Економија

МОБАЈЛ ФРСТ ИЛИ МОБАЈЛ ОНЛИ? (MOBILE FIRST ИЛИ MOBILE ONLY?)

Дарко Булдиоски

Дали донесовте одлука кои промени треба да ги направите или веќе ги правите за да одговорите на навиките и на очекувањата на вашите корисници?

Кога последен пат сте ја отвориле аналитиката на вашиот сајт и сте го расчепкале делот каде што можете да видите од какви уреди ја посетуваат вашата веб-страница вашите посетители? Како се движи соодносот? Уште поважно, како се разликува нивното однесување? Дали сте се обиделе да го вкрстите тој податок со некој друг, многу поважен податок? На пример, време поминато на самата веб-страница или број на конверзии? Што велат тие податоци? Има ли разлика?
Веќе одамна бројот на посети кои доаѓаат преку мобилни уреди го надмина оној од десктоп компјутерите. Таблетите и изумрените т.н. фаблети веќе и не се ни спомнуваат, иако и тие влегуваат во групата на уреди кои нудат мобилно искуство. Ако бројките веќе некое време ни покажуваат тренд кој апсолутно гледаме дека нема да нѐ одмине, напротив, тогаш тоа значи дека треба соодветно да реагираме со промени на нашата комуникација, стратегија и сл.
Паметните телефони ни го променија начинот на кој функционираме, се информираме, комуницираме... Она што најмногу променија се всушност нашите очекувања и навики на консумирање на информации. Денес многу помалку имаме време за чекање, сакаме и очекуваме сѐ да е брзо достапно, лесно за наоѓање и јасно за читање и за гледање. Веќе не сме во удобноста на нашиот дом или во канцеларија кога пребаруваме некоја информација, туку сме на лице место онаму каде што ни треба, често на велосипед, мотор, во автомобил, речиси секогаш во друштво со потреба некому брзо нешто да докажеме, да покажеме. Сето тоа всушност нѐ промени нас како корисници, потенцијални или постоечки ваши потрошувачи. Ако мене ми е потребно едно пребарување на Гугл мапс (Google Maps) за да ја најдам локацијата на вашата продавница, ќе очекувам дека таму стојат и сите останати информации како тел. број, работно време, оценки од други корисници и сл. Сите тие навидум мали детали всушност креираат навики кои свесно или несвесно влијаат подоцна кога носиме одлуки.

НА КРАЈОТ НА КРАИШТАТА НЕ Е ВАЖНО ДАЛИ ЌЕ Е МОБАЈЛ ФРСТ (MOBILE FIRST) ИЛИ МОБАЈЛ ОНЛИ (MOBILE ONLY), ВАЖНО Е ДА ГО ИМАТЕ ПРЕДВИД МОБАЈЛ (MOBILE) И ДА Е ПО МОЖНОСТ ПОНАПРЕД ВО РЕЧЕНИЦАТА

Прилагодлива (респонзивна) веб-страница не е доволна
Често решението на овие проблеми го гледаме во веб-страница која е прилагодлива во својот изглед за повеќе различни уреди. Па соодветно сите нејзини елементи ќе се подредат еден под друг за да изгледаат добро на мобилен уред. И тука мислиме дека сме завршиле најголем дел од работата. Погрешно. Тука само сме сфатиле дека треба да размислуваме за мобилните корисници, но никогаш не сме се ставиле вистински во нивната улога зашто најчесто во ваквиот пристап сепак она што прво го гледаме и го градиме како структура е десктоп верзијата, а со тоа и десктоп пристапот кон градење на содржината. Гугл и останатите интернет-гиганти одамна го кажаа своето, сѐ што нема да е соодветно прилагодено за на мобилен уред нема да помине добро во нивните алгоритми. Па затоа покрај самиот прилагодлив сајт мора да се посвети огромно внимание и на брзината на вчитување, големината на буквите на екранот, должината на информациите, бројот на кликови и/или скролови потребни за да се стигне до посакуваната информација. 

И уште една работа која често ја слушаме од локалните компании: не ми треба мобилна верзија на веб-страницата, имаме апликација. Во голема мера погрешен пристап затоа што најчесто станува за најмалку два различни типа на ваши корисници. Јас ако не сум ваш клиент/корисник за да најдам брзо некоја информација за вашата услуга или производ нема да симнувам апликација на телефон, а лошото искуство кое ќе ми го понудите во моето прво искуство со вас може скапо да ве чини.

Брзината е важен, но не и единствен фактор
Гугл дефинитивно ја доби битката со Фејсбук и ги постави стандардите за брзите мобилни страници преку својoт AMP-проект (Accelerated Mobile Pages). Она што ни останува нам е побрзо да ги разгледаме овие стандарди, да ги промениме нашите сајтови и сл. според тие насоки и да почнеме да размислуваме дека станува збор за многу повеќе од само технологија кога станува збор за мобилното искуство.
Брзината е екстремно важен фактор, но форматирањето на самата информација и корисничкото искуство можат комплетно да го променат исходот од посетите на вашата страница. Имајте на ум, не секогаш сите се чувствуваат комотно и комфорно да ги прават сите акции од својот мобилен телефон. Проверете дали можеби вашите нови корисници ве посетиле неколкупати од мобилен уред за подоцна, кога дошло време, финалната одлука (конверзијата) да ја направат од десктоп компјутер. Ова сценарио е почесто кај е-продавниците, а истото ова може да нѐ наведе да донесеме погрешен заклучок, во насока дека корисниците кои доаѓаат од мобилен не купуваат.
Темава е екстремно важна и комплексна... постојат голем број аспекти кои треба да се земат предвид кога се дизајнираат стратегија и корисничко искуство кое во преден фокус го има мобилниот корисник. Нашето искуство вели дека е многу полесно да адаптираш нешто за десктоп ако тргнеш првично од дизајн на искуство за мобилен уред отколку обратно. Секако, во најголем број случаи нема да одберете мобајл онли (mobile only) опција, но на крајот на краиштата не е важно дали ќе е мобајл фрст (mobile frist) или мобајл онли (mobile only), важно е да го имате предвид мобајл (mobile) и да е по можност понапред во реченицата.

("Економија и бизнис", печатено издание, јули-август 2018)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано