Економија

Арсов: Вредноста и цената на криптовалутите

Сашо Арсов

Една од најгорливите теми во светот на финансиите во последно време е мистеријата на т.н. криптовалути, односно различните дигитални средства генерирани преку компјутерски алгоритми, кои имаат амбиција да станат регуларни платежни средства. Иако нивните почетоци се од пред речиси една деценија, за нив многу повеќе се зборува во последниве година-две, во кои цените на некои од нив вртоглаво пораснаа на светските берзи. Тоа претставуваше поттик накусо да се осврнеме на некои нивни финансиски аспекти, односно на факторите што влијаат врз формирањето на нивните цени со цел можеби малку да ги осветлиме овие средства од инвеститорски аспект. Во овој текст нема да навлегуваме во техничките аспекти за кои инженерите се многу покомпетентни и однапред се извинувам за можните грешки на овој план.

Имено, појавата на криптовалутите најмногу се поврзува со биткоинот кој, пак, е резултат на т.н. блокчејн (blockchain) технологија. Оваа технологија претставува алтернативен систем на реализација на плаќањата меѓу субјектите во кој учествуваат многубројни комјутерски единици истовремено при што записите за сите трансакции се евидентираат на сите тие компјутери. Ова се разликува од класичните системи на платен промет во кои постои едно централно место преку кое се одвиваат сите плаќања (кај нас, Народната банка). Притоа овие трансакции се групираат во т.н. блокови кои, пак, откако ќе се поврзат во синџир кој се состои од одреден број блокови (оттука името blockchain) се генерира еден биткоин (повторно се извинувам за можните поедноставувања). Ваквиот процес се нарекува копање, односно рударење биткоини, најверојатно за да потсетува на процесот на добивање благородни метали.

Тука веднаш ќе направиме дистинкција меѓу блокчејн технологијата и криптовалутите. Технологијата е едно и за неа се смета дека има бројни предности во однос на постоечките системи на платен промет. Некои големи и реномирани светски банки веќе сериозно навлегоа во испитувањето на можностите за нејзина примена, секако со цел да не заостанат на ова поле. Биткоинот е нешто сосема друго и јас би рекол дека тоа е своевиден нуспроизвод на технологијата. Оттука треба да се запознаеме со неговите и со својствата на другите криптовалути од финансиски аспект.

Како се формира цената на криптовалутите?
Од пред извесно време, на одреден број берзи се тргува со криптовалутите и нивната цена редовно се објавува. Некои реномирани берзи веќе воведоа и фјучерси (финансиски деривативи) на овие средства. Како и за секое друго средство (добро, стока, производ), цената на криптовалутите се формира на пазарот врз основа на понудата и побарувачката. Оттука треба да одговориме на прашањето: Што е тоа што ги детерминира понудата и побарувачката на криптовалутите?
Ќе се потсетиме дека побарувачката е одраз на волјата на купувачите да платат одреден паричен износ за некое добро. Нивната волја да платат одреден износ зависи од вредноста која тие му ја придаваат на доброто, а таа пак зависи од корисноста и реткоста на доброто. Од критично значење за нашиот случај е токму корисноста, односно употребната вредност. Имено, за секој производ што го купуваме ние тоа го правиме поради тоа што неговата употреба ни носи одредена корисност која, пак, ако ја изразиме во пари, треба да е повисока или барем еднаква на цената по која тој производ се продава на пазарот. Поинаку кажано, за секој производ што го купуваме, ние чувствуваме одредена употребна вредност која, честопати и несвесно, ја преточуваме во финансиска вредност. Тогаш да се запрашаме: Која е употребната вредност на криптовалутите?
Ако се тоа валути, како што имплицира името, корисноста од нив би се состоела од можноста да ги размениме за други средства, односно да ги користиме како платежно средство. Во колкава мера е тоа реално? Познато е дека одредени криптовалути веќе се прифатени како средство за плаќање од страна на многубројни компании и на многу места, но исто така е познато и дека овие плаќања не се однесуваат на нивниот комплетен асортиман, туку само на дел од него, најчесто на некои маргинални ставки. Секако, во иднина тоа може значајно да се прошири. Оттука вредноста на овие валути, исто како и на сите други, би зависела од нивната прифатеност, конвертибилност, стабилност, практичност при употребата и сл.
Со оглед на сè уште ниската прифатеност како платежно средство, можеме да заклучиме дека т.н. внатрешна вредност на криптовалутите е ниска. Па, како тогаш доаѓа до формирање толку високи цени за некои од нив? Треба да имаме предвид дека вредноста на финансиските средства (валути, акции, обврзници, опции, злато и др.), покрај внатрешната вредност која зависи од некои фундаментални карактеристики на средството, содржи и уште една компонента, а тоа е т.н. шпекулативна или опциска вредност. Таа претставува дел од вредноста кој го одразува потенцијалот цената на средството во иднина да порасне, односно тоа да донесе некој дополнителен принос. Овој дел во голема мера е психолошка категорија и се формира од очекувањата на инвеститорите кои често и не се рационално поткрепени, а понекогаш и се граничат со хазард. За разлика од внатрешната вредност која не може брзо да се менува бидејќи зависи од фундаменталните карактеристики на средството, шпекулативната вредност нема таква подлога, па е многу чувствителна на секакви надворешни влијанија. Тоа го објаснува и големото варирање во вредноста на криптовалутите во опсег и до 20 % за еден ден, што не е својствено за останатите финансиски средства, освен во ретки и исклучителни ситуации.
На другата страна е понудата. Понудата е одраз на маргиналните трошоци за производство на некое добро. Трошоците за производство на криптовалути прогресивно се зголемуваат (специфичен алгоритам, компјутерски единици, струја и сл.). Оттука рударењето криптовалути ќе биде исплатливо само доколку тие имаат пазарна цена повисока од трошоците за нивно добивање. Понудата зависи и од количеството расположливи единици од валутата. Познато е дека создавањето биткоини ќе заврши кога ќе се создадат 21 милион единици од нив. Ограничената понуда на биткоините влијае на зголемување на нивната вредност и цена. Сепак, проблем е тоа што постојат повеќе од 1 200 криптовалути. Се поставува прашањето зошто едни од нив би биле подобри од другите? Зошто баш биткоин, а не некоја друга? Имено, и кај реалните валути, со текот на времето, некои се издвоиле како повредни и позначајни, а низ годините тоа и се менувало, па некои добивале, а некои губеле од своето значење. Денес инвеститорите во криптовалути всушност се обложуваат која од нив ќе опстане и ќе добие таква улога што во иднина може и да им донесе на инвеститорите соодветен принос.

