Економија
УШТЕ ЕДНА ПРИКАЗНА ЗА ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА: НЕ Е САМО ДО ГУВЕРНЕРОТ...
Горан Петревски
Авторот е Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Ете, македонската рашомонијада при изборот на гувернерот на централната банка заврши типично во холивудски стил: прво, драмата беше разрешена не во 5 минути до 12, туку во 12 и 5 минути; обично, во холивудските филмови, кога изгледа дека нема надеж за главниот лик (на пример, неговата глава лежи положена на трупецот, а џелатот ја крева секирата), наеднаш се случува нешто неверојатно (пристигнува гласникот со писмо од кралот, неговиот пријател со стрела го погаѓа џелатот во челото, доаѓаат Марсовци и го ослободуваат итн.) и филмот завршува со среќен крај. Во нашиов случај крајот беше ем среќен ем неверојатен: за првпат во монетарната историја, Македонија доби жена гувернер, т. е. гувернерка. Кога ја слушнав веста се сетив на едно мое предавање од пред десетина години кога на студентите им реков дека во Македонија може да се случи сè, само едно не – никогаш нема да добиеме жена гувернер. Оттука изборот на гувернерката уште еднаш ми потврди две нешта: дека работите ги гледам премногу црно и дека сум лош прогнозер.
Сепак холивудската разврска на нашата драма може да биде добар знак зашто во општество во кое мажите изгледа знаат само да се удираат во градите, веројатно ни е потребно враќање кон матријархатот во кој некоја жена ќе ги земе работите во свои раце. За мене воопшто не е спорно дека жените се помудри од мажите, но сега ќе треба да ме убедат и дека се похрабри. Во секој случај, мило ми е што на чело на централната банка застана потполно компетентна личност со големо искуство во економската политика. Навистина, малку не ми се допаѓа кога гувернерите доаѓаат внатре од централната банка зашто мислам дека за монетарната политика и за супервизијата на банките треба да одлучуваат надворешни лица наместо технократите од централната банка, но ова не мора да биде голем проблем доколку постојат механизми кои ќе го прошират тесниот хоризонт на технохратите, т. е. ќе обезбедат централната банка да ги одразува преференциите на општеството.
И токму овие прашања се предмет на мојата статија, а тоа се прашања кои (барем според мене) се многу важни, но за кои никој не дава ниту „пет пари“. Значи, кога зборуваме за монетарната политика, веднаш треба да расчистиме со една проста работа – централната банка не е (или не треба да биде) само гувернерот. Се разбира, гувернерот е главата на централната банка, нејзиниот војсководец и гласноговорник, но воопшто не е добро ако водењето на монетарната политика целосно му се препушти нему. Велам тоа е лошо зашто монетарната политика би била зависна од личните карактеристики на гувернерот (знаење - незнаење, искуство - неискуство, храброст - плашливост, интегритет -потчинетост итн.). Оттука воопшто не е случајно тоа што, насекаде низ светот, монетарната политика е во рацете на некое колективно тело. Ваквата поставеност на одлучувањето за монетарната политика обезбедува две придобивки: прво, квалитетот на монетарната политика повеќе не зависи од карактеристиките на еден човек (според правилото дека повеќе глави мислат подобро од една) и второ, членовите на колективното тело треба да спречат гувернерот да се оддалечи од општествените преференции.
