Економија

ЗА СЛОБОДНИОТ ПРОТОК НА ГРАНИЦИТЕ И ЗА ЕДНОРОЗИТЕ

Бранко Азески

Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија

Не отстапуваме од определбата економските прашања да добиваат централно место во секојдневието – иако не секогаш е лесно да успееме да ги наметнеме овие прашања во фокусот на вниманието.

Состојбите во некои од клучните сектори, кои се носители на домашниот БДП, даваат основа за позитивни очекувања. Металургијата и градежништвото беа двата сектора кои се соочуваа со предизвици изминатиов период. Ако се има предвид дека производството на метали и градежништвото учествуваат со по околу 6 % во националниот БДП, тогаш секоја поголема промена во овие сектори има забележителен одраз врз вкупната национална економија.

А промените покажуваат позитивен тренд – од една страна, се насетува тенденција за надминување на неколкугодишниот кризен период за металургијата –производството на основни метали во првите два месеца од 2019 година бележи пораст од 26,3 % во однос на истиот период од претходната година, а само во месец февруари евидентиран е пораст на физичкиот обем на производство од 32 % во однос на февруари претходната година. Иако индикаторите се сепак далеку зад извозните остварувања во преткризните години и потенцијалот на оваа индустрија, извесни се очекувањата за раст и се надеваме дека воведените заштитни мерки за увоз на одредени челични производи во ЕУ нема сериозно да ги попречат овие тенденции.
Од друга страна, градежништвото и покрај негативните трендови во првите три квартали успеа да ја заврши минатата година со минимален раст од 0,2 %, а деловните очекувања во градежништвото се позитивни – индикаторот на доверба во првото тримесечје од 2019 година e повисок за 0,7 процентни поени во однос на првото тримесечје од 2018 година, а сегашната состојба со порачки (договори) на деловни субјекти од градежништвото, како и оценката за финансиската состојба се поповолни во однос на претходното тримесечје, па во наредниов период се очекува продажните цени да се зголемат.

ИМАМЕ ЛИ НА ОВИЕ ПРОСТОРИ КАПАЦИТЕТИ ДА СЕ СОЗДАДЕ ПРВИОТ ТЕХНОЛОШКИ ЕДНОРОГ (TECH UNICORN – КОМПАНИЈА КОЈА СЕ ПРОДАЛА НАД 1 МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ)

Истовремено во Комората посветено работиме на активностите за поддршка на извозот – по одржаните бизнис-форуми со Грција и со Чешка минатиот месец во Скопје ги најавуваме бизнис-форумите во Виена и во Љубљана во текот на овој месец како продолжување на успешните практики за вмрежување на македонскиот бизнис.

Но, многу поболна точка од изнаоѓањето странски партнери, за македонските бизнисмени се нетарифните бариери кои секојдневно им го попречуваат и го оддолжуваат движењето преку границите на регионот. Планираме пилот--мониторингот кој успешно го спроведоа тимовите на Стопанската комора на Македонија на Табановце и на Ќафасан минатиот месец да го спроведеме и на регионално ниво преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во текот на следниов месец – времето кое се губи во чекањето на граничните премини подеднакво негативно ги засега компаниите од сите држави од регионот и ефикасно решение може да дојде само ако се спроведе истовремено лоцирање на сите критични точки и да се бара справување со сите недостатоци – малку работа сме завршиле ако го забрзаме протокот на преминот Табановце / Прешево кога македонскиот извоз за да стигне на европските пазари треба да помине најмалку уште две или три граници на кои ќе се соочи со истите проблеми – затоа ова е регионален проблем кој бара регионални решенија и преку КИФ нив ќе ги понудиме во брзо време.

Продолжуваат и активностите да се поттикне развојот на младите стручни кадри преку нивен активен ангажман во автентични процеси. Во Стопанската комора на Македонија веќе се верификувани неколку програми на работодавачи за спроведување практична обука – покрај „ЕВН Македонија“ АД кои пред 3 години пионерски ја започнаа соработката со СЕУГС „Михајло Пупин“ од Скопје, изминатиов период во Комората се спроведуваше и постапката на верификација на програмите уште на неколку реномирани македонски компании – „Алкалоид“ започна соработка со две средни училишта: медицинското училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и хемиското училиште „Марија Кири - Склодовска“, додека компаниите „Костал Македонија“, „ОДВ Електрик“ и „ЛТХ Леарница“ заеднички започнаа соработка со ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид. Сите овие партнерства се чекор напред во процесот на обезбедување кадар кој ќе одговара на барањата и на потребите на стопанството, процес кој ние силно го поддржуваме.

П. С. Дигиталниот самит во Белград на почетокот на минатиот месец конечно ја донесе спогодбата за постепено укинување на роамингот во регионот, но и ја наметна дилемата – имаме ли на овие простори капацитети да се создаде првиот технолошки еднорог (tech unicorn – компанија која се продала над 1 милијарда долари). Верувам „да“ и затоа на ИТ-индустријата треба да ѝ се даде потребниот „ветар во грб“.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019)

ПРЕПОРАЧАНО