Економија

Што очекувате во 2019 година? Никола Љушев: ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО 5G ЌЕ ПРЕДОДРЕДАТ КОЈ ЌЕ ОСТАНЕ ИГРАЧ НА ПАЗАРОТ НА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИТЕ

Никола Љушев

Клучниот збор за 2019 година на телекомуникацискиот пазар ќе биде дигитализација. Во поширок контекст нашиот план е да бидеме партнер за целосна дигитализација на општеството, да ја ставиме технологијата во функција на граѓаните. Затоа нареднава година ќе работиме на дигитализирање на нашите процеси и обезбедување дигитални услуги за корисниците. Во бизнис-секторот фокусот ни е да станеме водечки провајдер за информатички технологии, со сопствена клауд инфраструктура, сериозен партнер кој ќе ја поттикне трансформацијата на општеството. Ова се сегменти на поголемата слика пред нас. Крајната цел е преку нашата инфраструктура да овозможиме развој на дигиталното општество: е-образование, е-здравство, нови современи технолошки решенија со кои ќе им се подобри животот на граѓаните. За да стигнеме до целта, инвестираме во нашата мрежа, нашиот најголем адут, ја градиме мрежата на следната генерација и се подготвуваме да почнеме со тестна имплементација на 5G во чекор со европските земји во 2020 година. Во годините што следуваат, токму инвестициите во 5G ќе предодредат кој ќе остане играч на пазарот на телекомуникациите. Оваа мрежа ќе ја донесе новата индустриска револуција и ќе го смени начинот на кој живееме. Логично е најголемите инвестиции наредниве години да бидат со фокус кон 5G.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано