Економија
КАКО КОНЕЧНО ДО ВИСОК И ОДРЖЛИВ ЕКОНОМСКИ РАСТ?
Дарко Лазаров
Економски факултет, УГД - Штип
Повеќе од сигурно е дека постоечкиот модел на раст на македонската економија нема капацитет да испорача високи и одржливи стапки на раст. Македонија со просечна стапка на економски раст од 2.7 % во периодот 2001 – 2018 година се вбројува во групата земји со прилично лоши економски резултати. На пример, просечната стапка на економски раст за истиот период во Албанија е 4 %, Бугарија 3.7 %, Србија 3 %, Црна Гора 3 %, Романија 4 %, Словачка 4 %, Естонија 4 %, Полска 3.6 %.
Таквите економски перформанси го забавија и го одложија процесот на конвергенција на земјава кон животниот стандард на земјите членки на ЕУ. За илустрација, Македонија и Бугарија во 1998 година имале прилично исто ниво на доход по глава на жител, околу 28 % од нивото на доход во ЕУ. Во 2018 година, доходот по глава на жител во Бугарија се приближил до 60 % од доходот на ЕУ, додека доходот по глава на жител во Македонија останал на 35 % од оној на ЕУ.
Ако оваа брзина на конвергенција со која Македонија се приближува кон нивото на економска развиеност на ЕУ ја споредиме со податокот дека Словенија и Словачка како две успешни земји од регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ) имаат достигнато повеќе од 85 % од доходот по глава на жител на ЕУ, тогаш фактите се уште попоразителни. Да не заборавиме дека стапките на економски раст се уште пониски во изминативе неколку години, што дополнително ја влече економијата уште подолу споредено со другите земји од регионот и со Европа.
Несомнено е дека има многу причини за таквата бавна развојна динамика на земјава визави останатите успешни посттранзициски земји од регионот на ЦИЕ, но јас би потенцирал неколку ограничувачки фактори кои сметам дека се најсуштински. Тие фактори се: 1) ниско ниво на индустријализација, 2) неповолна структура на економијата и ниската извозна конкурентност и 3) недоволен институционален капацитет на земјава.
ФАКТОТ ШТО РЕЛАТИВНОТО УЧЕСТВО НА ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА ВО БДП НА ЗЕМЈАВА Е ПОМАЛО ОД 12 %, СПОРЕДЕНО СО РАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЦИЕ (ЧЕШКА, СЛОВАЧКА, ПОЛСКА, УНГАРИЈА, СЛОВЕНИЈА) КАДЕ ШТО ТОА Е ПОВЕЌЕ ОД 20 %, УКАЖУВА ДЕКА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА Е НИСКО ИНДУСТРИЈАЛИЗИРАНА, ШТО Е ЕДНО ОД КЛУЧНИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВИСОКИ И ОДРЖЛИВИ СТАПКИ НА РАСТ, ОСОБЕНО ЗА МАЛИ ОТВОРЕНИ ЕКОНОМИИ КАКО НАШАВА
Фактот што релативното учество на преработувачката индустрија во БДП на земјава е помало од 12 %, споредено со развиените земји од ЦИЕ (Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Словенија) каде што тоа е повеќе од 20 %, укажува дека македонската економија е ниско индустријализирана, што е едно од клучните ограничувања за обезбедување високи и одржливи стапки на раст, особено за мали отворени економии како нашава.
Дополнително сознанијата од едно мое научно истражување кое неодамна беше спроведено во соработка со Стопанската комора на Македонија ја потврдуваат констатацијата за неповолната структура на економијата и ниската извозна конкурентност на земјава. Имено, резултатите од тоа истражување укажуваат дека земјава се соочува со ниска извозна диверзификација од аспект на бројот на производи што земјава ги извезува со компаративни предности (само 447 производи) од аспект на бројот на извозни компании (помалку од 3 500 компании имаат извозна активност) и од аспект на бројот на земји каде што се пласира тој извоз (земјава извезува со вредност поголема од 200 000 евра во само 80 земји, додека топ 10-те извозни земји апсорбираат дури 85 отсто од македонскиот извоз).
Уште понеповолен е фактот што извозните производи за кои земјава има компаративни предности се производи кои се карактеризираат со релативно низок степен на финализација и додадена вредност, доминантно во примарно земјоделство, текстилна и кожарска индустрија и индустрија за базични и фабрикувани метали. Исклучок од ова се производите од фармацевтската индустрија и производите што ги извезуваат странските компании од ТИР-зоните.
За споредба, Словенија како земја со слична големина извезува со компаративна предност повеќе од 1 100 производи кои доминантно се производи од електро, машинска, автомобилска, хемиска и други индустриски гранки кои се карактеризираат со повисока додадена вредност и степен на финализација. Дополнително, во Словенија извозна активност имаат повеќе од 8 000 компании кои извезуваат со вредност поголема од 200 000 евра во повеќе од 150 земји во светот.
Имајќи ја предвид ваквата состојба на македонската економија се поставуваат две прашања. Првото, дали е возможно значително забрзување на развојната динамика на земјава, што всушност подразбира остварување на стапки на економски раст поголеми од 4 до 5 % во период подолг од 5 до 10 години со оглед дека во развојниот процес на земјава од нејзиното осамостојување до денес тоа не се случило. И второто прашање, која е економската формула за конечно тоа да се случи?
Развојната теорија и резултатите од емпириските истражувања за брзорастечките земји укажуваат дека тоа е можно единствено преку иницирање на процесите на модерна реиндустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори, потсектори и производи кои имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност) и извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи и услуги, бројот на извозни компании и земји каде што се извезува).
Сепак, овие фундаментални развојни процеси воопшто не се едноставни, ниту пак се случуваат ад хок, особено не во посттранзициски и земји во развој. Наспроти ова, светските искуства на успешните земји кои поминале низ нив и успеале да го прескокнат јазот во нивото на економска развиеност, приклучувајќи се денес на високоразвиените земји според својот животен стандард, укажуваат дека тоа било резултат на долгорочна развојна стратегија базирана на модерни и добро координирани економски, индустриски, образовни, инфраструктурни, иновациски политики, проследени со силна посветеност на креаторите на политики во градење стабилни и силни институции.

(фото: usiness-review.eu)
Во таа насока ќе се обидам накратко да елаборирам неколку конкретни чекори и активности што треба да бидат преземени во насока на инцирање на овие суштински развојни процеси со цел да излеземе од тоа ментално ограничување дека нашава економија не може повеќе од тоа што го остварува досега и многу повеќе да покажеме дека и ние како земја можеме да изградиме една успешна приказна во економска смисла.
Прво, потребно е мапирање на стратешките сектори, потсектори и производи за кои македонската економија има потенцијални компаративни предности и реални економски претпоставки да ги развива и да ги гради во иднина. Ваквото мапирање и откривање на развојните потенцијали на земјава е исклучително важно поради понатамошно дизајнирање на соодветни економски, индустриски, образовни, иновациски и друг тип политики кои треба да бидат насочени токму кон идентификуваните стратешките сектори. Тоа произлегува од фактот што ниту државава има институционални капацитети ниту доволно средства во Буџетот да ги поддржува сите сектори истовремено. Наспроти ова, нашава економија треба да се специјализира во оние индустриски гранки и сектори за кои поседуваме реални економски претпоставки да ги развиваме во иднина и сите напори во градење на квалификувани кадри, иновациски потенцијали, техничко-технолошки претпоставки да бидат насочени во таа насока.
Увидувајќи ја важноста и потребата за вакво мапирање на стратешки индустриски сектори, потсектори и производи, Стопанската комора на Македонија во соработка со Меѓународниот институт за бизнис-анализа покрена проект за идентификување на развојните потенцијали и можности за зголемување на нивото на индустријализација преку менување на производната и извозната структура на земјава. Главната цел на проектот е детално проучување на производната и извозната структура на македонската економија и откривање на оние нови производи кои имаат повисока додадена вредност, а кои истовремено во репродукцискиот процес се најблиску до оние производи за кои македонските домашни и странски компании имаат веќе изградени компаративни предности. Кога говориме за слични или блиски производи во синџирот на снабдување, мислиме на сличности од аспект на производни и техничко-технолошки карактеристики, менаџерски и маркетинг-практики, квалификации на работната сила, развиени пазарни релации и слично.
Убедени сме дека резултатите од овие научно засновани истражувања со силна стручно-апликативна вредност можат значително да придонесат во конципирање на нова модерна индустриска политика и креирање национална стратегија за извоз што ќе има цел забрзување на растот на извозот преку зголемување на бројот на извозни компании, извозни производи и подобрување на извозната структура. Дополнително оваа методологија може да биде аплицирана при мапирање на стратешките услуги во рамките на одделни услужни дејности кои може да бидат предмет на извоз, како на пример, ИТ-услуги, различни форми на туристички услуги, финансиски услуги, логистички услуги и сл.
ВАЖНО Е ГРАДЕЊЕ НА ИНСТИТУЦИОНАЛЕН МЕХАНИЗАМ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КАКВО БИЛО ПОЛИТИЧКО ВЛИЈАНИЕ ВО БИЗНИСОТ И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРЕДВИДЛИВОСТА И НА ДЕЛОВНАТА СИГУРНОСТ НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР СО ЦЕЛ ИНИЦИРАЊЕ ДОЛГОРОЧНИ ИНВЕСТИЦИСКИ ПРОЕКТИ ОД СТРАНА НА КОМПАНИИТЕ КАКО ГЛАВЕН ПРЕДУСЛОВ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОДУКТИВНОСТА НА ЕКОНОМИЈАТА
Второ, потребно е обезбедување системска поддршка од државава за спроведување на детални дијагностики и скенирање на компаниите во рамките на претходно идентификуваните стратешки сектори кои имаат потенцијал за развој со цел адресирање на проблемите и на критичните области (кадровски, менаџерски, пазарни, техничко-технолошки, производни) за кои е потребно подобрување како основа за градење на конкурентски предности за извоз. На тој начин ќе се обезбедат точни информации за реалните потреби на компаниите што, де факто, ќе биде водич за креаторите на економските политики како да ги конципираат вистинските мерки за поддршка на домашните извозно ориентирани компании.
Трето, потребно е редефинирање на политиката за привлекување на СДИ во насока на селектирање на оние странски компании кои ќе генерираат најголеми директни и мултипликативни ефекти за домашната економија. Досега во политиките за привлекување на СДИ се гледаше единствено на директните ефекти што можат да ги испорачуваат странските компании во делот на висината на инвестицијата и бројот на новокреирани работни места, а не на тоа колку тие компании ќе создадат дополнителна вредност во економијата преку индуцираните канали. Тоа на крајот имаше за резултат ниска интегрираност на домашните компании во нивните синџири на снабдување и многу мала домашна додадена вредност во нивниот извоз.
Ова имплицитно ја наметнува потребата од спроведување длабински секторски анализи и студии со цел проучување на репродукциските врски и поврзаности во синџирите на снабдување во конктекст на домашната производна и индустриска структура. На тој начин јасно ќе се посочи кои компании и кои сектори се најподобни за привлекување во земјава, земајќи ги однапред предвид можностите на домашните компании да се вклучат како нивни доставувачи. Само на тој начин може да се намали увозната компонента на извозот на СДИ и да се обезбеди целосно искористување на потенцијалните позитивни ефекти на СДИ за домашната економија.
Четврто, не помалку важно, државава конечно треба сериозно да се зафати со спроведување на структурните реформи и јакнење на институционалните капацитети како главен предуслов за креирање најдобар деловен амбиент и поволни услови за водење бизнис што, де факто, претставува базична основа за градење на поголема конкуретност на приватниот сектор во секој сегмент.
Во таа насока, прв чекор е суштинска, а не како досега само декларативна деполитизација и професионализација на јавната администрација со цел подобрување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните и за компаниите. Не помалку важно е градење на институционален механизам за спречување на какво било политичко влијание во бизнисот и зголемување на предвидливоста и на деловната сигурност на приватниот сектор со цел иницирање долгорочни инвестициски проекти од страна на компаниите како главен предуслов за зголемување на продуктивноста на економијата.
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)