KОГА ЗБОРУВАМЕ ЗА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА, ВЕДНАШ ТРЕБА ДА РАСЧИСТИМЕ СО ЕДНА ПРОСТА РАБОТА – ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА НЕ Е (ИЛИ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ) САМО ГУВЕРНЕРОТ. СЕ РАЗБИРА, ГУВЕРНЕРОТ Е ГЛАВАТА НА ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА, НЕЈЗИНИОТ ВОЈСКОВОДЕЦ И ГЛАСНОГОВОРНИК, НО ВООПШТО НЕ Е ДОБРО АКО ВОДЕЊЕТО НА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА ЦЕЛОСНО МУ СЕ ПРЕПУШТИ НЕМУ. ВЕЛАМ ТОА Е ЛОШО ЗАШТО МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА БИ БИЛА ЗАВИСНА ОД ЛИЧНИТЕ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ГУВЕРНЕРОТ (ЗНАЕЊЕ - НЕЗНАЕЊЕ, ИСКУСТВО - НЕИСКУСТВО, ХРАБРОСТ - ПЛАШЛИВОСТ, ИНТЕГРИТЕТ -ПОТЧИНЕТОСТ ИТН.). ОТТУКА ВООПШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО ТОА ШТО, НАСЕКАДЕ НИЗ СВЕТОТ, МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА Е ВО РАЦЕТЕ НА НЕКОЕ КОЛЕКТИВНО ТЕЛО
Веројатно читателите се прашуваат зошто се потребни овие „проповеди“ кога сево ова е јасно само по себе и кога и во Македонија за монетарната политика одлучува колективно тело. Е, токму тука лежи зајакот! За жал, според Законот, Советот на народната банка е највисокиот орган на одлучување, но во практичното водење на монетарната политика тоа воопшто не е така. Така, членот 7 од Законот вели дека Народната банка ја утврдува и ја спроведува монетарната политика; според членот 19 Советот ги утврдува општите услови и правила за операциите на финансиските пазари и за кредитните работи; членот 20 вели дека Советот ја пропишува задолжителната резерва; а членот 21 му дава право на Советот да воведе други инструменти на монетарната политика. Што се однесува до односите меѓу гувернерот и Советот, членот 47 вели дека Советот ги дефинира монетарната политика и другите политики, а членот 48 вели дека гувернерот ја спроведува монетарната политика и ги извршува одлуките на Советот. Како што може да се види, Советот има (или поточно треба да има) голема улога во водењето на монетарната политика и тој има (или треба да има) надредена улога во однос на гувернерот.
Меѓутоа, како што вели народот, она што пишува во книгите не расте по нивите, т. е. едно е словото на законот, а сосема друго е неговата примена. Врз основа на моето лично искуство во работата на Советот на централната банка можам да потврдам дека реалната улога на Советот е многу далеку од онаа што е пропишана со Законот. Иако Законот му дава надлежности, улогата на Советот во водењето на монетарната политика е минимална и се сведува само на три работи: на крајот од секоја година да ја донесе одлуката за монетарната политика за следната година (една-две општи реченици кои немаат никакво практично значење); одвреме-навреме носи одлуки за условите на задолжителната резерва и за другите инструменти; постојано носи одлуки кои се однесуваат на работењето на банките. Со други зборови, наспроти широките законски надлежности, улогата на Советот се сведува само на регулатор на банките (доносител на банкарските прописи).

Наспроти тоа, Советот нема никаква (или речиси никаква) улога во одлучувањето за монетарната политика. Навистина, Советот „ја утврдува монетарната политика и режимот на девизниот курс“, но тоа не значи ништо во контекст на политиката на фиксниот курс. Со други зборови, откако иницијално „ја утврдил“ монетарната политика, Советот не прави ништо понатаму. Мислам дека стапицата се крие во толкувањето на зборовите „формулирање“ и „спроведување“ на монетарната политика. Имено, за првото е надлежен Советот, а второто е во рацете на гувернерот. Меѓутоа, дали „спроведувањето“ на монетарната политика се однесува на одлучување за курсот, т. е. за насоката на монетарната политика или само на техничките операции со кои се извршува монетарната политика?
Проблемот се состои во тоа што фундаменталното одлучување за монетарната политика е целосно во рацете на гувернерот, а Советот нема апсолутно никаква улога. Тоа произлегува оттаму што главниот, основниот инструмент кој го определува карактерот на монетарната политика (рестриктивен или експанзивен) е стапката на благајничките записи. А токму за ова најважно прашање одлучува само гувернерот, но не и Советот. Уште повеќе, за ова Советот не мора да знае ништо, како што ми се случи и мене во една прилика. Така една вечер беше вклучен телевизорот и на вестите дадоа соопштение дека „Денес Народната банка ја зголеми стапката на благајничките записи...“. Токму тој ден Советот одржа седница, па мојата сопруга ме праша нешто во врска со тоа, а јас одговорив дека првпат слушам за промената на стапката на благајничките записи. Тогаш сопругата, со право, почна да се шегува со мене поставувајќи ги логичните прашања: „Каков член на Советот на Народната банка си ти, кога не си слушнал за ваквите нешта?“ и „Па, тогаш, што правите вие во Советот?“. Јас само кисело се насмевнав и искрено си признав дека ние во Советот само си „дремеме“ (и за тоа земаме пари) и дека ниту некој нè прашува ниту пак ние сакаме да бидеме прашани за нешто.
РЕШЕНИЕТО НА ПРОБЛЕМОТ СО НЕКОМПЕТЕНТНИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОТ НЕ Е ВО ТОА ЕДНОСТАВНО ТИЕ ДА СЕ ЗАОБИКОЛАТ И ОДЛУЧУВАЊЕТО ЦЕЛОСНО ДА МУ СЕ ПРЕПУШТИ НА ГУВЕРНЕРОТ. НАПРОТИВ, ВИСТИНСКОТО РЕШЕНИЕ Е ДА СЕ ИЗБЕРЕ КОМПЕТЕНТЕН СОВЕТ КОЈ, ОД ЕДНА СТРАНА, ЌЕ МУ ПОМОГНЕ НА ГУВЕРНЕРОТ ВО ВОДЕЊЕТО НА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА И, ОД ДРУГА СТРАНА, НАВИСТИНА ЌЕ БИДЕ ОДГОВОРЕН ПРЕД СОБРАНИЕТО ЗА СВОИТЕ ОДЛУКИ
Верувајте ми на зборот, оваа анегдота воопшто не е шега, туку е чиста, најчиста (и жална, најжална) вистина! Дури по тој настан почнав сериозно да се прашувам во што се состои моето учество во Советот на централната банка и до ден-денес не најдов задоволувачки одговор. Потоа, во приватен разговор со тогашниот гувернер, реагирав дека одлучувањето за монетарната политика де факто е узурпирано од страна на гувернерот, а тој ми одговори дека тоа не е негова вина, туку станува збор за традиција која веќе подолго време се спроведува во централната банка. Секогаш останувам незадоволен кога на прашањето „Зошто е ова вака?“ ќе ми одговорат со „Отсекогаш тоа било така“. Време е да се исправи оваа аномалија и се надевам дека гувернерката, иако е жена, ќе биде „маж“ да го направи тој чекор. Некој ќе забележи дека се обраќам на погрешна адреса, т. е. дека токму членовите на Советот треба да се изборат за своето право да одлучуваат за монетарната политика, но од нив не очекувам таква храброст. Во секој случај, токму гувернерката ќе има најголема полза од заедничкото одлучување за монетарната политика.
Вториот голем предизвик за Народната банка се однесува токму на корпоративното управување. Впрочем, горната аномалија е непосредна последица на овој проблем. Што вели Законот за управувањето со централната банка? Според членот 40, Советот и секој поединечен член е одговорен пред Собранието за ценовната стабилност и за другите задачи на централната банка. Како што се гледа Законот им дава голема одговорност на членовите на Советот, кои воопшто не треба да бидат само украс, туку треба да имаат централна улога во водењето на монетарната политика. Впрочем, општеството го очекува од нив токму тоа; инаку, нема никаква потреба да постои таков орган, туку сите прашања би му биле препуштени на гувернерот. Но, не е така. Советот треба да го обезбеди општествениот интерес во водењето на монетарната политика. Меѓутоа, за да ја остварува оваа значајна улога, Советот треба да биде составен од компетентни членови кои треба да бидат независни и личности со висок интегритет. За жал, пасивното однесување на Советот при водењето на монетарната улога делумно произлегува и од проблематичните карактеристики на членовите на Советот. Во минатото често се случувало во Советот да членуваат луѓе кои немаат никаква врска со монетарната политика, со банкарството и со финансиите. За жал, повторно за тоа може да посведочи моето лично искуство.
Повторно некој ќе рече дека се обраќам на погрешна адреса, т. е. дека ова не е работа на гувернерот, туку на Владата зашто таа ги предлага неизвршните членови на Советот. Да, одговорноста за ова најмногу паѓа врз политичарите кои треба конечно да сфатат две работи: прво, централното банкарство е премногу сериозна работа за да му се препушти на „случајни“ луѓе; второ, решението на проблемот со некомпетентните членови на Советот не е во тоа едноставно тие да се заобиколат и одлучувањето целосно да му се препушти на гувернерот. Напротив, вистинското решение е да се избере компетентен Совет кој, од една страна, ќе му помогне на гувернерот во водењето на монетарната политика и, од друга страна, навистина ќе биде одговорен пред Собранието за своите одлуки. Со други зборови, наместо да се бега од проблемот, тој треба да се реши.