Криптовалутите наспроти останатите валути и благородните метали
Ако направиме споредба со класичните национални валути, ќе најдеме сличност во тоа што и сите хартиени пари кои денес се употребуваат се само т.н. fiat money, односно немаат сопствена материјална вредност, туку се репрезенти на одредена вредност. Поради ова, во основата на вредноста на секоја национална валута е довербата, односно вербата на јавноста во нејзината иднина, стабилност и употребливост (конвертибилност). Зад сите национални валути стојат држави, па оттука од клучно значење за формирање на таа доверба е државата и нејзината економија. Државите, односно централните банки се грижат за вредноста на валутите, честопати и влијаат врз неа, но врз неа влијаат и објективни фактори како стабилноста на економијата, надворешната трговија, стапките на економски развој, политичката стабилност и др. Криптовалутите не се национални валути, зад нив не стојат централни банки и нивната вредност не може директно да се поврзе со овие фактори, што го отвора прашањето за изворите на довербата која јавноста треба да ја има во нив.
Создавањето (рударењето) криптовалути не може да се споредува со емисијата на национални валути. Иако се чини дека централните банки слободно пуштаат во употреба големи количества пари за да ги поттикнат своите економии, тоа сепак значајно се разликува од креирањето криптовалути. Имено, централните банки постојано ја следат инфлацијата и водат сметка новата парична маса да не доведе до нејзино покачување. Исто така постојат значајни разлики во поглед на меѓународната употреба на најзначајните валути и оние помалку значајните. Така, кај доларот, еврото и други валути што се користат во меѓународниот промет, зголемувањето на нивната парична маса често се прелева и надвор од нивните домицилни земји. Размислете што би се случило доколку нашата Народна банка пушти во оптек значително поголемо количество денари од потребното.
Уште еден извор на вредноста е можноста криптовалутите да добијат улога на средство за складирање на богатството, каков што е случајот со златото и другите благородни метали. Тука мораме да ги потенцираме значајните разлики меѓу овие две категории. Прво, златото се користи со милениуми и е прифатено како средство што ја чува и ја одржува вредноста и во најтешки времиња. Повеќето централни банки сè уште чуваат значајни количества злато како дел од своите монетарни резерви. Второ, златото има и алтернативна употреба (како накит, во медицината, во електрониката и сл.). Конечно, резервите на злато во земјата се ограничени, а за можноста за создавање криптовалути погоре стана збор.
Значаен фактор кој денес влијае на цената на криптовалутите, но воедно претставува и голем потенцијален ризик за нивната иднина, е анонимноста во нивната употреба и нивната досегашна нерегулираност. Имено, се зборува дека овие карактеристики ги прават криптовалутите погодни за извршување плаќања од сомнителен карактер, односно дека тие се злоупотребувани од страна на криминалци што, секако, ја зголемува побарувачката, а со тоа и цената. Истовремено тие се причина за сè погласните апели за нивно регулирање, па дури и забрана, што внесува голем ризик при инвестирањето во нив.
На крајот би резимирале дека вредноста на криптовалутите денес содржи мошне мала фундаментална и мошне висока шпекулативна компонента. Оние кои инвестираат во нив се соочуваат со потенцијал за високи добивки, но и со мошне висок ризик. Пред таквиот потфат, секој инвеститор би требало детално да ги проучи елаборираните фактори кои влијаат на формирање на нивната вредност и да процени дали тековните цени го оправдуваат вложувањето во нив. Времето ќе покаже кој последен ќе се смее.


 

("Економија и бизнис", печатено издание, ноември 2018)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано