Економија

ИДНИНАТА НА МАЛОПРОДАЖБАТА

Јован Пехчевски

“Ако не го смениме начинот на кој размислуваме, ќе изгубиме една цела генерација на потрошувачи”
Николас Купер, ИКЕА“

 

Експоненцијалните технологии (вештачката интелигенција, виртуелната реалност, 3Д-печатењето и брзите мрежи) радикално ја преобликуваат традиционалната малопродажба.
Гигантите на електронската трговија (Амазон, Волмарт, Алибаба) ја дигитализираат малопродажната индустрија користејќи го притоа на најдобар начин експоненцијалниот раст на модерните технологии. Навистина, многу традиционални малопродажни продавници веќе банкротираа или ги мигрираа своите операции преку интернет.
Голема промена се случува во областа на електронската трговија во последнава декада – сѐ што треба да направиме е да ја разгледаме табела 1 за да ги разбереме овие пресврти
Оние „реални“ продавници кои преживеаја направија еволуција од првичниот менталитет насочен кон производ до деловен бизнис-менталитет базиран на кориснички искуства преку користење технологии на вештачка интелигенција, виртуелна и надградена реалност и 3Д-печатење.



Трендови на е-трговијата
Минатата година приближно 4 милијарди луѓе беа поврзани онлајн. До 2024 година, благодарение на 5G-технологијата и стратосферските и космички базирани сателити, се очекува да пораснеме на 8 милијарди луѓе на интернет, секој со мегабитна до гигабитна брзина на врска. Овие 4 милијарди нови дигитални потрошувачи ќе почнат да купуваат разни производи на интернет, што всушност претставува потенцијален извор на богатство за светот на е-трговија.
Во исто време, претприемачите кои сакаат да ги сервисираат овие 4 милијарди нови потрошувачи сега можат да ги прескокнат скапите процедури за набавка на малопродажен простор и ангажирање службеници за продажба. Денес, благодарение на глобалното поврзување и на сѐ поголемиот број на онлајн сервиси, претприемачот може во рекордно време да премине од идеја до создавање и растење на мултимилионски бизнис од кое било место во светот.
Но, додека продажбата на е-трговија во САД буквално експлодира во последниве 8 години, со пораст од 34 милијарди долари во 2009 до 115 милијарди долари во 2017 година (слика 1), сепак истата таа е-трговија изнесува само 10 проценти од вкупната продажба на мало во 2017 година.
Во 2016 година, глобалната онлајн продажба изнесуваше 1,8 трилиони долари. Неверојатно, но овие 1,8 трилиони долари ги потрошиле само 1,5 милијарди луѓе, односно само 20 проценти од глобалното население на Земјата во таа година.
Очигледно е дека има многу повеќе простор за дигитално нарушување во глобалната е-трговија.

Вештачката интелигенција и искуството во малопродажбата

1. За сопствениците на бизниси...
Вештачката интелигенција (ВИ) ќе ги демонетизира операциите на е-трговија со воведување на автоматизирана услуга за корисници, ултра точни модели кај синџирот на снабдување со стоки и со услуги, како и автоматско генерирање маркетинг содржини и рекламирање преку интернет.
Услуги за клиенти преку ВИ: Замислете ВИ која е обучена од секоја интеракција на купувачите, која учи како правилно да одговори на прашањата на потрошувачите и како резултат на тоа проследува повратна информација кон дизајнерите на производите и сопствениците на компаниите. На пример, т.н. протокол за пренос на Фејсбук им овозможува на претставниците за услуги на клиентите заедно да работат со ботовите за учење јазици во рамките на истиот Фејсбук Месинџер (Facebook Messenger) разговор.
Ако го земеме ова еден чекор понатаму, замислете ВИ која е сочувствителна кон фрустрацијата на потрошувачот, која може на себе да преземе каков било начин на злоупотреба и која секојпат ќе врати со насмевка. На пример, да ја запознаеме Ава: „Ава е виртуелен сервис за услуги на клиентите, која на секојдневна основа донесува сосема ново ниво на персонализација и бренд искуство за нашите корисници“, вели Грег Крoс, извршен директор на креаторот на Ава, австриска компанија наречена Соул машини (Soul Machines).
Оптимизиран синџир на снабдување со стоки и услуги: Предвидливото моделирање и машинското учење исто така го оптимизираат нарачувањето на производи и процесот на синџирот на снабдување. На пример, Скубана, платформа за онлајн продавачи, користи податочна аналитика за да им овозможи на претприемачите постојана повратна информација за производот и за одржување оптимални залихи во складиштата.
Блокчејн (Blockchain) е уникатно позициониран да го следи овој пример во малопродажниот бизнис. На пример, Шипчејн (ShipChain) и Амбросус (Ambrosus) планираат да воведат транспарентност и доверба во индустријата за превоз и производство на материјали, што дополнително ќе ги намали трошоците за претприемачите и за потрошувачите.

