Економија

СЛОВАЧКОТО ЧУДО

Љупчо Поповски

Словачка е пример како една мала држава, речиси потценувана при падот на железната завеса, може да постигне голем успех. Таа денес годишно произведува еден милион автомобили и е прва во светот по глава на жител. Успехот можеше да дојде бидејќи економските реформи не запреа

На самитот на Европската Унија – Западен Балкан во Софија бугарскиот премиер Бојко Борисов со неговиот непосреден јазик сакаше да додаде уште еден аргумент зошто регионот треба да биде приклучен кон европската архитектура и рече приближно вака: Како можат шесте земји од регионот да ја заплашуваат ЕУ кога имаат само 17,7 милиони жители, кои се помалку од граѓаните на Романија, а нивниот заеднички БДП е помал од општествениот производ на Словачка? Тоа беше одлична метафоричка поента на Борисов која, од една страна, ги адресираше стравовите кај земјите членки на Унијата, а од друга зборуваше за неразвиеноста на шесте земји кои можат да пропаднат уште подолу ако не им биде испружена европската рака.

РЕГИОНОТ НА БРАТИСЛАВА Е ШЕСТИОТ НАЈПРОДУКТИВЕН РЕГИОН ВО ЕУ ВО 2017 ГОДИНА СО 184 ОТСТО ОД ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК

Оваа елоквенција наиде на специфичен одек во македонската јавност, а од друга страна замисли многумина со споредбата – како може една земја како Словачка, со 5,5 милиони жители, да биде економски помоќна од сите шест земји заедно. Може! Ако некој не верува, нека ги погледне бројките. Според податоците за БДП за 2017 година (тие се во рангот на точни предвидувања) Словачка имала општествен производ од 96 милијарди долари. Бројките на шесте земји од регионот се вакви: Србија 39 милијарди, Македонија 11, Косово 6,9, Албанија 12,9, Црна Гора 4,5 и Босна и Херцеговина 17,3 милијарди долари. Сите заедно 91,6 милијарди долари.
За оние кои имаат предрасуди или стереотипи кон малата земја која произлезе од поранешната федерација Чехословачка или пак малку се интересираат што се случува во оваа земја од Централна Европа може ќе изгледа како запрепастувачки фактот дека Словачка во 2016 година произведе 1 040 000 автомобили во трите огромни капацитети на големите компании „Фолксваген“, „Пежо ситроен“ и „Киа моторс“. Словачка сега е европски гигант во производството на автомобили. Таа го држи светскиот врв во производство на автомобили по глава на жител.
На почетокот на јуни Словачка стана првата земја од новите членки на ЕУ од Централна и Источна Европа која издаде државни обврзници на 50 години. Вредноста на обврзниците беше 500 милиони евра, со камата од 2,25 отсто, а побарувачката за нив беше трипати поголема. Само пет земји од Европа успеале да издадат обврзници на толку долг рок, меѓу кои се Франција и Ирска.

Многу бројки, многу успеси
На почетокот од годинава влијателниот британски економски месечник „Банкер“ го прогласи словачкиот министер за финансии Петер Кажимир за „Европски министер за финансии“ за 2018 година. Британскиот магазин во образложението на одлуката напиша дека откако Кажимир ја презел функцијата во 2012 година словачката економија доживеала препород. Буџетскиот дефицит е спуштен од 4,3 отсто во 2012 година на планираните 0,83 проценти за оваа година. Во 2016 година БДП имаше пораст од 3,3 отсто, предвидувањата за 2017 година се во истите рамки, додека за оваа година се очекува раст од 3,7 до четири отсто. Податокот за првиот квартал од годинава покажува раст од 3,6 отсто, а невработеноста е падната на 5,42 отсто, рекордно ниско ниво од револуцијата во 1989 година.
Многу бројки за многу успеси. Но, како се случи помалиот брат од федерацијата која се распадна на 1 јануари 1993 година со мирно разидување на Чешка и на Словачка така да ја трансформира својата економија и да се трансформира во еден вид средноевропско чудо? Кога се распаѓаше федерацијата расположението во Словачка беше многу повеќе песимистичко отколку кај самоуверените Чеси. Сега, 25 години подоцна, Словачка може да се пофали дека има функционална пазарна економија, дека еврото е национална валута, дека земјата е членка на СТО, на ОЕЦД, на НАТО и на ЕУ, дека реалните плати се поголеми за 73 отсто од оние во 1993 година. Словачка влезе во независноста под автократската влада на Владимир Мечијар и за неа вистинскиот економски пресврт се случи по неговиот пад во 1998 година кога на чело на Владата дојде коалицијата предводена од Микулаш Ѕуринда.
Трансформацијата од комунистичка и централно контролирана економија во пазарна економија беше и драматична и темелна. Првите потези на таа трансформација се случија уште кога постоеше Чехословачка. Приватизацијата беше брза и груба со ваучери поради тоа што сите компании беа во државна сопственост. Исто како и во другите посткомунистички земји не постоеше образец (ниту во западната економска наука) како да се трансформира економијата. Клучот за оваа брза трансформација беше во политичката парадигма – доколку не се обезбеди брза трансформација на сопствеништвото комунистичките партии или нивните наследници ќе имаат голема економска моќ, а тогаш тоа лесно ќе го трансферираат во политичка моќ. Оваа брза приватизација (со иста брзина, па дури и пред неа, се одвиваше денационализацијата и враќањето на огромни имоти, од езера, замоци до згради) беше на моменти чудна, па и криминална, па денес словачките економисти велат дека со право било критикувано тоа френетично разграбување на државните средства. Словачките економисти велат оти е неможно да се замисли дека една приватизација може да биде праведна, но дека клучна беше политичката цел – во тоа време не беше важен квалитетот на процесите, туку брзината со која тие треба да бидат завршени.

„ФОЛКСВАГЕН СЛОВАЧКА“ ВРАБОТУВА 13 700 ЛУЃЕ, ЛАНИ ГЕНЕРИРАШЕ ПРОФИТ ОД 240 МИЛИОНИ ЕВРА, А ОБРТОТ БЕШЕ 7,55 МИЛИЈАРДИ ЕВРА. ОД НЕА ИЗЛЕГОА 362 000 ВОЗИЛА

Автомобилската индустрија е моторот
Компаниите беа заглавени во долгови и се задолжуваа за да го исплатат она што веќе го должат, а не да размислуваат за нови технологии или за поинаков развој. Невработеноста во Словачка беше голема, а структурата на индустријата многу понеповолна во однос на Чешката Република. Уште за време на вековното владеење на Австро-Унгарија со тие простори Чешка беше место за квалитетни и нови индустрии, а така продолжи меѓу двете светски војни и подоцна, за време на социјализмот. Во Словачка главно беше стационирана тешката загадувачка индустрија, како и воената индустрија, плус големите пространства за земјоделско производство. Едноставно Словачка беше во полоша економска ситуација од нејзините дотогашни федерални браќа – Чесите, а и поради начинот на кој беше направено раздружувањето. Формулата беше одредена според бројот на жителите и сиот имот на државата беше поделен 2:1. Таа поделба беше направена мирно, речиси без потреси. Двете земји можеа да тргнат одвоено во изградба на сопствената иднина.
Какви беа стартните позиции на двете земји? БДП на Словачка беше 47 проценти од европскиот просек, а на Чешка 77 отсто. Денес разликата е многу намалена. Словачкиот БДП е 77 отсто од европскиот просек, а чешкиот БДП е 88 отсто. Ако се споредат овие две земји со другите две држави од Вишеградската група се гледа каков бил нивниот раст. Полскиот БДП е 69 отсто од европскиот просек, а оној на Унгарија 67 проценти. За да стигне до оваа позиција на Словачка ѝ беа потребни големи економски реформи.
Најважниот мотор во словачката економија е автомобилската индустрија. На почетокот од 2000-те години тогашната Влада на Ѕуринда реши да го освои просторот кој изгледаше неосвоив – да ги донесе големите произведувачи на автомобили во Словачка. Со погодностите што им беа понудени и со правната сигурност таа привлече три големи производители. Во погоните на „Фолксваген“ во Братислава се произведуваат луксузните модели на џипови „фолксваген туарег“, „ауди Q7“ и „порше каен“. Од производните ленти на фабриката на „Пежо ситроен“ во Трнава излегуваат моделите „ситроен Ц3 пикасо“ и „пежо 208“, а во халите на „Киа“ во Жилина се произведуваат моделите „киа сид“ и „спортаж од третата генерација“. Автомобилската индустрија гради 13 проценти од домашниот БДП и 35 отсто од вкупниот извоз. Таа директно или индиректно вработува 300 000 луѓе. Од овие фабрики излегуваат 13 отсто од сите автомобили произведени во Европската Унија. Тоа се огромни бројки за една мала држава.

ОД ПРОИЗВОДНИТЕ ЛЕНТИ НА ФАБРИКАТА НА „ПЕЖО СИТРОЕН“ ВО ТРНАВА ИЗЛЕГУВААТ МОДЕЛИТЕ „СИТРОЕН Ц3 ПИКАСО“ И „ПЕЖО 208“, А ВО ХАЛИТЕ НА „КИА“ ВО ЖИЛИНА СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ МОДЕЛИТЕ „КИА СИД“ И „СПОРТАЖ ОД ТРЕТАТА ГЕНЕРАЦИЈА“

Во јуни најголемата британска компанија за производство на автомобили „Јагуар лендровер“ објави дека префрла еден од своите капацитети во Словачка. Инвестицијата во градот Нитра е вредна 1,13 милијарди евра, во словачките погони ќе се вработат 6 000 луѓе кои ќе го произведуваат изменетиот „лендровер дефендер“.
Владата на Словачка ги помага овие производители со специјални мерки. Неодамна премиерот Петер Пелегрини објави дека за „Фолксваген“ како најголем приватен работодавач во Словачка, најголем даночен обврзник и еден од најважните инвеститори во земјата ќе бидат подготвени специјални мерки. Тие мерки ќе бидат насочени во инфраструктурата, тренинг на работниците и поедноставување за издавање работни дозволи за странски работници. „Фолксваген Словачка“ сега вработува 13 700 луѓе, лани генерираше профит од 240 милиони евра, а обртот беше 7,55 милијарди евра. Инвестицијата во фабриката минатата година беше 369 милиони евра, а од неа излегоа 362 000 возила. Но, на фабриката ѝ требаат уште работници. Во овој момент ѝ недостигаат 1 850, па Владата одлучи да помогне.

Корупцијата и другиот криминал
Има и причина зошто. Овој клучен сектор во словачката економија се соочува со проблеми, а најголемиот од нив е недостигот на квалификувана работна сила и образовниот систем кој не може да генерира работници со потребна стручност. Поради недостигот на работна сила се зголемува притисокот за поголеми плати. Така во јуни „Пежо ситроен“ мораше да се согласи за зголемување на платите од 7,7 отсто во разговорите со синдикатите за да може да ги сочува работниците. Во оваа фабрика лани беа произведени 335 илјади возила, па компанијата мораше да направи одредени отстапки за да не дојде до нарушување на производството. Поради тоа што целиот сектор брзо се развива, асоцијацијата на автомобилската индустрија предвидува дека до 2020 година ќе недостигаат 14 000 работници. Невработеноста е мала, па мора да се бараат работници од странство. Затоа Министерството за труд подготви одредби дека Полицијата на странците веднаш ќе им издава работни дозволи, и тоа за оние кои се квалификувани да работат во овие погони.
Иако Чешка и Словачка се независни држави, нивните односи се на некој начин „братски“. Јазикот им е речиси ист и двете држави произведуваат по еден милион автомобили годишно, невработеноста е мала (во Чешка е 3,7 отсто), се соочуваат со слични проблеми во структурниот развој и со миграцијата на населението. Но, постои еден здрав натпревар меѓу двете земји. Регионот на Братислава е шестиот најпродуктивен регион во ЕУ во 2017 година со 184 отсто од европскиот просек. Прашкиот регион во Чешка има 182 отсто од европскиот просек и е седми на листата. Но, не цвета секаде во двете земји. БДП во поголемиот дел од регионите е околу 60 отсто од европскиот просек. Многу Словаци заминуваат да работат во Чешка бидејќи и таму снемува работна сила. Поради силниот антимигрантски сентимент во Чешка, работодавците ги сакаат Словаците бидејќи ги чувствуваат многу блиски. Има движење и кај студентите. Поради повисокиот квалитет на чешките универзитети, многу Словаци заминуваат да студираат таму. Според договорот меѓу двете земји, Словаците можат да студираат бесплатно во Чешка. Но, бројот на Чеси што доаѓаат да студираат во Словачка е многу мал, па често создава тензии меѓу двете држави поради диспаритетот.

СЛОВАЧКА Е ПРИМЕР КАКО ЕДНА МАЛА ДРЖАВА, РЕЧИСИ ПОТЦЕНУВАНА ПРИ ПАДОТ НА ЖЕЛЕЗНАТА ЗАВЕСА, МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕ ГОЛЕМ УСПЕХ. ТАА НЕ Е БЕЗ ПРОБЛЕМИ, КОРУПЦИЈАТА ГО РАЗЈАДУВА И НЕЈЗИНОТО ТКИВО, ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ Е ВМРЕЖЕН НА РАЗЛИЧНИ НИВОА, ГРАЃАНИТЕ СЕ НЕЗАДОВОЛНИ ПОРАДИ ГОЛЕМИТЕ СОЦИЈАЛНИ РАЗЛИКИ, НО ГЕНЕРАЛНАТА СЛИКА ПОКАЖУВА УСПЕХ

Словачка е пример како една мала држава, речиси потценувана при падот на железната завеса, може да постигне голем успех. Таа не е без проблеми, корупцијата го разјадува и нејзиното ткиво, организираниот криминал е вмрежен на различни нивоа (случајот со убиениот новинар Јан Куцијак и големите демонстрации потоа низ словачките градови, кои доведоа до оставка на левичарскиот премиер Роберт Фицо го покажа тоа), граѓаните се незадоволни поради големите социјални разлики, но генералната слика покажува успех.
Дали таа може да биде модел за малите земји од Западен Балкан? Во некоја рака – да. Тие сигурно не би можеле да се доближат во автомобилската индустрија и е нелогично да го прават тоа. Но, можат да извлечат поука како може да се развива едно општество кога реформите во економијата не запираат. Се разбира, и да знаат да го направат тоа.

("Економија и бизнис", печатено издание, јули-август 2018 година) 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано