околу педесетина и вработуваат околу 300 лица.
Овие податоци само илустрираат колку различни ценовни и даночни политики се водат во одделни европски земји, па тешко е да се најде некој заеднички именител кој би важел за сите. Сепак, ако се има предвид значењето на оваа стопанска гранка кај нас, тогаш ако ништо друго треба да се поведе аргументирана дебата со цел евентуалните решенија што ќе произлезат да бидат во полза како за стопанските субјекти, така и за државата, а во крајна линија и за потрошувачите.
Позитивни реакции има за најавените измени во Законот за акцизи кои неодамна ги најави Министерството за финансии според кои се воведува категоријата мали дестилерии за кои акцизата ќе биде двојно помала од пропишаната.
Во постојното решение во Законот за акцизите за малите пиварници е пропишано акцизата да се плаќа со намалување од 20 до 50 отсто од пропишаната полна акциза во зависност од произведените месечни количини. Вкупното годишно производство по овој основ не смее да надмине 150 000 литри. Во согласност со новото решение се предлага да се плаќа полна стапка на акциза, а по истекот на годината во зависност од произведената количина на пиво да се бара враќање на акцизата.
Пресметките кои доаѓаат од пиварската индустрија покажуваат дека државата на име акциза од пиво годишно инкасира околу 16 до 17 милиони евра. На овој износ треба да се додаде и ДДВ (бидејќи акцизата влегува како основица за пресметување на ДДВ), значи за уште дополнителни 18 отсто, односно вкупно околу 20 милиони евра.
Дали овој износ би се зголемил доколку се намали акцизата за пиво? Тоа не е исклучено доколку евентуалното намалување на давачките повлече и намалување на малопродажните цени и доколку трговците или угостителите нема да си ја присвојат таквата разлика во цените преку поголеми маржи.
Сега од едно шише од половина литар со 5-процентно алкохолно учество, што е стандард кај нас, од малопродажната цена 10 денари одат кај државата на име акциза или за шише од 1,5 литри пиво што чини околу 100 денари, акцизата е 30 денари плус 6 отсто од тоа е ДДВ, што значи 36 денари одат за државата.
За државните институции секое споменување за намалување на давачките асоцира и на помали приходи во Буџетот. Но, можеби луѓето од пиварската индустрија располагаат со добри аргументи, па иницијативата што се најавуваше пред овој број на Економија и бизнис да оди во печат, во рамките на нивното Здружение во Стопанската комора на Македонија, ќе даде резултати. Се разбира, без притоа да се изгуби од вид она најважното – пивото (како и виното, ракијата и другите алкохолни пијалаци) да се консумира умерено и одговорно.