ИДНАТА КОМБИНАЦИЈА НА ШОПИНГ ЗА ВИРТУЕЛНА РЕАЛНОСТ, ЗАЕДНО СО ПЕРСОНАЛИЗИРАН СОВЕТНИК НА МОДНИ ТРЕНДОВИ СО ПОМОШ НА ВИ, ЌЕ ГИ ПРОНАЈДЕ, ЌЕ ГИ ИЗБИРА И ЌЕ ГИ НАРАЧУВА ПРОИЗВОДИТЕ МНОГУ ПОБРЗО И ПОБЕЗБОЛНО ЗА ПОТРОШУВАЧИТЕ

2. За потрошувачите...
Личните шопинг асистенти ја менуваат психологијата на стандардното онлајн шопинг искуство. Алекса од Амазон и Гугл хоум обележуваат важен момент за корисничкиот интерфејс во овој поглед.
Алекса, иако сѐ уште во првична фаза, наоѓа сѐ поголема примена во употреба на гласовно пребарување и гласовни контроли за паметни домови. Исто така последното испитување во САД покажа дела корисниците кои го користат Алекса веќе во просек трошат повеќе кога купуваат од Амазон од стандардните корисници кои користат Амазон прајм – 1 700 долари наспроти 1 400 долари.
Сумирано, идната комбинација на шопинг за виртуелна реалност, заедно со персонализиран советник на модни трендови со помош на ВИ, ќе ги пронајде, ќе ги избира и ќе ги нарачува производите многу побрзо и побезболно за потрошувачите.
Но, ајде да направиме уште еден чекор понатаму.
Замислете иднина во која вашиот личен купувач базиран на ВИ ќе ги знае вашите желби подобро отколку самите вие. На крајот на краиштата, нашиот иден ВИ ќе нѐ следи, ќе нѐ гледа и ќе ги набљудува сите наши онлајн интеракции – вклучувајќи колку долго ги гледаме продуктите, нашите изрази на лицето и многу повеќе. Во оваа иднина, шопингот може да биде едноставен како кога би рекле „Купи ми нова облека за вечерната забава во Мериот во сабота вечер“... проследено со момент на изненадување и на задоволство кога облеката која пристигнува е совршена за дадениот настан.
Во овој иден свет на шопинг поддржан од ВИ, една од можеби најинтересните импликации е дека рекламирањето во еден таков контекст комплетно ќе згасне. Навистина, во свет каде што ВИ купува мои работи, а јас повеќе не се прашувам за тоа како и на кој начин ќе се купат работите, зошто тогаш некој голем бренд би трошел пари за својата реклама?
Дематеријализацијата, демонетизацијата и демократизацијата на персонализираниот шопинг само што започна.

КАКО ШТО КУПУВАЧИТЕ СÈ ПОВЕЌЕ ГИ КОРИСТАТ ПОГОДНОСТИТЕ НА ОНЛАЈН ШОПИНГОТ, ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ПРОДАВНИЦИ Сѐ ПОВЕЌЕ ЈА КОРИСТАТ МОЌТА НА Т.Н. ИСКУСТВЕНА ЕКОНОМИЈА

Искуствена малопродажба
Во 2017 година, над 6 700 традиционални продавници за малопродажба ги затворија вратите, надминувајќи ја претходната рекордна година за затворање на продавниците поставена за време на финансиската криза (2008 година). Без оглед на тоа, бизнисот на малопродажба е сѐ уште во подем.
Како што купувачите сѐ повеќе ги користат погодностите на онлајн шопингот, традиционалните продавници сѐ повеќе ја користат моќта на т.н. искуствена економија.
Наместо да се фокусираат на практичноста на производите што ги купуваат, потрошувачите сѐ повеќе бараат збогатено искуство при пазарување.
Интернетот на нештата, вештачката интелигенција и зголемената пресметковна моќ експоненцијално го подобруваат искуството на потрошувачите во самите продавници. Конретно, додека ВИ доминира кај прилагодливиот онлајн шопинг, ВИ и алатките за податочна аналитика, исто така, им овозможуваат на сопствениците на продавниците во реалниот живот да ги оптимизираат кадровските и маркетиншките стратегии, да го подобрат управувањето на услугите со клиенти и на логистиката за набавка на производи.
На краток рок: продавниците за малопродажба ќе служат да бидат следниот голем кориснички интерфејс за производство на 3Д-печатење (слика 2), за виртуелна и надградена реалност, како и за реализација на интернет на нештата по примерот на Амазон го (шопинг без користење на платежни средства).
На долг рок: ќе видиме како нашата желба за зголемена продуктивност и за стабилна потрошувачка ќе се балансира со нашите желби за пријатни искуства во реалниот живот при што сите тие желби и потреби ќе бидат водени од експоненцијални технологии.

Импликации
Конвергенцијата на експоненцијални технологии веќе направи големи промени во однос на тоа како и каде купуваме, како го користиме нашето време и колку плаќаме.
Едно е сигурно: традиционалното шопинг искуство е на работ на голема трансформација.
Пред дваесет години Амазон ни покажа како интернетот може на секој од нас да му понуди лесно достапен материјал за читање и оттогаш светот на е-трговија буквално експлодира. Сепак, сѐ уште не сме ги доживеале заштедите на трошоците што доаѓаат од беспилотните летала, интернетот на нештата, токенизираните екосистеми, влијанието на навистина моќната вештачка интелигенција, па дури и заштедите од останатите апликации кои користат 3Д-печатење и надградена реалност.
Можеби ништо нема да биде повеќе трансформирано од денешниот глобален малопродажен сектор вреден 20 трилиони долари. Затоа останете информирани, гледајте напред и бидете спремни да го користите вашиот личен шопинг асистент базиран на вештачка интелигенција!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано